Американска донација во опрема за АРМ во вредност од 850 илјади долари

Во скопската касарна „Илинден“ денеска беше презентирана опремата донирана од САД за АРМ во вредност од 850 илјади американски долари, која ќе биде наменета главно за мировни операции предводени од НАТО, ЕУ и ООН.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој заедно со Барт Путни, заменик американски амбасадор во Република Македонија присуствуваше на предавањето на опремата, нагласи дека донацијата е насочена кон остварување на плановите за развој поголеми способности на воената полиција во АРМ.

- Оваа донација е дел од широка и сеопфатна соработка во духот на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД. Нашата соработка во областа на одбраната со САД вклучува широк спектар на активности од стратешки анализи и проценки, експертска помош, преку школување, обука, помош во воена опрема до заедничко учество во мировни операции, истакна Јолевски и најави можност за отворање Центар за обука со несмртоносно оружје.

За да се биде успешен во мировните операции, подвлече тој, неопходни се соодветни воени способности, висока подготвеност, заедничка обука и поддршка во опертивната зона. Во тој контекст, донацијата од 120 милиони американски долари од САД од независноста на Република Македонија досега, нагласи министерот Јолевски, даде голем придонес во развојот на АРМ со цел да стане придонесувач кон регионалниот и глобалниот мир и безбедност.

- Република Македонија преку развојот на своите капацитети и способности и долгорочниот придонес во мировните операции и нивната соработка ја потврдува подготвеноста да ги преземе сите обврски и одговорности кои произлегуваат од идното членство во НАТО и ЕУ, рече министерот Јолевски.

Република Македонија на својот пат кон интеграција во НАТО и ЕУ, подвлече тој, ја презема обврската да развие широк спектар на воени капацитети и способности за придонес мировни операции предводени од НАТО, од ЕУ и од ООН.

- Долгорочно и напорно работиме да развиеме и одржиме поголеми интероперабилни распоредливи воени единици на ниво на средна пешадиска батаљонска група, лесна подвижна болница на Ниво 2, една чета на воена полиција и други единици, рече меѓу другото Јолевски.

Според заменик-амбасадорот на САД Путни, денешната донација е пример и потврда за одличната соработка и координарција меѓу МО и АРМ со Амбасадата на САД во делот на одбраната. Тој посочи дека пет македонски војници инструктури веќе се во САД за да можат подоцна да ги обучуваат припадниците на АРМ како да ја употребуваат оваа опрема.