Отворен Центар за превенција при СВР Скопје во населбата Маџари

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски денеска го промовираа првиот Центар за превенција за одржување работилници со граѓаните што го организира Одделението за превенција при СВР Скопје, кој се наоѓа во населбата Маџари. 

Целта е да се создадат услови полицијата да биде колку е можно поблиску до граѓаните, истакна министерката Јанкулоска и додаде дека во самиот Центар јавно ќе биде објавен и распоредот на полициските службеници кои ќе имаат „отворен ден“.

- Нашето искуство покажува дека понекогаш граѓаните се воздржуваат од одење во полициска станица од најразлични причини. Некогаш тоа е оддалеченоста од местото на нивното живеење, некогаш непријатното чувство да одат во полициска станица, но сите овие  фактори кои влијаеја на намалена комуникација на овој начин се елименираат и очекуваме интензивна комуникација со граѓаните, изјави министерката за внатрешни работи, информирајќи оти вакви центри ќе се отворат и во другите општини.

Таа констатира дека со зголемените активности на превентивен план состојбите на територијата на општина Гази Баба споредено со лани по сите области значително е подобрена во насока на намалвуање на вкупниот број кривични дела, на сообраќајни прекршоци и прекршоци во јавниот ред и мир.

Бенефитот од отворањето на центарот, смета градоначалникот Трајковски, ќе биде зголемена комуникација со граѓаните, кои во континуитет ќе можат да добиваат информации од службените лица од Полициската станица во Гази Баба, а ќе можат  да даваат идеи, предлози и сугестии по различни прашања.

- Само со вакви проекти можеме да ги намалиме сите оние девијантни појави кои се случуваат. Треба повеќе да делуваме превентивно, изјави градоначалникот Трајковски, апелирајќи до граѓаните да го користат Центарот.