Говори и интервјуа

Интегрално пренесени говори и интервјуа на Претседателот на Владата на Република Македонија и министрите на Владата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на заедничката прослава во организација на општините Прилеп и Куманово на големиот државен празник 11 Октомври, Денот на народното востание којашто се одржа во централното градско подрачје во Прилеп. Во рамки на оваа прослава премиерот Заев имаше свое обраќање во кое истакна:

Пред 77 години, нашите сограѓани во Прилеп и Куманово, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во Македонија, против фашистичкиот окупатор.

Со овој голем историски чин започна и впишувањето македонската држава на мапата на народите на светот.

Храбрите, слободољубиви државотворци, тогаш направија избор. Се кренаа на крилјата на идејата, на мислата, на стремежот. Го кренаа гласот -  Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло.

Тоа е избор што ги стави на вистинската страна на историјата. Нашите борци, нашата Република Македонија која се роди во виорот на војната, станаа дел од светскиот победнички сојуз.

Презедоа одговорност.

Избраа да изградат држава - светилиште на слободата, дури и по цена на нивните животи. Слободата ја ставија на пиедесталот на новата држава, како подарок и како завет за сите идни генерации – таа слобода никогаш да не ја изгубат и да не ја доведат во прашање.

Во сите изминати 77 години тоа беше завет за секоја следна генерација. Тој завет не смееме да го прекршиме.

Почитувани сограѓани, борци и соборци, вљубеници во слободата,

Нашата држава се роди во бурни, преломни времиња на светската историска сцена, како резултат на народната ослободителна борба и антифашистичко востание.

Раѓањето на македонската држава е резултат и на личната одлука на секој маж и секоја жена, на сите учесници во Народно ослободителната војна. Секој од нив одделно препозна дека е време за избор. Време да се биде дел од историјата што ќе се памети, што ќе биде инспирација и ќе се слави.

Таа генерација наши претходници ја грабна таа историска шанса за да го остварат вековниот сон – своја држава, држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани – Република Македонија.

Ние денеска им оддаваме должна почит на тие храбри, државотворни луѓе, кои им дарија држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат, а на светот, во светската културна ризница, му ги подарија безвременските скапоцености на нашата културна историја и традиција.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Празнувањето на значајните датуми и празници од нашата историја, не треба да бидат само формалност и протокол.

Ако се сведат само на тоа, таквото одбележување би било неправда и навреда за творците на нашата државност. Празниците се добри моменти кога секоја генерација што ги слави и прославува треба да се запраша:

Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани?

Секоја генерација е должна да ги проширува видиците. Секој граѓанин на нашата држава. И да реагира тогаш кога некој го блокира, го оневозможува развојот.

Оваа должност и одговорност најмногу им припаѓа на политичките лидери, на народните избраници.

Нашите претходни генерации, оние што ја извојуваа и што ни ја подарија државноста и слободата да живееме во неа, не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето.

Македонија беше создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани. Македонија на сите и за сите.

Должни сме на сите наши деца, на нашите идни генерации да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот - Република Македонија.

Должни сме да преземеме одговорност за Република Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие.

И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историски избор. Оваа генерација треба одлучно и храбро, и да го направи исчекорот за остварување на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја: Егзистенција за секого. Европски животен стандард. Осигурани граници. Безбедност. Стабилност. Признаен идентитет. Сето ова преку членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија.

Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Но, патриотизмот не завршува тука.

Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го почитуваат само ако им дадеме повеќе причини за тоа.

Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца. Tука да создадеме можности за нашите синови и ќерки - во Македонија. Тоа e патриотизам.

Патриотски е да се осигураме дека нашата следната генерација има иднина тука, дома!

Само така ќе имаме причина да веруваме дека на нашите идни генерации ќе им дадеме причини да слават, како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните и партизанките од антифашистичката и народноослободителната борба.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас, денеска се обратија на свеченоста по повод потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, се одржа на македонската и на грчката страна на Преспанско Езеро, во Псарадес и Отешево.

На свечениот чин, министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц, по што следуваше обраќањето на двајцата премиери Заев и Ципрас.

Обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ви го пренесуваме во целост:

Почитуван пријателе Алексис,
Почитувани министри за надворешни работи, господине Коѕијас и господине Димитров,
Почитувани членови на двете влади,
Почитуванa потсекретарке за политички прашања на Обединетите нации, мадам Розмари Ди Карло
Почитуван амбасадоре Нимиц,
Почитувана Висока претставничке за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, мадам Могерини,
Почитуван Комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, господине Хан, 
Почитувани претставници на медиумите,

Колку убав и историски ден за еден ваков настан. 

Дозволете ми на почетокот на ова мое  обраќање да парафразирам две мисли од славниот грчки философ Аристотел. Тој вели: 
„Нема да можеш да постигнеш ништо без храброст. Храброста е најголемата доблест, веднаш после честа“ и „Надежта е буден сон“. Овие две мисли на Аристотел говорат дека кога имаш верба, храброст и надеж – можеш планини да поместиш.
Моето чувство денеска, кое го делам искрено со сите вас, е дека со потпишувањето на Конечниот договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји - поместивме планини.

Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е - возможно!

Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите.

Прашањето беше отворено три децении. Тоа беа три децении неизвесност за нашата иднина. Тоа беа три децении сериозни грижи за несакани последици.

Затоа ние, јас и премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи Коѕијас и Димитров, членовите на нашите влади, заедно со нашите соработници и со поддршката на Обединетите Нации, на Европската Унија и со поддршката и на нашите заеднички стратешки пријатели, тргнавме во потрага по решение. 

По достоинствено и прифатливо решение за двете страни. 

И стигнавме до решение. Овој свечен чин е кулминација на сите наши напори. Ова е израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните на нашите две земји.

Почитувани пријатели,

Три децении решававме спор. НО, за мене е важно дека овие три децении не научија многу важни работи.

Големите визии можат да се реализираат само преку акција, преку храбра иницијатива. За да ја постигнеме нашата цел бевме фокусирани и постојано се повикувавме на градење доверба и на создавање пријателски амбиент и шанса за креативниот дијалог и за сите решенија со потенцијал.

Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. Ја повторувавме лекцијата која порачува дека кога земјите се во мир, таков ќе биде и светот, а кога земјите се во агонија, страда и светот. На темелите од минатото – градиме иднина.

Што добиваме со овој договор?

Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи кои со сигурност носат подобар живот за граѓаните на двете земји.

Решението, и процесот низ кој поминавме, ни донесе пријател. Пријател за кој до вчера некои во нашите средини не убедуваа дека е непомирлив непријател. Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји.

Во регионот, добиваме нова реалност. Повеќе не може да игнорираме дека живееме во свет во кој сме упатени едни на други. Тоа е реалност што заеднички ќе ја изградиме на темелите на меѓусебното пријателство и на заедничките заложби за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во нашите земји и во регионот.

Заеднички создаваме на регионална заедница, семејство фокусирано на луѓето, на граѓаните. 

Што ни претстои?

Да ги отвориме границите за соработка со соседите, а не за ривалство и тензии. 

Да се повикуваме на вредностите на Европската Унија и да си помагаме како соседи, како што повика Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск во својот говор "Обединети опстојуваме, поделени паѓаме". 

Заеднички да се грижиме за сеопфатна и одржлива безбедност.
Ни претстои уште една цел: Да изградиме заеднички просперитет преку посилна економска соработка. 

Со договорот што го потпишуваме денес, создадовме шанса. Имаме историска можност, да ја засилиме соработката за да изградиме посилни економски врски и заедно да постигнеме повисок раст и развој. Имаме обврска да ги олесниме трговијата, инвестициите, протокот на луѓе и технолошкиот напредок.

Видовме дека од изолација, или самоизолација, ниту една земја немаше полза.

Ни претстои уште нешто. Многу важно. Сакам да им упатам порака на противниците на овој договор во двете земји. 

