Социјална политика

Клучна цел на Владата во областа на социјалната политика е да се намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година. Во социјалната политика ќе бидат воведени мерки кои ќе ги извлекуваат корисниците од сиромаштија, а посебно внимание ќе се посвети на обезбедување на транспарентност на системот.

Владата ќе воспостави функционална мрежа на институции за социјална заштита блиски до граѓаните и соодветни на нивните потреби, при што дел од надлежноста ќе се префрли на локалната самоуправа која е поблиска до нив и побрзо се прилагодува на потребите. Мрежата ќе опфаќа социјални услуги за поддршка и палијативна грижа за стари лица, центри за нега, грижа и вклученост, центри за лица со попреченост, заедници за домување на лица со попреченост над 26 години, услуги за заштита од родово базирано насилство и услуги за заштита на други групи на граѓани кои имаат потреба, а кои се во некој социјален ризик.

Владата ќе го постави системот на 8 регионални агенции за исплата на материјалните права од системот на социјална заштита. Воедно, ќе се воведе принципот на семеен социјален работник, близок со граѓаните кој работи на превенција и интервенција. Бројот на опфатени семејства од страна на секој социјален работник се предвидени со стандарди и нормативи кои за првпат гарантираат квалитет на социјалната работа во Македонија, како за граѓаните, така и за стручните работници.

Владата ќе понуди решение на проблемот на стечајните работници и ќе обезбеди паричен надоместок на сите категории стечајни работници кои имаат најмалку 15 години стаж и старост од 52 години за жени и 55 години за мажи.

Владата ќе предложи намалување на надоместокот за извршителите и за должниците кои се социјални случаи и извршувањето ќе биде без наплата на извршителска тарифа. Ќе се воведат ограничувања според кои судските такси и трошоци нема да можат да бидат повисоки од 20% од спорот, а кумулативот на каматите нема да смее да биде повисок од висината на главнината, за сите семејства чии просечен месечен приход е понизок од една просечна месечна плата.

Во социјалната политика Владата ќе ги спроведе и следните мерки и активности:

∎ Воведување на Програма за минимален адекватен приход.

∎ Воведување на социјална дебитна картичка – Солидарност.

∎ Законски измени со цел воведување право на користење, не на сопственост, на социјалните станови. Социјалните станови ќе прераснат во колективни станбени заедници коишто ќе бидат управувани од локалната самоуправа. Право на користење ќе имаат граѓани кои се во системот на

социјална заштита и граѓани со ниски примања, како и млади партнерски заедници и лица со попреченост кои не поседуваат друг имот.

∎ Отворање на преноќувалишта и пунктови за храна за бездомните лица, во соработка со националните и локалните здруженија на граѓани во сите општини каде што има потреба.

Во поглед на пензискиот систем, Владата ќе го стабилизира Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и ќе гарантира редовна и одржлива исплата на пензии. Усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно, а ќе се воведе можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намалување на надоместокот за пензија.

Владата ќе настапи со предлог за воведување на државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост кое во последните 20 години живеело на територијата на Република Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија.

Ќе се модернизираат здравствените и службите за нега на стари, изнемоштени и болни лица во поглед на подобрување на нивната пристапност, квалитетен одговор на новите и конкретни потреби на жените и мажите. Ќе воведеме субвенционирање на сместување во старски домови за пензионерите со ниски примања, без поддршка од семејството и без сопствен имот.

Владата ќе иницира воспоставување на пензионерски заедници, со организирано домување на стари лица во населби во кои домувањето ќе биде обезбедено по поволни цени, со лесно достапни медицински и други служби, со понуда на прехранбени продукти по поволни цени.

Владата ќе ги поддржува еднородителските семејства со флексибилно работно време за родителот и ослободување од дел јавни давачки (такса, јавен превоз, надомест во градинка) на еднородителските семејства со плата пониска од просечната плата. Ќе се создаде Државен фонд за исплата на законска издршка на деца. Во случај родителот да не ја исплаќа издршката навреме, Фондот ќе ги исплати средствата кои потоа ќе ги наплати од неплаќачот. Со ова, ќе се гарантира навремена исплата на сите законски издршки од страна на родителите кон децата.

Дополнително, ќе се нудат бесплатни сервиси за еднородителските семејства со потпросечни примања на локално ниво за поддршка во секојдневното функционирање на овие граѓани.

Владата ќе воведе програма за индивидуална поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и семејства со ниски примања, како поддршка на семејствата кои се во зголемен ризик. Исто така, ќе се обезбеди мрежа на професионални згрижувачки семејства на кои им е регулиран работниот однос во договор со државата.

Ќе се промовираат регионални мали групни домови за децата чиј социјален ризик не дозволува згрижувачко семејство. Интервенциите и третманот ќе бидат во насока на градење капацитети и вештини на детето преку посебен пристап за повторно вклучување во општеството.

Владата на Република Македонија ќе го подобри системот на заштита на лицата со посебни потреби, по широки консултации со невладините и професионални организации. Меѓу другото, тоа ќе подразбира:

∎ Зголемување на износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50% во периодот на мандатот.

∎ Обезбедување на правото на посебен додаток до 26 година по автоматизам да премине во право на помош и нега од друго лице, што иако е предвидено во Законот за социјална заштита, во пракса не функционира.

∎ Лицата кои користат посебен додаток по навршување на 18 годишна возраст ќе добијат можност да го остварат и правото на постојана парична помош.

∎ Трошењето на парите од посебниот фонд за вработување на инвалидни лица во АВРМ ќе биде транспарентно и јавно објавено.

∎ Реорганизирање на дневните центри за лицата со попреченост. Ќе се изработат јасно дефинирани нормативи за видот на групите според категоријата на вклучување, според возраста, според бројот што треба да го има една група. Ќе се донесат посебни планови и програми за активностите на групите во Дневните центри, според категории и области на обработка на

програмите. Ќе се усвојат нормативи за неопходниот стручен кадар кој ќе работи во Дневните центри, како и за потребните технички ресурси.

∎ Законски ќе се гарантира воведување на специјален едукатор во секоја градинка и училиште каде што има деца со попреченост со цел адекватна поддршка на децата и семејствата.

∎ Навремено рефундирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување по основ на вработување на заштитните друштва.

∎ Почитување на квотите за вработување лица со посебни потреби во јавната администрација, со уважување на стручните мислења издадени од центрите за социјална работа, за приоритет при вработување.

∎ Лекарската комисија ќе ги посетува дома лицата кај кои треба да се обезбеди додаток за мобилност, слепило и глувост, а веќе има воспоставено дијагноза.лектуална попреченост.

∎ Создавање на систем за проценка на специфичните потреби (категоризација) на деца со попреченост базиран врз Меѓународната класификација на функционалност. Моделот ќе има за цел функционално да ги определи специфичните карактеристики на децата со попреченост, но не според она што не го можат, туку според нивните преостанати способности, т.е. според она што го можат (функционално оценување).

∎ Со законски измени ќе се обезбеди скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и после 26 години.

∎ Отворање на центри за ран детски развој кои ќе ги опфаќаат децата на рана возраст, веднаш после раѓање, чијашто основна функција ќе им биде развојот на способностите на децата со одделен вид попреченост (церебрална парализа, аутизам и др.).

Владата ќе финансира отворање на преноќувалишта и пунктови за храна за бездомните лица, во соработка со националните и локалните здруженија на граѓани во сите општини каде што има потреба. Ќе се изработи закон, по урнекот на Франција, што ќе овозможи донирање на храна од страна на супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите.

 

За повеќе информации Ве молиме преземете ја целосната програма на Владата на Република Македонија