Правда и безбедност

Владата на Република Македонија ќе работи на создавање услови за независно, департизирано и ефикасно судство со цел правдата да биде достапна до сите. За таа цел, за законите за коишто е доволно апсолутно мнозинство во Собранието ќе предложиме законски измени, а за областите за кои е потребни 2/3 мнозинство, ќе отпочнеме дијалог во Собранието со цел постигнување поши-рок консензус за реформи.

Владата на Република Македонија ќе ги овозможи сите институционални, материјални и севкупни услови потребни за работа на Специјалното јавно обвинителство пред кое стои огромна одговорност за расчистување на скандалот со прислушување и борба против корупцијата, криминалот и злоупотребите на власта. Владата итно ќе предложи продолжување на рокот во кој СЈО може да покренува обвиненија како и заштита на сведоците во случаите кои се во негова надлежност со што ќе овозможиме квалитетни истраги, одговорност за сите злоупотреби и ефикасно функционирање на правната држава.

Владата на Република Македонија до Собранието ќе предложи законски измени:

∎ за зголемување на транспарентноста во работата на Судскиот совет, заради негова поголема професионалност, независност и совесност во работата, за реформа на Академијата за судии и јавни обвинители

∎ за укинување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, како закон кој содржи парадоксални и неодржливи решенија.

∎ за намалување на судските такси, бидејќи граѓаните во Република Македонија често пати се откажуваат од судска заштита на своите права заради високите судски такси. Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаатединствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување.

∎ на Законот за судска служба заради подобрување на статусот на судските службеници.

∎ на Законот за нотари и Законот за извршители со цел да ги намалиме трошоците на граѓаните во постапките пред извршителите и нотарите.

Цел на Владата на Република Македонија е правдата да биде достапна до сите, заради што ќе овозможиме вистинска бесплатна правна помош за ранливите категории граѓани, со зголемување на капацитетот на Министерството за правда и интегрирање на здруженија кои обезбедуваат правна помош во единствен систем.

Владата на Република Македонија ќе отвори и поширок дијалог во Собранието заради обезбедување поширока поддршка и мнозинство:

∎ за воведување на специјализирано одделение во судот за постапување по предметите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

∎ за уставни реформи на Судскиот совет, како и за измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите. Сметаме дека квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки. Покрај тоа, критериумите за оценка на квалитетот на судиите ќе бидат насочени кон оценување на клучни вештини за професијата, како на пример правна логика, организациски вештини, учество во обуки, специјализација, образложеност на пресуди и сл.

∎ за воведување специјализирани трговски судови заради подобрување на бизнис амбиентот и гарантирање правна сигурност на оние кои отвораат работни места.

∎ за темелни реформи во Јавното обвинителство.

∎ за зголемена транспарентност на управните судови преку задолжително одлучување на главна јавна расправа, како и воведување обврска за мериторно одлучување од страна на Вишиот управен суд секогаш кога за поништување на ист управен акт е поднесена тужба по втор пат.

Човекови права

Владата на Република Македонија ќе ги промовира, штити и унапредува човековите права во Република Македонија и ќе создава институционални капацитети за нивна ефикасна заштита и одговорност на сите кои ќе се обидат да ги повредат човековите права. Посебен акцент ќе биде ставен на враќање на довербата во власта како чувар на човековите права и заштита на оние права кои грубо беа кршени. Приоритетна цел на Владата е да ја врати слободата во Република Македонија и да гради држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени!

Заради имплементирање на европските стандарди за човекови права и ефикасна заштита на човековите права, Владата на Република Македонија ќе:

∎ предложи законски измени со цел лицата на кои им било прекршено некое човеково право да добиваат реален, а не – како досега – симболичен надомест за прекршувањето. Тоа ќе биде и основа за лична одговорност на судиите и обвинителите кои учествувале во кршењето на правото.

∎ отвори расправа за уставни измени и ќе побараме поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот, како и за зајакнување на законските основи и механизмите за контрола на основаноста на лишувањето од слобода и користењето на мерката притвор.