Нашите општества, македонското и грчкото, се дел од европскиот заеднички систем на вредности. Нашите граѓани еднакво ги заслужуваат мирот, демократијата, владеењето на правото, слободата во сите нејзини форми. Нашите држави имаат обврска да застанат позади еднаквоста меѓу нациите, човечкото достоинство и солидарноста.

Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот.

Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа. 

Напротив, демократијата реагира на проблеми, се бори против стравот и болката. Ја обновува надежта во иднина.

И сите да знаат, противниците на некоја идеја, и противниците на овој договор, имаат право на свое мислење и на гласен аргументиран став. Да се има став е Европски манир. Исто како што е Европски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување. 

Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината.

Кога сите мислеа дека нема излез, ние заедно се одваживме и тргнуваме напред. 

Почитувани пријатели, почитувани соседи, почитуван Алексис,
Ви патувам благодарност што имавте доблест и што најдовте сила, заедно со нас, да се посветите на ова историско и вековно решение. Знам дека не беше лесно и за вас, но исто така знам дека застанавте на вистинската страна на историјата.

Дозволете ми на крајот да оддадам искрено признание и благодарност на неговата екселенција, амбасадорот Метју Нимиц. Тој, личен претставник на Генералниот Секретар на Обединетите Нации, посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање. Тоа е навистина чин за респект и за поклон.

Со задоволство ја изразуваме истата благодарност и кон Европската Унија, и кон нејзините претставници во текот на сите изминати години.

Присуството на почитуваната Висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, мадам Могерини, и на почитуваниот Комесар за проширување на ЕУ, господинот Јоханес Хан, денеска тука, на нашиот заеднички свечен, историски чин, ни потврдува дека тие остануваат покрај нас. Во сите наши идни, заеднички предизвици.

Голема е поддршката која низ целиот период ја добивавме и од Соединетите Американски држави и од сите сојузници на НАТО, нашето семејство кое ја гарантира безбедноста на регионот и пошироко.

Сакам посебно да им се заблагодарам и на шефовите на државите и на владите на нашите соседни земји. Нивното охрабрување и помош беа од пресудно значење во одредени моменти.

Почитувани пријатели,

Завршувам со тоа дека денес можеме слободно да кажеме дека сме горди на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на еден спор којшто нѐ делеше, и избравме решение што нѐ обединува. Сега, и нека биде така засекогаш. 

Благодарам. 
 

Почитуван амбасадоре на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар,
Почитуван министер за финансии Драган Тевдовски,
Почитуван господине Беким Имери од Светска банка,
Почитувана госпоѓа Миликије Халими, Градоначалник на Општина Арачиново,

Почитувани граѓани, (Të nderuar qytetarë)
 

Особено ми е драго што сме тука, заедно со нашите пријатели и партнери од ЕУ и Светската банка, за да означиме почеток на една инвестиција што ќе значи големо подобрување на услугите за граѓаните во една од најголемите приградски општини во земјата.

Иако на само неколку километри од центарот на главниот град, нашите сограѓани во Арачиново долго време беа оставени на маргините на општеството.

Илустрација за тоа не е само бараката стара речиси 7 децении што се користи како општинска зграда, отсуството на канализација за што јавноста е добро запознаена и за што говоревме интензивно во претходните години, како и на други елементарни услови за нормален живот на граѓаните.

Затоа, уште тогаш јасно и недвосмислено кажавме дека наш приоритет е подобар живот за сите граѓани. 

Почетокот на изградбата на оваа зграда е само една од многуте капитални инвестиции кои ги стартуваме во оваа година.

Во текот на 2018-та, Владата ќе вложи околу 250 милиони евра во развој на општините, нивната економија и локалната инфраструктура. Тоа се големи, значајни средства, со што ќе обезбедиме дополнителен импулс за раст на нашата економија, БДП и за повеќе пари кај граѓаните.

Со активирање на овие проекти, дел од кои се закочени со години, ќе придонесеме за сериозно унапредување на квалитетот на животот во руралните и помалите општини, кои ја заслужуваат поддршката од Владата.

Со над 110 милиони евра кои ги обезбедивме од кредити и заштеди ќе ги деблокираме општините од долгови, што ќе им овозможи да влезат во нови инвестиции и да придонесат за заживување на локалната економија.

