Пуштен во употреба нов објект на Министерството за финансии

Повисок животен стандард, со повисоки плати, пензии,... намалување на невработеноста, повеќе инвестиции, се очекувањата на премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески за идното работење на секторите и органите на Министерството за финансии, коешто од вечерва и официјално работи во нов објект во центарот на Скопје.

Во доизградбата на старата зграда, којашто долги години беше карабина со лош изглед за центарот на градот, Владата инвестираше 15 милиони евра. Во новиот објект именувана „Палата 23 октомври“ организациските единици на Министерството за финансии првпат добија сопствени простории.

- Очекувам да продолжи работењето со коешто ќе се создаваат подобри услови за се повеќе постојни и нови инвеститори да продолжат да отвораат нови работни места во Македонија, а Министерството за финансии е еден од столбовите за оваа работа. Очекувам повисоки пензии и плати, да продолжат да растат, да продолжи да расте и социјалната помош и уште побрзо да се намалува невработеноста од сега, рече премиерот Груевски на пуштањето во употреба на објектот.

Од новиот објект, додаде, нека излегуваат многу нови проекти и информации кои ќе донесат повеќе успеси за Македонија.

Со ставањето во функција на зградата, наведе Груевски, се решава деценискиот проблем на Министерството за финансии и неговите организациски единици. Веќе нема да се плаќа по 600 илјади евра годишно за кирии, а тие пари ќе се искористат за други позначајни намени.

Граѓаните, пак, нема да губат време и да одат во повеќе институции за да завршат работа.

- Тука ќе биде се, се што е поврзано со МФ и Управата за јавни приходи и Бирото за јавни набавки.... Работата ќе биде повеќе интегрирана, службите ќе бидат во еден објект, а граѓаните ќе добиваат поквалитетна и побрза услуга, рече Груевски.

Според него, се става крај на исклучително лошата слика која во изминатите 20 години беше синоним за овој дел од центарот на Скопје. Зградата од синоним за хорор и страв денес гради нова историја и поубава иднина, но, посочи Груевски, е значајна и од естетски визуелен и севкупен туристички аспект. За разлика од порано кога граѓаните се плашеа од оваа зграда, а туристите се чудеа и бегаа од неа денес имаме една од најубавите згради во Македонја и Скопје, објект кој целосно се вклопува во новиот изглед на главниот град, кој го привлекува окото на домашните жители, но и на туристите, наведе премиерот.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека МФ првпат добива нова зграда и лик, која, како што рече, во иднина кога ќе се спомене Министерството ќе се поврзува со сликата на таа институција.

Со доградбата на овој објект, што е започнат пред 25 години, според Ставрески, конечно е надминат проблемот што се јавуваше поради користење различни локации во кои беше сместено МФ и го отежнуваше нормалното и ефикасно работење.

- Новата зграда на МФ има 14.000 метри квадратни распоредени на 11 нивоа, а она што особено ме прави горд е што освен убавината на овој објект е што истовремено е и извонредно функционален објект, којшто е енергетски најефикасен во Македонија. Се работи за современа градба особено во делот на функционирањето на системите за ладење, греење, и се што една зграда ја прави современа и енергетски ефикасна, рече Ставрески, посочувајќи дека новиот обејкт спаѓа во групата на смарт згради насочени кон заштеда на енергија и заштита на околината.

Како министер, нагласи, очекувам во новата зграда да се направат нови проекции за раст на македонската економија за кој во иднина се надеваме дека ќе биде повисок и ќе овозможи нови работни места. Очекувам секторот за макроекономија да биде на висина на задачата, буџетот и трезорот да продолжат со навременото исплаќање на обврските кон граѓани и фирмите и планирањето на буџетот, Бирото за јавни набавки да заштеди значителни средства, ......

Очекувам, додаде, секторите даноци и царина да ги задржат најниските даноци во Европа и да овозможат Македонија и натаму да има најдобра бизнис клима, а финансискиот сектор да помогне да ја задржиме стабилноста на банкарскиот систем, сите заедно да го реализираме проектот отпис на долгови и да им помогнеме на граѓаните, да продлжиме со проектт „Купи куќа купи стан“.

Во новата зграда се сместени современ прес-центар, како и конференциска сала и најсовремена компјуреска систем сала која, според Ставрески, ќе овозможи непреченофункционирање на Министерството за фианнсии, а пред се на трезорот и буџетот, како витални сектори и на платниот промет на државата.