Владата организира саем за вработување во Струмица

Владата на Република Македонија на 25 овој месец организира Саем за вработување кој треба да овозможи да дојде до заедничка средба на рабодавaчите и лицата кои бараат работа можност за засновање работен однос. Досега се организирани саеми во четири градови, преку кои се вработени 160 лица.

- Саемот за вработување се состои од три содржински компоненти. Прво, тоа е можност да се оствари организирана средба на потенцијалните работници односно лицата кои активно бараат работа и работодавачите. Ќе бидат присутни голем број компании коишто на штандови ќе презентираат каков вид кадар им е потребен за вршење на нивната деловна активност, Од друга страна, сите лица кои активно бараат работа ќе може да остварат директен контакт и размена на информации и потребни податоци кои се од значење за креирање на работниот однос, ако можат уште веднаш да се договорат да засноваат работен однос или да создадат услови за продолжување на нивните контакти со цел во еден даден временски период да засноваат работен однос, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Во рамки на втората компонента која е дел од содржината на саемот ќе се организира форум со работодавачите на кој претставници на институциите ќе имаат средба со претставници на компаниите во регионот на Струмица и Струмичко за да ги чујат нивните идеи, визии, мислења и предлози во врска со креирањето на новиот Оперативен план за активни мерки за вработување кој треба да стартува во 2015 година, а на кој активно работат владините институции.

- Претставниците на компаниите можат да дадат предлози кои подоцна би можеле да бидат преточени во активни мерки и политика за вработување и финансиски би биле поддржани од страна на државата, а кои би воделе кон стимулација на вработувања на лица, информира Ѓорѓиев.

Третата компонента на саемот е организирање мотивациски обуки за лицата кои бараат работа. Обуките ќе ги организираат стручни лица. Оние кои бараат работа ќе можат да слушнат непосредни сведоштва, успешни примери на лица кои биле невработени, а искористиле оперативни мерки на Владата за засновање на работен однос, како и за проширување на бизнисот кој на таков начин бил креиран.

Своето учество на саемот досега го потврдиле педесеттина компании од овој регион од различен тип на дејност. Сите оние кои дополнително сакаат да го најават своето учество тоа може да го сторат преку интернет страницата на Агенцијата за вработување на Република Македонија, нејзините подрачни единици или централата во Скопје заклучно со утрешниот ден.

- Ги повикуваме лицата коишто се невработени и активно бараат работа, а се од овој регион, да дојдат на саемот, да ги увидат потребите кои ги имаат работодавците, да видат дали влегуваат во определена комбинација согласно кадарот кој им е потребен на компаниите, рече Ѓорѓиев.

На саемот може да присуствуваат и лица кои веќе се вработени, а кои ценат дека поседуваат одредени знаења, вештини и образование што може да придонесат тие да амбицираат за наоѓање друго работно место.

Саемот во Струмица ќе се одржи во Домот на културата од 11 до 14 часот.

Организирањето саеми за вработување започна пред околу 45 дена. Досега вакви саеми се организирани во Скопје, Неготино, Штип и Охрид. По организирањето на саемот во Струмица, Владата ќе организира саем и во Битола.

- Цениме дека досегашните саеми дадоа добри ефекти и позитивни резултати. Битно е да се истакне дека на ваков начин се остваруваат позитивни контакти меѓу работодавците и лицата кои бараат работа и дека доаѓа до основање на работни односи дали веднаш во рамки на траењето на саемот или понатаму со продолжување на комуникацијата во определен период, рече владиниот портпарол.

Досега, според податоците кои ги обработила Агенцијата за вработување, по одржаните саеми се вработени 160 лица. Се очекува, рече портпаролот Ѓорѓиев, со натамошната обработка на податоците овој број и натаму да расте.