∎ предложи законска рамка во која ќе бидат содржани европски стандарди за заштита на презумпцијата на невиност и казни согласно европските стандарди во случај на прекршување на ова право.

∎ предложи законски измени за реформа на Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе прерасне во независно, стручно тело со зголемени надлежности, составено од лица кои се вистински посветени на заштитата на ова човеково право.

∎ побара поширока поддршка за измена на Законот за следење на комуникациите, со цел предлог за следење на комуникации да не може да даде кој било полициски службеник, и да го намалиме периодот во кој може да трае ограничувањето на тајноста на комуникациите. Ограничувањето на тајноста на комуникациите треба да биде строго контролирано и само кога е неопходно за собирање на податоци заради остварување на целите на следењето.

∎ предложи измени и на Законот за полиција, со цел прецизно да се утврдат методите на оперативната контрола, максималниот период на набљудување на лицата и да се воведат и други гаранции, со кои ќе се ограничи произволното однесување на полицијата.

∎ предложи измени на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и ќе ја намалиме висината на надомест на штета за изречена навреда или клевета во Република Македонија.

∎ ги подобри условите во казнено-поправните установи со цел имплементирање на забраната на тортура, нечовечко и понижувачко казнување и постапување. Ќе воведеме целосна контрола над остварувањето на по на несоодветен третман и прекумерна сила од страна на полицијата во овие институции. Ќе воведеме и системска обука на затворските службеници, како и постапки за детално разгледување на сите поплаки за евентуално прекршување на право на достоинствен третман. Во таа насока и ќе ја зајакнеме улогата на Народниот правобранител како превентивен механизам за заштита од тортура, нечовечко и понижувачко казнување и постапување. Дополнително, ќе ги подобриме условите во казнено-по правните институции, особено оние врзани за здравствена заштита и достоинствен третман.

∎ предложи измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Измената ќе предвиди прецизни рокови за сите дејствија на државните органи кои имаат надлежност во остварувањето на ова право на граѓаните, како и прецизирање на одредени одредби кои предизвикаа проблеми во праксата и беа злоупотребени од страна на власта за да ги оневозможи или обесхрабри граѓаните во користењето на механизмите за директна демократија.

∎ предложи законски измени за гарантирање на правото на јавен собир, со јасни и прецизни надлежности на полицијата.

Владата на Република Македонија ќе води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот. За таа цел ќе воспоставиме посебно владино тело за родова рамноправност кое ќе се грижи за имплементација на родовата перспектива во креирање на политиките и буџетите.

Владата ќе инсистира на образовни, медиумски и културни реформи кои ќе водат кон надминување на стереотипите за улогата на жената и ќе стимулираат поголеми шанси за девојките и жените во нашата држава.

Владата ќе предложи ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција) и согласно истата, ќе воспостави мрежа на стандардизирани институции која го гарантира минималниот пакет на услуги за заштита од домашно насилство. Исто така, ќе се предложи нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон со воведување на одредби за сите форми на родово базирано насилство.

Владата ќе воведе програми за помагање на развојот на жените-претприемачи, особено оние во руралните области.

Професионална полиција - безбедност за сите граѓани

Владата на Република Македонија ќе гради полиција која ќе ги штити граѓаните, а ќе го гони криминалот. Само таква полиција може да гарантира безбедност и правна држава. Полицијата ќе биде надвор од партиските влијанија и ќе гарантира непристрасно спроведување на законите за сите. Ќе воведеме механизми за подобрување на надворешната и на внатрешната контрола на работата на полицијата и безбедносните служби. Ќе ја зајакнемe парламентарната контрола иќе формираме полициски омбудсман, со надлежност да спроведува независна истрага за евентуалните пречекорувања на полициските овластувања и кршење на човековите слободи и права. Препораките од „Извештајот на Прибе“ ќе ги спроведеме целосно и без одлагање.

Владата на Република Македонија ќе работи посветено на департизација на полицијата и борба против корупцијата; непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите; ефикасна броба против корупцијата и отчетност и транспарентност во работата на полицијата.

