Изградба на Коридорот 10: Демир Капија - Смоквица

Добрата инфраструктура е основа за забрзан економски раст и развој, подобра конкурентност на стопанството, побрз проток на луѓе, стоки и патници. Со оглед на тоа што Република Македонија се наоѓа на главните коридори исток-запад (Коридор  8) и север-југ (Коридор 10 ), Владата ќе продолжи со реализација на капитални инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на националната економија, повисок економски раст и порамномерен регионален развој.

Проектот за изградба на автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир Капија - Смоквица е проект со кој се предвидува изградба на нова модерна автопатска делница Демир Капија – Смоквица, во должина од 28.18 км, во согласност со европските стандарди, со што ќе се комплетира главната оска од Коридорот 10 која поминува низ Република Македонија. Заради комплексноста на теренот на кој ќе се извршуваат градежните работи, проектот е оценет како доста сложен и опфаќа изградба на мостови, тунели, надвозници и патни јазли.

Коридорот 10 е најзначајниот елемент на централната транспортна мрежа која ги поврзува Република Грција со Австрија.  Неговата должина изнесува 1,451 км. Вкупната инвестиција за изградба на оваа делница е 271 милион евра од кои 130 милиони се од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА грант на Европската унија, 107 милиони евра се од Европската банка за обнова и развој и шест милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

Со изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица, целосно ќе биде заокружена изградбата на Коридорот 10 на ниво на автопат.

Со завршување на оваа делница од Коридорот 10 тој ќе стане модерна делница во согласност со европските стандарди. Главна цел за изградбата е намалување на патните трошоци и заштеда на време и побрз проток на возила што позитивно ќе влијае на зголемување на транзитот на лица и стоки и подигање на нивото на трговската размена меѓу земјите