Премиерот Никола Груевски и владината делегација се обратија на бизнис-форум во Турција

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и владината делегација, денеска (понеделник, 15.09.2014 година) присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Коџаели, Република Турција, при што ги презентираа поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија.

Бизнис форумот беше организиран во соработка со Индустриската зона во Коџаели, и на него присуствуваа менаџери од повеќе компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, хемиската индустрија, како и претставници од металската и текстилна индустрија.

Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните се задржа на реформите и достигнувањата кои ги има државата а се важни за остварување на економска соработка. Премиерот Груевски посочи дека државата има стабилна макроекономска состојба и стабилен  и низок процент на инфлација, што е особено значајно за странските инвеститори.

„Ние сме најмногу фокусирани на создавање на добра бизнис клима и тоа е нашиот приоритет, која ќе ги охрабри домашните компании да направат нови инвестиции и ќе ги привлече странските компании да дојдат во Македонија и таму да ја направат својата нова инвестиција. Во 2006-та година кога дојдовме во Владата, Светската банка ја рангираше Македонија на 94-то место според условите за правење на бизнис, денес сме на 25-то место во светот”, истакна премиерот Груевски.

„Имаме раст на бруто домашниот производ, кој за овој период е највисок во Европа. Во првиот квартал е 3.9%, а во вториот квартал 4.3%. И покрај сериозните предизвици со кој се соочува европската економија ние нашите сили ги насочуваме кон развој на економијата и унапредување на бизнисот и нудење на поволни услови за инвестирање”, изјави премиерот Груевски.

Премиерот Груевски ги потенцираше останатите поволности за странските инвеститори осврнувајќи се на ниските даноци. „Република Македонија е земја со најмали трошоци за правење на бизнис. Воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10% што е меѓу најниските во Европа”, изјави премиерот Груевски. Тој потенцираше дека освен добрите економски параметри и инвестициските поволности се инвестира и во другите области кои се важни за секој инвеститор.

Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески се задржа подетално на карактеристиките на македонската економија, како и на успешната приказна на повеќе странски инвеститори, кои поради добрите резултати и услови за работа се одлучија да отпочнат со своите втори инвестиции во Република Македонија.

Тој посочи дека кредитната агенција Фич во септември 2014 година го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст.

Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски се осврна на поволностите за инвестирање кои ги нудат технолошко- индустриските развојни зони, кои веќе ги користат повеќе големи компании.

На форумот свое обраќање имаше извршниот директор на Стопанската зона Коџаели, г-дин Ајхан Зејтиноглу.

„Нашата цел е да потенцираме се што имаме како економски потенцијал, а верувам дека со постигнувањата на вашата држава Македонија ќе можете да ги искористите тие потенцијали кои ви се на располагање”, изјави Зејтиноглу. Меѓу другото тој говореше за потенцијалите на областа Коџаели кои може да се искористат при што потенцираше дека се работи за област во која е сконцентрирана хемиската, основната металска и автомобилска индустрија. „27% од хемиската индустрија на Турција се наоѓа во областа Коџаели, а исто така присутни на овој пазар се компании „Форд“, „Хонда“ и други. Тука се присутни 13 организирани индустриски зони, 3 технолошки паркови и 2 слободни трговски зони. Затоа соработката која сакаме да се воспостави треба да го помогне растењето на економијата”, изјави Ајхан Зејтиноглу.

Извршниот директор на Турската компанија ОХИ Груп, г-дин Јуксел Ишбилир која минатата недела потврди дека ќе отвори фабрика за гуми во Битола која ќе вработи 400  работници истакна дека во Република Македонија постојат најдобри услови и околности да се започне со инвестиција.

„Затоа ние одлучивме да инвестираме и основавме компанија во Битола и планираме да започнеме со производство на лепенки  за гума и други производи од гума најкасно во октомври”, изјави Ишбилир.

Тој испрати и порака до останатите странски инвеститори. „Мојата порака до останатите странски инвеститори е многу едноставна и јасна, најпрво треба веднаш да ја посетат Македонија и да го стекнат првиот впечаток и ако тие веруваат дека има можности за бизнис и поволни услови за извоз треба да дејствуваат многу брзо”, изјави Ишбилир. Тој посочи дека покрај првичните имаат и пошироки понатамошни планови за инвестирање во Македонија и проширување на бизнисот, но прво се фокусирани на првичната инвестиција која треба да се реализира.