Млади, спорт и физичка култура

Владата ќе води младинска политика која ќе биде јадрото на политиките за вработување, за рефоми во образованието, здравството, културата, спортот итн.

Во политиките на Владата, главниот акцент ќе биде ставен токму врз мерките со кои ќе се подобрат студентскиот живот и стандард, а младите ќе дојдат полесно до прво вработување. Наша приоритетна цел е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина.

Владата ќе воведе посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер.

Новата политика за стипендирање на студентите ќе биде преку комбинација на државни стипендии и поттикнување на фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање. Предност ќе имаат студентите со најдобри резултати, но и они кои се соочуваат со поголеми економско-социјални проблеми.

Владата ќе отвори дијалог со студентите околу начините за департизација и плурализам во студентското организирање, што ќе овозможи суштинско учество на студентите во телата на управување на универзитетите и нивно влијание врз прашањата од нивен интерес. Во соработка со нив, Владата ќе промовира и регионален проект за размена на студенти.

Владата ќе иницира организирање на државни натпревари во десетина различни категории и средношколска олимпијада, по теркот на Младинските студентски игри, на која најталентираните средношколци ќе се натпреваруваат во олимписки дисциплини. Така, ќе создаваме успешни млади таленти, ќе го развиваме знаењето и спортскиот дух кај младите и ќе обезбедиме дружење меѓу средношколци од целата држава.

Владата ќе создава услови за зголемен број на часови по спорт во основните и во средните училишта: тренинзи, обуки и натпревари во скоро сите спортови.

Целта ни е сите ученици да може да се дружат и да живеат здрав живот без при тоа тоа да претставува финансиски товар за нивните родители.

Поттик за спортот

Владата на Република Македонија ќе поддржува политики со кои ќе се зголеми бројот на граѓани, од сите возрасти, социјални групи и средини, кои секојдневно го применуваат спортот и спортско-рекретивните активности. За таа цел, приоритет ќе ставиме на создавање квалитетен систем на спорт во училиштата и универзитетите. Посебна поддршка ќе се даде на остварување квалитетни спортски резултати во националниот систем на натревари и успех на спортистите кои учествуваат на меѓународни натпревари.

Владата ќе предложи нов Закон за спортот, со кој ќе се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на дејноста спорт од централниот и локалниот буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата.

Владата ќе ги поддржи националните спортски федерации во креирањето современ национален систем на натпревари и целосно ќе ја почитува самостојноста на националните спортски федерации.

Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните 2 процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во „спортот за сите”. Со поставување вистински модел на училишен спорт, ќе го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 ученици во основното и во средното образование.

Објектите за спорт, кои од 2000 година се предмет на манипулации и експлотации, ќе ги вратиме за потребите на спортистите, младите и граѓаните. Тие, во моментов се користат за сè друго само не за основната намена.

Ќе обезбедиме законска рамка и услови овие објекти да ги менаџираат и да ги користат единиците на локалната самоуправа. Дел од нив ќе бидат наменети за националните спортски федерации и најдобрите клубови, а оние кои се со квалитет, опрема, функционалност и стандарди за организирање на големи меѓународни натпревари, ќе бидат под директна грижа на државата, ставени на располагање на федерациите и спортистите.

Владата ќе иницира формирање на спортски финансиски фонд во рамките на Агенцијата за млади и спорт во кој ќе се слеваат финансиските средства наменети за развој на спортот. Тој ќе се полни од средства од издавање на лиценци за работа на спортските обложувалници, дел од секоја поединечна уплата на тикет за спортско обложување, дел од уплатите од игрите на среќа.

Владата ќе формира Национален совет за спорт составен од најдобрите пет спортски федерации рангирани според однапред утврден критериум, претседателот на Македонскиот олимписки комитет и директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Ќе се одредат максимални квоти за добивање на финансиски поволности од државата, а спортските субјекти ќе бидат поделени во три категории во зависност од степенот на натпреварувањето и неговото значење за популаризацијата на спортот и промоцијата на државата. Финансиските поволности ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од претпријатијата. Претпријатијата ќе можат дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата да ја вложат во спортски клуб или спортист.

За повеќе информации Ве молиме преземете ја целосната програма на Владата на Република Македонија