Јанакиески бара крак од новиот „пат на свилата“ да минува низ Македонија

Македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески ги претстави актуелните инфраструктурни и транспортни проекти во Македонија на меѓународната конференција „Патишта на свилата: инспирации и можности“, која се одржува денеска во Истанбул. 

Ја поздравил иницијативата за воспоставување на новиот пат на свилата како сет од транспортни коридори кои целат кон обединување на евроазиската инфраструктура и олеснување на пристапот и транспортот и повикал еден крак да поминува низ Македонија.

- Македонија длабоко ја цени добрата регионална поврзаност и решенијата за добра регионална мрежа. Како крстопат на Балканот, повикувам еден крак од новиот „Пат на свилата“ да поминува низ Македонија, потпирајќи се на новата и подобрена инфраструктура. Ги повикувам сите држави чии претставници се денес овде, особено оние во регионот на југоисточна Европа да соработуваат на сите нивоа, имплементирајќи проекти кои се од корист за нашите граѓани и кои ќе овозможат подобар економски развој и подобра поврзаност, навел  во обраќањето Јанакиески.

Македонија, нагласил Јанакиески, со својата географска позиција отсекогаш била стратешка точка за транспорт на Балканот, од причина што се наоѓа на крстопатот на многу рути кои водат од Европа до Азија и Блискиот Исток. Моментно сме посветени и фокусирани на изградбата на нови автопати, нови железнички пруги и модернизација на старите, долж паневропските коридори кои поминуваат низ нашата земја“,  навел министерот Јанакиески, и потенцирал дека  тие проекти се реализираат во соработка со најголемите меѓународни финансиски институции, како што се Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, како и Експорт-импорт банката на Кина. 

На меѓународната конференција „Патишта на свилата: инспирации и можности“ се предвидени обраќања и на претставници од Турција, Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Азербејџан, Кина, Шпанија и Пакистан, како и  на различни меѓународни научни, политички и економски институции, меѓу кои и Советот за развој и истражувања на Кина, Центарот за стратешки студии, Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања и Универзитетот Кембриџ.

„Патот на свилата“ е историска мрежа на меѓусебно поврзани рути во Евроазаија, преку кои се одвивал транспортот на стока од работ на Азија до центарот на Европа во период од речиси 3.000 години.