МЕПСО гради нов 400 киловолтен далекувод

Македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО почна изградба на нов 400 киловолтен далекувод, со кој ќе се овозможи електроенергетска врска со српскиот електропреносен систем. Ќе ги поврзува 400/110 kV трансформаторски станици во Штип и во Врање, Република Србија). 

- Проектот е со инвестициска вредност  од 10  милиони евра, а ќе биде завршен кон средината на следната година и ќе обезбеди дополнителна енергетска стабилност на Македонија, рече премиерот Никола Груевси, кој  денеска  се запозна со почетните активности за изградба на новата поврзувачка  траса.   

- Тоа се ситуации кога е потребно поголем увоз на енергија или пак некогаш поголем извоз на енергија и од комерцијални причини и од причини тоа им е потребно повеќе на соседите. Од секој аспект и за Македонија и за Србија, но и за другите држави околу нас коишто во дадени моменти ќе имаат потреба од пренос на електрична енергија можам да кажам дека е зајакнување на енергетската стабилност особено во кризни моменти кога може да има кризи поврзани со недоволно електрична енергија, изјави Груевски.

Новиот далекувод ќе биде поставен на 168 челично-решеткасти столбови на траса долга 70 километри, од Штип до македонско-српската граница во близина на Куманово.

Моментално во 400/110 kV трансформаторска станица Штип во фаза е подигнување т.е. стручно наречено „плетење“ на првиот далекуводен столб со што и официјално МЕПСО ја почна првата фаза на изградба на далекуводот од ТС Штип до македонско-српската граница. 

МЕПСО во јули 2014 година во 400/110 kV трансформаторската станица „Штип“ ги воведе во работи изведувачите од конзорциумот „Енергомонтажа“ од Србија и „ЕЛ ТЕЛ Нетворк ТЕАБ“ од Шведска. Со тоа официјално започнаа подготвките за изградба на 400 kV далекувод од Штип до македонско-српската граница.

Од МЕПСО истакнуваат дека овој преносен вод е од големо стратешко и енергетско значење заради тоа што се воведува електроенергетска врска со Република Србија која ги зголемува капацитетите за пренос на електрична енергија и ја зголемува доверливоста на електроенергетските системи на регионално ниво.
Трансформаторската станица Штип е најголема инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во источна Македонија во изминативе 70 години, со инвестициска вредност од 13 милиони евра која ќе ги задоволи потребите на овој регион за идните 20 години. Оваа трафостаница е ставена во функција во 2010 година е енергетска инфраструктура за источна Македонија и за новата слободна економска зона Штип во чија непосредна близина и се наоѓа. Во трансформаторската станица „Штип“ директно е приклучен 400 киловолтниот далекувод со кој се поврзани електропреносните системи на Република Македонија и на Република Бугарија. Со изградбата на новиот далекувод до македонско-српската граница ТС Штип ќе стане многу значаен системски и стратешки енергетски јазол на македонскиот електропреносен систем во кој се поврзани македонскиот, српскиот и бугарскиот електропреносен систем, информираат  од МЕПСО.