Проект за јакнење на капацитетите на АВРМ

Со 1,2 милиони евра, средства од фондовите на Европската унија, ќе се зајакнуваат капацитетите на Агенцијата за вработување и нејзините центри за подобрување на пристапот на невработените лица на пазарот на труд преку проектот „Поддршка на АВРМ за имплементација на активни мерки и услуги на пазарот на труд“ кој беше презентиран денеска во Скопје.

Во рамки на проектот, кој ќе се спроведува во наредните 24 месеци, предвидени се обуки за вработените од АВРМ и социјалните партнери и размена на практики и искуства од ЕУ во насока на подобрување на постојните мерки, но и креирање нови иновативни мерки за вработување.

Ќе се направи и истражување за досегашната имплементација на одредени активни мерки за вработување, односно за нивната целисходност и ефикасност, што треба да послужи како основа за воведување нови мерки за вработување, односно за продолжување на мерките кои дале добри резултати.

Овој проект, како што посочи министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, е продолжение на континуираниот процес на активностите насочени кон подобрување на квалитетот ефикасоноста и ефективноста на услугите на АВРМ.

Додаде дека ваквите проекти се во склад со активностите и мерките на Владата за намалување на стапката на невработеност и подобрување на животот на граѓаните. За таа цел, рече од 2007 година наваму се носат Оперативни планови за импементација на посебни мерки и политики за вработување финансирани од Буџетот на Република Македонија.

- Досегашното искуство покажа дека планираните програми и мерки целосно се реализираат, со што се влијае на можностите за вработување, се подобруваат знаењата и вештините на невработените лица, се поттикнува вработувањето и се овозможува полесен пристап и вклучување на невработените лица до пазарот на труд, рече Спасов.

Појасни дека од 2007 година досега со владините мерки и програми се опфатени 72.010 невработени лица, а се реализирани над 40.000 вработувања.

- Покрај постојните мерки за вработување, како што се поддршката на догорочно невработените лица, ранливи групи и млади, самовработување и практиканство, субенционирано вработување се јавува потребата за поддршка и имплементација на нови активнио мерки за вработување. Во таа насока поддршката преку ИПА проектите на политики за вработувања, меѓу кои и овој твининг проект е од големо значење за имплеметација на програмите и мерките за вработување, туку и да се подобрат механизмите за следење на ефектите од постојните мерки за вработување и дефинирање нови мерки, рече Спасов.

Мартин Клауке од Делегацијата на Европската унија во Македонија истакна дека целта на проектот е да придонесе за зголемување на вработеноста и унапредување на животниот стандард на луѓето.

- Иако во последните години има подобрувања на активните мерки на пазарот на трудот, сепак стапката на невработеност е се уште висока. Затоа се потребни вакви проекти со кои ќе се даде поддршка на АВРМ и всушност ќе се овозможи подобрување и модернизирање на јавниот сектор и услугите на јавните институции, рече Клауке.

Додаде дека со проектот ќе се подобри понудата и побарувачката на пазарот на труд за, како што рече, овозможување нови мерки ни услуги на пазарот на трудот и доближување до стандардите на ЕУ.