Модернизација на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Свети Апостол Павле“ во Охрид и обновување на возниот парк на ЈСП „Скопје“

Една од најзначајните заложби на Владата на Република Македонија во однос на развојните процеси и подобрување на целокупната инфраструктура, претставува модернизирањето на аеродромската инфраструктура. Согледувајќи ја потребата од осовременување на аеродромите, Владата ги даде под концесија двата меѓународни аеродроми „Александар Велики“ во Скопје и „Свети Апостол Павле“ во Охрид на турската компанија „ТАВ“. Според договорот за концесија, „ТАВ“ имаше обврска да ги модернизира аеродромите во Скопје и во Охрид, со што ќе се подигне квалитетот на услугите, ќе се зголеми интересот на авио-компаниите и ќе се намали цената на превозот.

Со инвестицијата од над 100 милиони евра од концесионерот ТАВ, Македонија денес во Охрид и Скопје има два обновени и модернизирани аеродроми со најсовремена технолошка опрема според сите светски стандарди. 

Реконструираниот аеродром „Свети Апостол Павле“ во Охрид беше пуштен во употреба на 10 април 2011 година. Во рамките на реконструкцијата на охридскиот аеродром, меѓу другото, изграден е нов ВИП-објект, реновирани се објекти во карго-центарот, обновен е паркинг-просторот, изградена е нова пречистителна станица, набавени се нови противпожарни возила, како и техничка опрема, согласно со строгите барања за нормално функционирање на авио-сообраќајот.

Новиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, беше пуштен во употреба на 6 септември 2011 година, со што Македонија доби најмодерен аеродром на Балканот. Во текот на реконструкцијата и модернизацијата изградена е нова терминална зграда од 40.000 метри квадратни со шест патнички пристапни мостови, 23 места за чекирање, паркинг за 1.300 возила, нов пристапен пат заедно со нова клучка, продолжена полетно-слетна патека за 500 метри на југ, карго хангар со капацитет од 40.000 тони годишно, нова противпожарна и спасителна станица за воздухоплови, службена зграда од 5.000 метри квадратни, а изградена е и нова комунална инфраструктура.

Новите и модернизирани аеродроми се изградени според најновите и современи светски стандарди, а аеродромот „Александар Велики“ во Скопје има нова опрема со што тој ќе функционира согласно со највисоките меѓународни стандарди. Сето ова овозможува значително подобри услови, комодитет и простор за патниците, што ќе донесе поголем број на патници, туристи и инвестиции во Македонија.     

Во соработка со концесионерот на македонските аеродроми „ТАВ“, се реализираат и активности за привлекување на нискотарифни авиопревозници кои на македонските граѓани ќе им овозможат брзо, евтино и квалитетно да стигнат до европските метрополи.   

Со модернизираните и современи аеродроми во Скопје и Охрид се менува сликата на сите патници и туристи кои пристигнуваат во Македонија.

Реализацијата на еден друг проект овозможи и ново лице на градскиот сообраќај во главниот град Скопје. Станува збор за обновување на возниот парк со нови автобуси, набавени со средства од Владата на Република Македонија. Во возниот парк на ЈСП „Скопје“ веќе сообраќаат 80 нови нископодни и 69 двокатни автобуси од кои еден е панорамски. Со тоа ЈСП „Скопје“ има 149 нови автобуси со што е заменет 50 отсто од возниот парк, а во наредните две години ќе пристигнат и останатите од предвидените 202 автобуси со што целосно ќе биде обновен возниот парк.

Кон крајот на 2011 година се очекува да пристигнат уште 16 новопроизведени минибуси.

Автобусите се изработени според сите актуелни светски водечки технологии и содржат надворешни и внатрешни информатори, клима-уреди, рамки за инвалидизирани лица, како и еколошки мотори кои имаат помало загадување и помала потрошувачка на гориво. 

Новите двокатни автобуси со изглед во духот на 60-тите години од минатиот век, но изработени по најсовремена технологија претставуваат главна туристичка атракција на Скопје, со што го претставуваат градот во сосема ново лице.

Со реализацијата на овој проект и со обновување на возниот парк на „ЈСП“ Скопје со средства од Владата на Република Македонија на граѓаните им се овозможува квалитетен, удобен, побрз и модерен јавен градски превоз.