Купи куќа, купи стан

Владата на Република Македонија преку Министерството за финансии со цел да им помогне на оние на кои не им е решено станбеното прашање и немаат сопствен дом и живеалиште започна со реализација на два проекти. Двата проекти се Пола-пола рата за првите пет години и 50% учество за купување стан односно изградба на куќа.

Со првиот проект ќе се субвенционира половина од месечната рата за период од пет години, за кредити со максимален износ до 50.000 евра кои ќе бидат наменети за изградба на куќа или купување на стан. Доколку кредитот е поголем од 50.000 евра, субвенционирањето нема да се однесува за износот што ја надминува оваа сума. Притоа, ако се купува стан, продажната цена со пресметан ДДВ не смее да надминува 900 евра за квадратен метар корисна нето-површина. Каматата на кредитот во првите три години не смее да биде поголема од 4,99 отсто годишно.

Средствата за субвенционирање на пола-пола рата се неповратни, што значи, по завршувањето на периодот во кој државата плаќа половина од ратата на станбениот кредит, корисникот нема обврска истите да ги врати. Средствата ќе може да се користат како за нов стан или куќа, така и за купување или изградба на поголем стан/куќа преку продажба на постојниот стан/куќа.

По завршување на периодот од три години, во следните две години каматната стапка нема да може да се зголеми за повеќе од 10 проценти,  и ќе изнесува до 5,5 отсто годишно. Средствата за субвенционирање на месечните рати на банките ќе им се исплаќаат за цела година однапред. Рокот за враќање на кредитите не смее да биде пократок од 20 години.

Законот за субвенционирање на станбени кредити со вториот проект овозможува државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан односно изградба на куќа. Останатите 50 отсто од учеството ќе ги обезбеди купувачот. Учеството не смее да надминува 25 отсто од кредитот за целиот стан/куќа, при што кредитот не може да надминува 50.000 евра. Доколку кредитот е поголем од 50.000 евра, субвенционирањето нема да се однесува за износот што ја надминува оваа сума. Ако се работи за кредит за купување стан, продажната цена со пресметан ДДВ не смее да надминува 900 евра за квадратен метар корисна нето-површина. Рокот на отплата не може да е пократок од 20 години, а каматната стапка треба да е пониска од ЕУРОЛИБОР + 4,5 отсто.

Средствата обезбедени од Буџетот на Република Македонија корисниците ќе почнат да ги враќаат по 20 години, без камата, на  пет еднакви годишни рати.

Условите за користење кредити од оваа програма ќе бидат, станот што се купува/куќата која се гради да е новоградба со сета потребна документација (имотен лист, дозволи и одобренија за градба), да се купи директно од инвеститорот или од изведувачот на станбениот објект, корисникот на кредитот, односно неговиот брачен другар да не поседува во сопственост станбен објект за што ќе приложи изјава под полна материјална и кривична одговорност, корисникот на кредитот да може да продаде сопствен станбен објект за да изгради куќа, корисникот на станбен кредит и неговиот брачен другар да не бидат оптоварени со друг станбен кредит, заедничката заработувачка на корисникот на станбениот кредит и неговиот брачен другар да не надминува 900 евра месечно.

Проектите ќе се реализираат во соработка со банките, а при склучувањето на договор ќе се предвиди забрана за давање на недвижноста под закуп (кирија), забрана за дополнително оптоварување на недвижноста со хипотека и обврска за пријавување на местото на живеење на адреса на новиот стан/куќа во рок од 15 месеци од денот на склучување на купопродажниот договор.

Во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните Владата со овие два проекта, сака да им помогне на граѓаните кои за првпат го решаваат станбеното прашање, посебно на младите луѓе и брачните парови.