Освен тоа, со над 125 милиони евра кои се обезбедени од различни буџетски ставки, влегуваме во сериозен инвестициски циклус за развој на локалната инфраструктура, изградба на водоводи, канализации, градинки, училишта, локални и регионални патишта.

Нашите граѓани, особено во помалите и рурални средини се чесни, вредни луѓе кои заслужуваат поголема поддршка од Владата и нашите институции.

Ве уверувам дека и во иднина таа поддршка нема да отсуствува туку постојано ќе се зголемува и унапредува.

Сакаме да има достоинствен живот и развој за сите граѓани на нашата земја. Сакаме да ја гледаме Македонија како едно општество, еднакво за сите граѓани без оглед на нивната припадност или место на живеење, како  големо семејство, каде што сите се грижат едни за други и заедно чекорат кон поубава, попросперитетна заедничка иднина.

Почитувани граѓани,

Досега направивме реконструкција на училиштата, ги реконструиравме овде и муслиманските и христијанските гробишта, работиме на проектната документација за канализацијата и за трајно решавање на проблемот со вода за пиење. Во моментов се работи на урбанистички план за една нова, голема странска инвестиција овде во Арачиново.

Дадовме збор - Арачиново ќе биде конечно убава и инфраструктурно средена општина за живеење за сите.

Нека е со среќа почетокот на изградбата на новата општинска зграда и многу генерации да се радуваат на неа!

Благодарам.

„Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Република Македонија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО“, вели меѓу другото премиерот Зоран Заев во интервјуто за магазинот CorD, кој се печати во Белград, а за свои читатели ги има претставниците на дипломатскиот кор во земјите во регионот, како и јавноста во земјите од Балканот.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на прашањето дали промените на Западен Балкан го прават фактор на стабилност во регионот или е сѐ уште регион што продуцира кризи, нагласува дека Западен Балкан покажа дека може да има искрени, енергични и посветени политички раководства, кои сакаат, можат и знаат да проценат што е потребно за своите граѓани, но и пошироко и се подготвени, без калкулации, да ги постават државите на вистинскиот пат.

„Ако некогаш Западен Балкан бил цврст во своите погледи кон заедничката иднина, тоа е сега. И ова е многу важен момент. Ги препознавме потребите за меѓусебна поврзаност и соработка и ѝ покажавме на Европа дека е цела, безбедна и стабилна само со целосна интеграција на сите држави што географски, историски, културно ѝ припагаат. Сме фактор на стабилност на Европа, не на нестабилност, нема повеќе дилеми. За поздравување е што и Европа го препозна тоа и подаде раце кон Западен Балкан“, истакнува премиерот Заев за магазинот CorD.

На прашањето како ќе се усогласат поволните пораки од ЕУ за Република Македонија, особено по препораката за определување датум за преговори, со отвореното прашање за проблемот што Грција го има со името на нашата земја, премиерот Заев одговара дека со одлуката на Европската Комисија за кристално јасна препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ, се потврдија политиките на актуелната влада, со кои за само 10 месеци се откочени процеси кои беа длабоко заглавени поради неодговорното однесување на претходната власт и заради политичката криза.

„Oчекувам 2018 година да донесе нови значајни позитивни промени во остварувањето на стратешките, евро-атлантски цели на државата и во квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија. Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион“, потенцира премиерот Заев.

Во однос на приоритетите на домашната сцена, премиерот Заев во интервјуто за магазинот CorD ги издвојува политиките за подигнување на животниот стандард и за мотивирање на младите луѓе да останат да живеат и работат во држава.

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, во разговорот за овој медиум говори и за Планот за економски раст со кој е обезбедена повеќекратно поголема државна поддршка за фирмите и еднаков третман на странските и домашните компании.

