Набавка на најсовремена медицинска опрема за јавното здравство

Владата на Република Македонија  во континуитет  го реализира проектот за набавката на најсовремена медицинска опрема во вредност од над 100 милиони евра, што претставува најголемата инвестиција во македонското здравство во последните 20 години. Целта на проектот е обезбедување на современа здравствена заштита и подобрување на квалитетот на здравствените услуги на населението.

Со набавка на новата опрема треба да се создадат услови за здравствена заштита на граѓаните, односно скратување на  времето на чекање за добивање на здравствена заштита  како и намалување на  просечното време на лекување на пациентот. Сето тоа во функција на навремено дијагностицирање на болестите, односно давање услуги според највисоките стандарди, грижа за намалување на трошоците за болничко лекување по пациент, но и намалување на потрошувачката на лекови и надминување на евентуалните  постоперативни компликации.

За реализација на овој проект Владата ќе инвестира и во спроведување на едукација и обука на персоналот за употреба на новата апаратура и нејзиното соодветно одржување.

Со обуките ќе бидат опфатени вработените во: трите клинички болници во Тетово, Битола и Штип, кои со  набавката добиваат  најсовремени апарати  и инструменти со вкупна вредност 15.860.000 евра; Општите болници во Велес, Гостивар, Охрид, Куманово, Прилеп и во Струмица добиваат апарати за компјутеризирана томографија.

Во сите општи болници ќе бидат набавени нови  кардиолошки апарати, гинеколошко-ултразвучни апарати и радиолошки ултразвучен апарат, заедно со апарати за анестезија, ендоскопски кабинет и хируршки инструменти...

Новата Градска болница „8 Септември“ во Скопје комплетно се опремува со најсовремени дијагностички, операциони и интервентни апарати во вкупна вредност 6.230.000 евра.

На Универзитетската клиника за радиологија во која се поставува најсовремен тип апарат за компјутеризирана томографија, заедно со апарат за магнетна резонанса со јачина на магнетно поле 1,5Т, ангиографски систем со дигитален детектор за ангиографски, васкуларни, церебрални и периферни дијагностички интервентни процедури, радиолошки ехо-апарати и мамограф со вкупна вредност од над 6.000.000 евра.

На Универзитетската клиника за кардиологија, се пристигнати дигитални ангиографи за интервентни кардиолошки апарати со вкупна вредност 2.520.000 евра.

Ангиограф за дијагностика и интервенции со останата кардиолошка апаратура во Болницата за кардиоваскуларни заболувања во Охрид со вредност од 1.210.000 евра;

Во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија инвестицијата вреди над 3.000.000 евра;

Во општите болници во Охрид, Гостивар, Велес, Прилеп, Куманово и во Струмица, покрај стандардниот панел квалитетна дијагностичка и хируршка опрема, се поставува и по еден апарат за компјутеризирана томографија, а вкупната вредност на опремата во овие шест болници изнесува 8.400.000 евра;

Во останатите шест општи болници во Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Дебар, Струга и Кичево се инвестира во опрема во мамографи, кардиолошки и гинеколошки ехо-апарати, апарати за анестезија, монитори, стерилизатори и ендоскопски сетови во вредност од 2.300.000 евра;

Значајно ќе се доопреми и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ со апарат за компјутеризирана томографија и други медицински апарати во вредност од 3.933.000 евра; Со средствата предвидени за овој проект ќе се набави и најсовремена опрема за Универзитетската клиника за детски болести, која претходно не беше вклучена во набавка на опрема;

Воедно, ќе се изгради и ќе се опреми и најсовремен ПЕТ-центар (центар за позитронска емисиона томографија), за кој е изработен идеен проект.