За таа цел Владата на Република Македонија ќе го возобнови концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места. Тој ќе биде заштитник - достапен за граѓаните и нивните потреби. Јакнењето на довербата помеѓу полицијата и граѓаните е предуслов за безбедноста на граѓаните.

Во функција ќе се врати системот на кариера на вработените во МВР со почитување на правилата за унапредување и распоредување на вработените, водејќи грижа за искористување на стручниот и професионален капацитет на вработените во МВР.

Владата ќе поддржи механизми за мониторинг над полициското постапување во случаи на директна или индиректна инволвираност на полицијата во општествено непожелни дејствија. Еднаквоста пред законот мора да биде гарант за безбедноста на граѓаните. На полициското работење ќе се гледа како заштита, а не како закана. Затоа, ќе се зајакнат независноста и капацитетот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР и ќе се воведе нов начин на избор на помошникот на министерот за внатрешна контрола и професионални стандарди, врз основа на критериуми кои ќе гарантираат независност во постапувањето и професионални истраги.

Владата ќе се посвети на целосно расветлување на Кумановските настани од мај 2015 година и откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај.

Ќе побараме и меѓународна поддршка во истрагата заради обезбедување на сите релевантни информации, но и за обезбедување на потполна доверба на граѓаните во резултатите од истрагата. Воедно, ресорното министерство ќе даде целосна логистичка поддршка на обвинителските и судски инстанци во отварање и водење постапки за предметите „Сопот“, „Бродец„, смртта на Мартин Нешковски и на Никола Младенов и „Монструм„.

Владата на Република Македонија ќе направи евалуација за примената на Колективниот договор за вработените во МВР и почитување на работното законодавство. Доколку се утврдат пропусти, слабости и недоречености ќе го отвориме социјалниот дијалог за подобрување на колективниот договор заради заштита на правата на полициските службеници. Ќе дозволиме слободно синдикално организирање на полициските службеници и слобода на одлучување за членство во синдикати. Стандардот и квалитетот на живот на припадниците на МВР ќе се подобрат и со нивно распоредување на работа во местото на живеење. На тој начин, ќе им се намалат трошоците за одвоен живот и патувања кои досега паѓаа на нивен товар. Во исклучителни случаи, во кои ќе има потреба од работа надвор од местото на живеење, министерството ќе обезбеди надомест за одвоен живот и патни трошоци. Владата ќе пристапи кон усогласување на основицата на платите на вработените во МВР и утврдување на надоместоците и додатоците на плата,согласно Колективниот договор на МВР и Законот за работните односи.

Една од клучните реформски активност ќе биде во Управата за безбедности контраразузнавање.

Препораките на Прибе и користењето на европски искуства ќе бидат клучните ориентири во овој процес. Владата целосно ќе ја поддржи собраниската контрола над оваа Управа.

Владата ќе ги јакне институционалните и кадровските капацитети на Одделот за организиран криминал при МВР и институциите со кои соработува. Ќе се формира и операционализира Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал. Ќе се залагаме за целосна имплементација на законодавството за обесштетување на жртвите од организираниот криминал.

Владата целосно ќе ги спроведе своите обврски во поглед на целосна имплементација на Законот за кривичната постапка во делот на ресурсите, организацијата, опремата и обуката на агентите и обвинителите, како и формирање на истражни центри и судска полиција. Целосната и соодветната примена на ЗКП е гаранција за професионална и независна истрага, во која би се отстраниле сомневањата за пристрасност на полицијата во политички монтирани случаи.

Ќе се инвестира во капацитетите на институциите за спречување на нелегалната миграција и трговијата со луѓе, и ќе обезбедиме одржливост и функционалност на Центарот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе.

Владата ќе обезбеди средства за реновирање на полициските станици, особено оние за обезбедување на државната граница. Ќе се инвестира во ефикасно функционирање на Системот на интегрирано гранично управување, во соработка со соседните држави и европските институции и поддршка од земјите членки на ЕУ и НАТО.

За повеќе информации Ве молиме преземете ја целосната програма на Владата на Република Македонија