Нови 20 експерти во домашните компании

Проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании е проект кој носи корист за домашниот бизнис сектор, и негова интенција е унапредување на способностите и деловните процеси во македонските компании, зголемување на продуктивноста, економичноста и ефикасноста на бизнисот и создавање на дополнителна додадена вредност на процесот на деловна активност.

Би сакале да информираме дека е завршен првиот циклус на конкретното ангажирање на странските експерти во домашните компании, во рамките на кој во изминатиот период 20 странски експерти, претежно од Холандија и Германија, престојуваа во нашата земја и работеа во рамките на домашните компании кои тоа го побараа. Согласно контактите кои ги имаме со компаниите, тие позитивно се изразија за квалитетот на експертите, истакнувајќи дека компанијата имала корист од работата на експертот кој помогнал да се унапреди некој производствен или друг деловен процес, претежно во областа на технологијата на производството, но и во маркетингот, и во менаџментот. Исто така компаниите истакнаа дека повторно во следна можност би користеле услуги на ваков вид експертиза од странство.    

Денес сакаме да информираме дека започнува вториот циклус во ангажирањето на странските експерти во работата на домашните компании. Започнувајќи од оваа седмица, во следниот период од 45 до 60 дена, во нашата земја ќе престојуваат нови 15 до 20 странски експерти кои ќе работат во рамките на домашните компании кои побарале таква поддршка врз основа на јавниот и транспарентен оглас кој беше објавен.

За нас е значајно дека овие нови експерти кои ќе помогнат на македонските компании, ќе работат во компании кои функционираат во различни региони на целата територија на државата, со што се обезбедува соодветна географска покриеност.

Исто така за нас е значајно дека експертите во вториот циклус ќе работат во компании кои се различни по својата големина, односно ќе ги даваат своите совети на компании кои имаат до 50 вработени, на компании кои имаат од 50 до 200 вработени, но и на компании кои имаат над 200 вработени, со што пак се дава опфат со проектот и на малиот, средниот и на големиот бизнис.         

Во однос на индустријата каде што ќе доаѓаат, најголем број на експерти ќе дојдат во домашните компании од преработувачка индустрија, но и во компании од производствената, техничка и технолошка индустрија, и во сферата на информатичко комуникациската дејност.

Она што исто така е значајно да се истакне е дека во овој втор циклус покрај експерти од Холандија и Германија кои беа застапени во рамките на првиот циклус, сега се проширува таа кадровска основа и потенцијал и во вториот циклус покрај експерти од Холандија и Германија, ќе имаме и ангажман на експерти од Швајцарија, Австрија, Италија и од Европската банка за обнова и развој.

Обезбедувањето на експертите е направено во консултации со компаниите кои ги побаруваат, и со нашите меѓународни партнери со кои соработуваме на овој проект. По првичниот контакт и селекција на експертот во заедничка соработка, на компаниите им беше овозможено директно да исконтактираат со експертот за да го прецизираат конкретниот дел од работниот процес кој треба да биде покриен за на крај да се воспостави и конкретната соработка.

Компаниите во однос на овие експерти, или ќе немаат никаков трошок, или пак ќе имаат минимален трошок во вид на минимален партиципативен надомест кој би го уплатиле по претходна нивна задолжителна согласност, и тој надомест во однос на другите трошоци е минимален затоа што ги покрива претежно споредните аспекти на ангажманот. Главните трошоци во поглед на обезбедување на експертот, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации во рамките на билатералната соработка.

Ние сметаме дека и во овој нов втор циклус, исто како и во првиот ќе се остварат целите на проектот, а тоа е компаниите да имаат конкретна корист од ангажираниот експерт, односно со неговите совети да се придонесе во унапредувањето на работата на компанијата и поголема нејзина профитабилност. Тоа е од интерес не само за компаниите и нивните сопственици, туку и за вработените во компаниите и за отворањето на нови работни места, но и за локалниот и општиот економски раст и развој на Република Македонија.