Дебата за евро-атлантските предизвици на Македонија по Самитот на НАТО во Велс

Одржувањето тркалезни маси за евро-аталанстките интеграции од исклучително значење за секое развиено демократско општество бидејќи се разговара за теми битни како за државата, за академската заедница  и за граѓаните, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски на денешната научно-стручна тркалезна маса „Евро-атлантските предизвици на Република Македонија: проблеми, политичка реалност, идни решенија и можности по самитот на НАТО во Велика Британија 2014 “.

Научно-стручната тркалезна маса, рече Јолевски, е одлична можност да се разменат мислења што по последниот Самит на НАТО.

- МО и ГШ на АРМ имаат стратегија за тоа како да се продолжи со реформите со цел Македонија и понатаму да ги исполнува целосно условите за добивање покана за членство во НАТО, изјави Јолевски.

Тој најави дека Република Македонија ќе продолжи со учеството во новата мисија во Авганистан „Одлучна мисија“ и оти македонските мировници кои треба да заминат во оваа мисија во почетокот на јануари 2015 година се подготвуваат. Почнати се и повеќе активности, посочи, за подготовка на мировниците од АРМ во мисии предводени како од ЕУ, така и на ООН.

- Со сето ова ние докажуваме дека Република Македонија заслужува да биде дел од евроатлантското семејство, дека РМ де факто е членка на НАТО бидејќи ние придонесуваме во најзначајната мисија ИСАФ и оти ќе продолжиме да работиме во таа насока, рече министерот за одбрана Јолевски. 

И за министерот за надворешни работи Никола Попоски денешната конференција е добра можност за разменување мислења и ставови за сето тоа што Македонија го има направено на патот кон Северноатлантската алијанса, сето она што е останато да се направи, како и за она што е останато во рацете на НАТО.

- Република Македонија е докажан партнер, во многу долг временски период се однесува како земја-членка на НАТО и е добро потсетување дека тоа е сосема легитимно, и се очекува од сите членки на НАТО, а од една посебно. Значењето на ваквите конференциии е и можноста да се нагласат основните вредности на Алијансата, меѓу кои е вклучено и почитувањето на меѓународното право, нешто што се разбира ќе биде во македонски интерес, но не би го потценил и интересот на Алијансата да ги почитува тие принципи, изјави меѓу другото шефот на македонската дипломатија.

Срѓан Керим, поранешен претседател на Генералното собрание на ООН и министер за надворешни работи, смета дека почесто треба да се водат дебати за ероатлантските интеграции затоа што тие се императив и Република Македонија нема алтернатива. Токму поради тоа, подвлече, должни се политичките структури и научните институции да расправаат за да можат граѓаните постојано да бидат во тек со тие процеси кои не се ни најмалку едноставни.

- Не сум песимист иако веќе шест години не кочат во тој процес на членство во НАТО и во ЕУ. Стоиме пред црвен сигнал и на двата колосека, но за да се отвори тој црвен сигнал мислам дека Македонија со активна надворешна политка и со афирмирање на нејзините државни интереси треба да настојува и во НАТО и во ЕУ да создаде клима да се надмине таа очигледна пречка врзана со името со Грција. Треба да си признаеме дека Грција успеа 2008 година да го наметне тоа како прашање и на двете институции. Од 2008 година натаму не е иста состојбата како што беше дотогаш. Македонија дотогаш беше од едната страна, а Грција од другата страна, а НАТО и ЕУ беа меѓу нас. Од 2008 година Грција успеа да ги испречи пред нас и ние сега како држава треба во сложени операции, во активна дипломатска активност да ја надминеме оваа состојба, а се разбира пред се преку дијалог и договор со грчката страна. Тоа не е едноставно, тоа го видовме сите, но самата цел ги оправдува и средствата, а целта е повеќе од возвишена -  Македонија мора да биде земја членка на НАТО и на ЕУ и сигурен сум дека ќе стане, истакна Керим.

Тој додаде оти добра опомена за стие, па и за нас, е тоа што неодамна се случи во Украина и оти треба пред се безбедносните аспекти на постоењето и функционирањето на државата да ни бидат пред нас и да се направи тоа членство да се случи што поскоро.

За деканот на Факултетот за безбедност-Скопје Оливер Бачановиќ, Република Македонија помина долг период на трансформација на политичкиот и безбедносно-одбранбениот систем вградувајќи ги стандардите на земјите-членки на НАТО, но по оддржувањето на Самитот на Алијансата во Велс треба да се отворат неколку прашања. Меѓу тие прашања е и тоа за сегашниот период бидејќи се наоѓаме во т.н. безбедносен вакуум затоа што ги исполнуваме критериумите, учествуваме во мисиите, рече, а не сме земја членка на НАТО и не можеме да се повикаме на членот 5 од Вашингтонскиот договор.

- Членството на РМ во НАТО ќе значи долгорочна стабилност и безбедност не само за Балканот, туку и за целиот евроатлантски регион и почеток на финализација на концептот за Европа целовита, слободна и во мир, изјави Бачановиќ.

Осврнувајќи се на тоа дека Република Македонија ја дефинираше евроатлантската определба уште во 1993 година, тој истакна дека како долгогодишен партнер земјава се докажа како достоен сојузник на Алијансата, подготвена да ги промовира заедничките демократски вредности и одговорности.