Нов оглас за активни мерки за самовработување и отворање нови работни места

Заинтересираните физички и правни лица во наредните десеттина работни дена ќе можат да аплицираат за добивање средства во рамки на Проектите за самовработување со кредитирање, за самовработување со кредитирање за невработени млади лица до 29 години, за кредитирање микро и мали претпријатија за отворање нови работни места и за кредитирање микро и мали претпријатија за отворање нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст.

Целта на овие мерки, како што појасни на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, е да се создаваат и креираат можности за сите невработени лица, но и да се поттикнат сите оние кои имаат сопствен бизнис, идеја и концепт за развој на сопствена компанија да се активираат.

- Би сакал да ги мотивирам сите оние кои размислуваат за основање сопствен бизнис, особено младите да ја искористат оваа шанса и да подигнат поволен кредит за самовработување и отворање нови работни места  со што не  само што ќе се отворат нови работни места, туку и ќе се поттикне и развие претприемништвото, рече Спасов.

Кредитобарателот од средствата за самовработување млади до 29 години може да подигне 7.000 евра, а за секое ново отворено работно место дополнителни 4.000 евра  при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра,  рок на враќање на средствата е 7 години со грејс период од 18 месеци и  каматна стапка од 1 процент на годишно ниво.

- Сакам да ги поттикнам и сите приватни компании кои планираат да отворат нови работни места за млади, да ја искористат оваа шанса и да аплицираат за поволниот кредит при што доколку вработат младо лице можат да подигнат кредит до 4.000 евра за секое вработување или до 12.000 евра за вкупно три вработувања, при што рокот на враќање е 2 години со грејс период од 1 година и само 1 процент каматна стапка, рече Спасов.

Сите заинтересирани субјекти и невработени лица може да поднесат барања за учество во некоја од овие мерки, или да се обратат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Република Македонија, каде што исто така, можат добијат  детални информации. 

Министерот Спасов истакна дека ваквите мерки во изминатиот период дале исклучителни резултати.

- Од 2008 до 2014 година со Програмата за самовработување со кредитирање регистрирани се 2.747 фирми од кои 2.153 се активни, или во проценти 78.3 проценти. Во овие  фирми се вработени  вкупно 3.290 лица. Додека пак од 2014 година предвидовме повеќе погодности за младите и посебно дизајнирани мерки при што започнавме и со имплементација на програмата Самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години. За неа 343 кредитобаратели поднесоа апликации за вработување на 383 лица. При тоа склучени се 131 договор за вработување на 147 лица, појасни министерот Спасов.

Тој ја искористи приликата уште еднаш да ги повика невработените лица и приватните компании да ги искористат овие погодности кои, како што рече, ќе придонесат во развојот на македонската економија и напредокот на државата.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски информира дека огласот за аплицирање за овие проекти е распишан вчера и ќе трае 10 работни дена.

Сите заинтересирани, рече, информациите можат да ги добијат на веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Македонија, или како што рече, во самата Агенција или 30-те центри низ Македонија.