Решен деценискиот проблем во Шуто Оризари, обезбедени средства за водовод

Преку Проектот за подобрување на општинските услуги што се реализира преку Светска банка конечно општина Шуто Оризари ќе го реши деценискиот проблем со водоснабдувањето.

За оваа намена обезбедени се 242 милиони денари или околу четири илјади евра. Дел од средствата ги обезбедуваат Градот Скопје и општината Шуто Оризари, а 106 милиони денари се обезбедени преку јавното комунално претпријатие „Водовод“. 

Договорот беше потпишан денеска во Министерството за финансии од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалниците на Град Скопје и општината Шуто Оризари, Коце Трајановски и Елвис Бајрам.

Според вицепремиерот Ставрески, станува збор за есенцијална потреба на околу 22 илјади жители од Шуто Оризари и дел од Скопје Север кои ќе добијат чиста вода за нивните потреби.

- Ќе се реши еден децениски проблем којшто постоеше во општината Шуто Оризари. честите рестрикции и немањето вода по неколку часа во летните периоди е слика којашто за сите нас кои ја водиме државата беше сигнал дека нешто треба да се направи. Градот Скопје, општината Шуто Оризари и јавното комунално претпријатие и Министерството за финансии најдоа решение за овој проблем, нагласи вицепремиерот Ставрески.

Средствата од Светска банка се обезбедени под поволни услови со каматна стапка од 0,6 проценти, со рок на отплата од 13 години и грејс период од три години.

- Значи првите три години општината нема да враќа средства, освен каматата, што значи ќе и се помогне и на општината бидејќи се работи за релативно сиромашна општина за таа да нема финансиски товар во првите неколку години, рече Ставрески.

Скопскиот градоначалник рече дека се работи за акутен проблем чие решавање долги години го барале граѓаните на општината.

- Се работи за општина која е една од најсиромашните општини во градот Скопје. Финансирањето ќе биде на тој начин што 40 проценти ќебидат од Градот Скопје и јавното претпријатие, а 20 проценти од општината Шуто Оризари, појасни Трајановски. 

Преку Проектот за подобрување на општинските услуги досега се инвестирани околу 56 милиони евра во 33 општини, а уште 23 општини допрва ќедобијат средства.