Тодоров задоволен од пилот-проектот за упатување на пациентите

Министерот за здравство Никола Тодоров е задоволен од имплементацијата на пилот-проектот за упатување на пациентите кој се тестираше изминатите два месеци, со цел да се растоварат универзитетските клиники во Скопје.

На денешната прес-конференција, Тодоров соопшти дека прелиминарните податоци од клиниките говорат дека е постигнат ефект, односно се забележува намален број амбулантски прегледи и хоспитализирани пациенти на клиниките во Скопје.

- Изминаа два месеци од спроведување на пилот-проектот за упатување на пациентите низ целата земја со кој беа воведени нови правила. Целта беше да се тестира новиот концепт на упатување, за да се овозможи јасна евалуација на концептот на терен и во соработка со лекарите да се согледаат евентуалните недостатоци пред законската имплементација на проектот, рече Тодоров.

Министерот информираше дека на Институтот за радиологија во Скопје, споредбено со истиот период лани, се забележува намалување од 14 отсто на извршените дијагностички интервенции, а намалување на амбулантски пациенти се забележува на Клиниката за кардиолоија за 10 проценти и на клиниките за очни болести и пулмологија за 21 отсто.

- На Институтот за ТБЦ намалувањето изнесува дури 51 отсто, на ортопедија 4 проценти, а на гастро 3 отсто. Изминатите два месеци, во однос на истиот перод лани, забележано е и намалување на бројот на стационарни пациенти на Клиниката за урологија за 36 отсто, на Институтот за ТБЦ 94 проценти и на Клиниката за очни болести 83 проценти. Сосема очекувано, што беше и наша цел, како резултат на намалување на амбулантските прегледи во Клиничкиот центар во Скопје, се случи зголемување на бројот на прегледи и интервенции во Градската општа болница „8 Септември“ и во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“  во Скопје, рече Тодоров.

Во Градската општа болница „8 Септември, потенцираше министерот, е забележано 83 процентно зголемување на бројот на амбулантски пациенти, додека процентот на зголемување на стационарни пациенти изнесува 37 отсто.

- Генерално може да се констатира дека пилот-фазата ги исполнува очекувањата во однос на ефектите. Тоа беше и наша примарна цел, да постигнеме намалување на бројот на пациенти кои добиваат амбулантски или болнички третман на универзитетските клиники во Скопје и да постигнеме зголемување на бројот на пациенти кои оваа услуга ја добиваат во секундарно ниво, рече Тодоров.

Според него, увидени се и определени недостатоци при функционирањето на овој пилот-проект. - Еден од проблемите кои го увидовме е дека не се прифаќаат интерклиничките упати кога има потреба да се префрли лежечки болен од една на друга клиника. Тоа е проблем, бидејќи се приморува пациентот да обезбеди болнички упат од својот матичен лекар и на тој начин практично се шетаа пациентите низ клиниките, но ова во иднина ќе биде променето, подвлече Тодоров.