На продажба пет детски одморалишта

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев    

Почитувани,

Една од стратешките определби на Владата на Република Македонија е реализација на политиките за раст и развој на туризмот, која се карактеризира со поголем број на мерки и активности, од чија што имплементација во последните неколку години имаме позитивни резултати за што најголем показател е континуираниот раст на дејноста и растот на бројот на туристите.

Со цел продолжување на оваа позитивна практика, со цел давање на можности за збогатување на туристичката понуда, но и заради влез на приватен капитал во дејноста социјална заштита, и со цел ослободување од дел од несуштинскиот имот кој е во сопственост на државата, и давање на можности за компаниите за започнување на бизнис, остварување на приход и вработување на граѓани, Владата во текот на летниот период ја усвои програмата и акцискиот план за овозможување на влез на приватен капитал и приватна иницијатива во дел од поранешните детски одморалишта.

За реализација на оваа програма во текот на минатата недела е објавен јавен оглас во кој се содржани шест поранешни детски одморалишта кои се понудени за продажба на приватни инвеститори. Притоа пет од овие шест одморалишта по продажбата ќе ја задржат дејноста туризам, а едно одморалиште согласно огласот ќе треба да биде пренаменето во приватен дом за згрижување на стари лица.

Овозможувањето на влез на приватен капитал ќе се изврши преку отуѓување, односно продажба на имотот кој се наоѓа во овие детски одморалишта, кои се сега вон употреба, имот кој е во сопственост на Република Македонија, а чиј корисник е Министерството за труд и социјална политика.

Предмет на продажба се следните поранешни детски одморалишта:
-Ѓуриште во Свети Николе, со капацитет од 1060 м2, и почетна цена на наддавање од околу 57000 евра;
-Шула Мина во Крушево, со капацитет од 1216 м2, и почетна цена на наддавањето од околу 75000 евра;
-Суви Лаки кое се наоѓа помеѓу Берово и Струмица, со капацитет од 3446 м2, и почетна цена на наддавањето од 170 000 евра;
-Николиќ во Дојран, со капацитет од 6082 м2, и почетна цена на наддавањето од околу 315 000 евра;
-Малешево во Берово, со капацитет од 4001 м2, и почетна цена на наддавањето од 515 000 евра.

Согласно огласот и согласно постоечките детални урбанистички планови, новите потенцијални сопственици на овие капацитети по нивното купување треба да ја задржат дејноста туризам.

За одморалиштето во Пехчево, кое е со капацитет од 435 м2, и има почетна цена на наддавањето од 23 000 евра, новиот потенцијален сопственик ќе треба по купувањето да ја промени дејноста и да воспостави бизнис од областа на социјалната заштита поточно згрижувачки дом за стари лица, и тоа ќе треба да го направи во рок од 24 месеци согласно правилата во огласот кој е објавен.  

Проценката на цената на одморалиштата е утврдена од Бирото за судски вештачења, а за максимална транспарентност при продажбата е предвидено истата да се одвива преку електронски систем по пат на јавно надавање, односно преку електронска јавна аукција која ќе се одржи во точно утврден период во средината на месец декември 2014 година.

Сите детали поврзани со одморалиштата се веќе објавени во јавниот оглас. Имотот кој ќе биде продаден ќе стане сопственост на купувачот кој ќе понуди највисока цена, и тој на истиот имот ќе може да организира свој автохтон бизнис и истиот самостојно да го води и да обезбедува приходи.

Ова е добра можност за развој на бизнисите, и затоа ги охрабруваме сите заинтересирани компании во овој период од 60 дена до одржувањето на јавната електронска аукција да ги проучат можностите за инвестиција, да направат бизнис проценки и да аплицираат на огласот. Во Министерството за труд и социјална политика може да се добијат консултации, одговори на прашања и давања на податоци кои се од интерес за потенцијалните инвеститори.

Овие детски одморалишта во минатото имале свој бренд, и денес можеби избледен тој бренд се уште постои, населението кое живее во овие региони има искуство со работа во дејноста туризам, а локациите на кои се наоѓаат овие одморалишта кои се предмет на продажба и дел од инфраструктурата во нив даваат можност за реализација на бизнис и работа во сферите на планинскиот, алтернативниот, руралниот или езерскиот туризам, што дава можности за доходовен бизнис за компаниите кои би инвестирале и можност за отворање на нови работни места. Доходовен бизнис и нови работни места може да се остварат и во дејноста социјална заштита на стари лица, за што е понудено на продажба одморалиштето во Пехчево.