Oдбележан Светскиот ден на волонтерство

Волонтерството е една од најефикасните форми на неформално учење на младите луѓе, а волонтерите преку нивната работа придонесуваат за изградбата на општеството и човечкиот капитал, како и за зголемување на вклученоста на граѓаните во општествениот развој, сметаат учесниците на Отворениот ден на волонтерството што се одржа во организација на Агенцијата на европски образовни програми.

-  Вредноста што тие ја создаваат и вградуваат во своите активности е бесценета, бидејќи поседува особен квалитет кој е збогатен со хуманата димензија на добрата волја, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој посочи дека во Македонија не се волонтира доволно, што, според него, треба да се измени, пред се, заради користа што општеството и граѓаните можат да ја добијат од него.

- Може и треба што повеќе да се волонтира, затоа што бројни луѓе го имаат почуствувано задоволството, придобивките и позитивните искуства од волонтерската работа. Апелирам до сите кои имаат слободно време и сакаат да работат општокорисна работа за општеството, да научат повеќе, да го споделат своето знаење и искуство со сите, да волонтираат повеќе, рече министерот Ристовски.

В.д. директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров смета дека волонтерството е еден од најефикасните инструменти за неформално учење на младите луѓе,  и оти како такво може и мора повеќе да се применува.

Волонтерството во Македонија е регулирано со закон за волонтрство донесен во 2007 година. Во 2010 година е донесена и Стратегија за промовирање и развој на волонтерството.