„Тоа сметаме дека ја релаксира политичката клима, заедно со изградбата на едно општество за сите граѓани. Во тек се ефикасни промени во здравството и во образованието, а децентрализираме и многу сервиси на локално ниво, за граѓаните да имаат достапни услуги. Република Македонија по Устав е социјална држава и наш предизвик е да се справиме со сиромаштијата што ја затекнавме како состојба, но во меѓувреме и да обезбедиме соодветна социјална заштита на секој кој има потреба од неа. Надворешните приоритети, евро-атлантските интеграции, значат и реални шанси за поефикасно остварување на домашните приоритети, а со тоа и целосна стабилизација на граѓаните и државата“, вели премиерот Заев во интервјуто за магазинот CorD, во кое одговара и на повеќе други прашања за регионот, за односите со соседите, како и за геостратешките прашања поврзани со Република Македонија и Западен Балкан.

Линк до оригиналната публикација: http://cordmagazine.com/cord/cord-magazine-no-163/

Линк до оригиналната вест: http://cordmagazine.com/interviews/zoran-zaev-prime-minister-republic-macedonia-year-remember/

Како вели Платон: „Цената која добрите луѓе ја плаќаат за индиферентноста кон јавните политики е над нив да владеат лоши луѓе“.

Добри луѓе, почитувани присутни, почитувани граѓански активисти, претставници на невладиниот сектор, претставници на Македонскиот центар за меѓународна соработка, почитувани претставници на Цивика мобилитас, на Швајцарската агенција за развој и соработка, на Шведскиот институт за јавна администрација,

Вие активно учествувате во реформските промени со коишто ја поставивме и ја движиме Република Македонија стабилно на патот на Европската унија на НАТО.

Вашето теренско (грас-рут) искуство, долгогодишната работа, анализите за клучни состојби во државата и од директен интерес за граѓаните на Република Македонија, помогнаа кога го создадовме реформскиот План 3-6-9. А, еве и овде ќе се обврзам, иако соработката со голем дел од вас e интензивна, дека граѓанскиот сектор останува активен дел и од практикувањето на политиките на Владата, и од носењето промени на сите нивоа. 

Постигната е свест дека невладиниот сектор и граѓанските организации се една од најважните алки меѓу граѓаните и системот.

Зошто? Затоа што ни се неопходни сите можни, и надворешни, и внатрешни механизми, со коишто промените се можни.

Проектот “Граѓаните за промени“, на МЦМС и на донаторите од Швајцарија и Шведска Владата на Република Македонија силно го поддржуваме. И ќе одам и чекор понатаму. „Граѓаните за промени“ не е само проект. Беше и идеја кога застанавме заедно во одбраната на демократските и европските вредности, а еве веќе една година, за мене како премиер и за оваа реформска Влада стана политичка идеологија.

Знаете дека тоа подразбира подготвеност за алоцирање на “моќта“ до општеството - тоа “моќ“ под наводници, зашто власта никако не би смеела да се подразбира како моќ, туку како дадена доверба од граѓаните и должност кон граѓаните.

Реков и ќе повторам, се развластивме кон граѓаните и кон општините. Да, Владата е политичка како што предвидува нашиот политички систем, но фокусот мора да биде кон граѓанските интереси.

Затоа, ги вклучивме мерките од „Документот на граѓанските организации за итни демократски реформи“, познат како „Блупринт“, низ серијата консултации со претставници од граѓанскиот сектор.

Уште во првите месеци, Владата го измени својот Деловник за работа и го продолжи рокот за коментирање на ЕНЕР од 10 дена, на 20 дена, овозможувајќи двојно повеќе време за коментирање и поголема достапност на сугестиите, коментарите и критиките.Ги усвоивме амандманите на Одлуката за формирање Совет за соработка и развој на граѓанскиот сектор - настапивме проактивно кон оваа идеја за воспоставување вистински заеднички Совет на граѓанските организации и на Владата и веќе се назначени 16 членови во Советот од граѓанските организации и 15 членови од институциите, а за слабостите што излегоа на површина се подготвени предлог препораки за подобрување на Одлуката.

Во врска со Стратегија за соработка со и за развој на граѓанскиот сектор 2018-2020 година, дадовме оценка на Акциониот план и веќе има повик до граѓанските организации да се вклучат во работните групи за подготовка на новата Стратегија.

Советот за соработка е најјасниот пример на директното партнерство со граѓанксиот сектор, што вие сами го создадовте како модел.

