Владата одлучи од следната недела да почне доисплата на земјоделските субвенции

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 14.11.2014 година) оствари средба со претставниците на земјоделските здруженија.

На средбата присуствуваа г-дин Вељо Тантаров претседател на Сојузот на земјоделците, г-дин Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделци , г-дин Никола Стаменов претседател на Федерација на фармери и г-дин Ставре Јанев претседател на Синдикатот на земјоделците, како и заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство г-дин Ванчо Костадиновски.

На средбата се разговараше за поголем број на проекти, мерки и активности во областа на земјоделството.

Соговорниците дадоа позитивна оценка за соработката која се остварува помеѓу институциите на државата и земјоделските субјекти, и ја истакнаа својата посветеност за понатамошно унапредување на сите сфери кои се од интерес за земјоделскиот сектор во земјата.

Премиерот Груевски ја истакна силната посветеност и фокусираност на Владата кон континуираното обезбедување на услови и можности за раст и развој на земјоделската дејност. Тој истакна дека развојот на земјоделството е стратешка определба на Владата и дека земјоделците секогаш може да сметаат на владината поддршка.  

Соговорниците разговараа за делот на доисплатата на земјоделските субвенции за кои постоеја определени предизвици кои беа предизвикани од процедурални и технички причини.

Претседателот на Владата истакна дека на минатата владина седница беше разговарано за оваа тема, при што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираше дека се надминати процедуралните и технички предизвици и дека предметите се комплетирани. Премиерот Груевски ги информираше претставниците на земјоделците дека врз основа на оваа информација Владата одлучи од следната недела да се започне со доисплата на овие субвенции  кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот.
Претставниците на земјоделците ја поздравија оваа одлука и истакнаа дека средствата кои ќе се добијат од Владата ќе придонесат за работата и развојот на земјоделците.

Воедно беше договорено дека согласно календарот за исплата на субвенции, во текот на месец ноември ќе се започне со исплата на субвенциите за житните земјоделски култури од реколтата во 2014 година.

Исто така соговорниците разговараа и за претстојниот почеток на откупот на оризот и тутунот од овосезонските реколти при што беше истакната заедничката посветеност да се преземат сите потребни мерки и активности со цел да се креира квалитетен амбиент за реализација на откупот кој ќе обезбеди почитување на интересите на засегнатите страни.

Соговорниците разговараа и за други проекти од областа на земјоделството