Наскоро фабрика за целулозен етанол во Прилепско

Ирската компанија Етанол Јуроп Рињуабл и американската ДуПонт наскоро ќе почнат со изградба на најсовремена фабрика за производство на целулозен етанол во Прилепскиот регион. Тоа го предвидува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерот за странски инвестиции Бил Павлески со претседателот на Етанол Јуроп Рињуабл, Марк Тарли и директорот на ДуПонт, Јан Конинг, чија цел е да овозможи олеснување на развојот на нивниот проект.

- Проектот предвидува изградба на современа биорафинерија со капацитет од 100 милиони литри, а производството ќе биде наменето за светскиот пазар. Вкупната инвестиција за период од пет години ќе изнесува над 250 милиони евра и ќе се креираат 1.000 директни вработувања. Градбата на фабриката би започнала во 2016 и би траела две години, рече министерот Павлевски по потпишувањето на Меморандумот.

Тој посочи дека фабриката за етанол ќе значи ревитализација и целосно заживување на Мариовскиот регион кој години наназад беше целосно запуштен и замрен, бидејќи  инвеститорите ќе одгледуваат култури за производство на етанол на запуштено земјоделско земјиште во Прилепско.

- Воедно овој проект ќе и донесе на Македонија значителен економски раст особено во руралните средини, потенцијално придонесувајќи со повеќе од 100 милион евра годишно извоз и намалување на стапката на невработеност преку директни и индиректни вработувања,  рече Павлевски.

Со примената на модерни земјоделски практики на напуштените и деградираните земјоделски површини во Мариовско, нагласи, конкурентноста на земјоделството во Македонија ќе се подигна на значително ниво, а проектот ќе придонесе и за развојот на практики на одржлив синџир на снабдување во земјоделството.

Според Павлевски, фабриката за производство на етанол може да стане глобален пример на климатските придобивки од напредните биогорива и биопластика преку нивната употреба во напуштените и деградирани земјоделски површини.

- Потенцијално заштедите на емисиите на стакленички гасови од етанол од македонската постројка за производство на целулоза би можеле да надминат 100 проценти според методологијата на Директивата на ЕУ за енергија од обновливи извори, без никакви негативни влијанија врз безбедноста на храната, рече Павлевски и додаде дека проектот ќе биде спроведен според сите европски регулативи за заштита на животната средина и безбедност при работа.

Претседателот на Етанол Јуроп Рињуабл, Тарли посочи дека преговорите за изградба на фабриката во Прилепско со Владата и општина Прилеп траеле повеќе од две години и додаде дека етанолот направен од растителни извори е најзначајна замена за фосилните горива кои се употребуваат во автомобилите и домовите.

- Етанолот е и една од најдобрите можности кои ни се на располагање за да се вратат повторно во живот европските помалку населени рурални области и да се создаде рурален развој кој е одржлив. „Пелагонија етанол проектот“ ќе одгледува растенија за производство на енергија, како и прехранбени растенија на површина од околу 20 илјади хектари  на напуштено и деградирано земјиште во Пелагонија и Мариово, рече Тарли и додаде дека растенијата кои ќе се одгледуваат ќе го започнат процесот на претворање на напуштеното земјиште во продуктивен дел во македонската економија.

Директорот на ДуПонт, Конинг  рече дека во моментов градат фабрика за целулоза и етанол во САД која ќе служи како пример за фабриката што треба да се гради во Прилепско.

- Исто како со проектот што го градиме во САД гледаме големи придобивки и од проектот во Прилеп за земјоделците и за заедницата. ДуПонт е лидер во земјоделството и добрата на земјоделскиот сектор во целиот свет се многу важни за нас, рече Конинг.

Претходно денеска претставниците на Етанол Јуроп Рињувабл и ДуПонт ги прими премиерот Никола Груевски.

Категорија: