Груевски-Јакаб: СЗО со позитивни оценки за кампањата за здрава храна

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска (понеделник, 17.11.2014 година) оствари средба со претседателката на Светската здравствена организација за Европа, г-ѓа Зузана Јакаб.

На средбата соговорниците разменија мислења за актуелните политики на Владата во делот на здравството, главните стратешки цели и дејствувања, како и за соработка во повеќе заеднички сфери.

Премиерот Груевски посочи дека Владата на Република Македонија посветува големо внимание за унапредување на здравјето на граѓаните и реформи во здравствениот систем и истите се наоѓаат во врвот на приоритетите во работата на Владата. Токму за таа цел минатата година беше формиран и Комитет за здравје и животна средина на кој се креираат владините политики и се предлагаат реформски мерки чија цел е унапредување на состојбите во посочените сфери, истакна премиерот Груевски.

Истовремено, премиерот Груевски го информираше својот соговорник дека Владата започна со сеопфатна кампања за придобивките од консумирање на здрава храна и водење на здрав начин на живот, чија цел е заштита на здравјето на граѓаните и превенција од разни заболувања. Преку оваа кампања се споделуваат фактите и информациите од непридржувањето кон здравиот начин на живот и здрава храна и преку едукативен пристап се влијае врз намалување на причинителите кои може да доведат до загрозување на здравјето на граѓаните, изјави Груевски.

Премиерот Груевски се осврна и на останатите реформи кои се превземаат во сферата на здравствениот систем, како што е обуката на лекари и размена на медицински персонал, реконструкција и опремување на болниците и подобрување на квалитетот на здравствените услуги.

Претседателката на Светската здравствена организација за Европа Зузана Јакаб го поздрави напредокот кој е направен во поглед на реформскиот процес, како и видливите влијанија од реформите кои се превземаат во тоа поле. Г-ѓата Јакаб посочи дека ја поддржува работата на Владиниот комитет за здравје и животна средина, како и фактот што со него претседава Претседателот на Владата што пак го покажува нивото на внимание и посветеност на Владата кон преземање на ефективни чекори во поглед на зачувување на здравјето на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.

Истовремено, претседателката на СЗО за Европа г-ѓа Јакаб даде позитивна оценка за кампањата на Владата за здрава храна и водење на здрав начин на живот, изразувајќи верување дека истата ќе вроди со позитивни ефекти.

Г-ѓа Зузана Јакаб меѓу другото изрази и подготвеност за остварување на продлабочена соработка меѓу Владата и Светската здравствена организација во насока на изработка на владината стратегија за здравје која треба да се однесува на претстојниот неколкугодишен период. Таа посочи дека тие како организација со своите искуства и знаења се подготвени да ја поддржат имплементацијата на таа стратегија и да ја продлабочат соработката во повеќе други сфери од взаемен интерес.