Со цел да осигураме дека Советот и Стратегијата ќе бидат поставени на здрава основа, ЕУ обезбеди финансиска поддршка и услови за имплементација, но и алатки за следење на имплементацијата коишто се јавни и достапни за сите .Владата започна да развива Адресар на граѓански организации, во форма на отворени податоци што ќе ги користат институциите во текот на процесот на креирањето политики и одлуки. Со цел да се осигура дека сите граѓански организации коишто се заинтересирани, имаат можност да придонесат, Владата подготвува Формулар за регистрација, што ќе биде јавен, но исто така ќе ги повика сите регистрирани граѓански организации во Македонија, да бидат дел од базата на податоци.

Воведуваме и пракса „Отворени денови за иницијативи од граѓанските организации“, еднаш месечно, кога ќе се презентираат иницијативи чијшто фокус се демократски и економски просперитет на Македонија, она што е клучна владина определба. Го заокружуваме, според последните информации датумот за првиот состанок, некаде на почетокот на јуни.

Посветени сме многу на проектот Отворено владино партнерство 2018-2020 и на  консултативни средби со граѓанското општество за сите важни прашања за граѓаните од областа на секојдневниот живот, во унапредување на институционалните услуги, но и за клучните стратешки државни интереси.

Во интерес на процесот, треба да се биде внимателен околу информациите за разговорите што течат околу спорот што ги кочи нашите евро-атлантски интеграции, но вие сте партер на Владата и сакам и со вас да споделам.

Република Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.

Постои можност за такво решение за кое што последниот збор ќе го имаат граѓаните на Македонија, на референдум.

Покажав лидерство во тешкиот проект Вистината за Македонија, дадовте и доверба и поддршка затоа што бев искрен со вас и соработував со отворено и принципиелно.

Сите процеси што следуваа понатаму, во коишто чекоревме заедно, се наш заеднички успех.

Јас сум подготвен за нашата држава повторно да покажам лидерство за заедничко добро на сите граѓани, за напредок и за развој на држава, сочувувајки го дигнитетот, идентитетот и суверенитетот на нашите граѓани и нашата држава. И ве повикувам да учествувате, да се приклучите во овие историски моменти, повторно, заедно да ја обезбедиме иднината на државата, и да се ослободиме од спорот, од каменот што повеќе од 25 години ја влечеше Македонија надолу.

Потребно ми е и мене како премиер и на Владата, да продолжиме со активната, двонасочна отвореност и соработка и да дадете поддршка како граѓанско општество за економски развој и просперитет на Република Македонија. Вашата проактивност во нудење на решенија е клучна.

Можни се, достижни се и датум за ЕУ и покана за НАТО.

Ако во тоа успееме, повторно, тоа ќе биде заеднички успех.

„Граѓани за промени“, ви благодарам што ја препознавте вашата должност, прво како достоинствени граѓани на оваа држава, а потоа и како организации што придонесувате во обезбедувањето светла иднина за нашата заедничка Република Македонија.

Продолжуваме заедно!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање по повод отворање на новизградените објекти на Царинскиот терминал Табановце, инвестиција финансирана од Европската Унија и буџетот на Република Македонија. Во своето обраќање премиерот истакна:

Од денеска граѓаните, луѓето од бизнисот во меѓународната трговија и транспорт, вработените во јавната администрација, стануваат побогати за уште две придобивки со кои значително ќе им се олесни нивната работа. Резултатите ќе бидат поефикасни, а задоволството и мотивацијата од работата според европски услови и стандарди - поголеми.

Рековме дека за граѓаните на нашата земја, паралелно со интензивирањето на евроинтеграциските процеси, создаваме услови Европа да ја донесеме тука. Станува секојдневие нашите граѓани да добиваат подобри услуги, во средина која се доближува до стандардите за работа и живеење на Европската Унија.  

Настанот што не собра денеска е резултат на овие активности:

Го пуштаме во употреба ново-реконструираниот инфраструктурен капацитет на граничниот премин Табановце, развиен според најмодерните и функционални стандарди за царинење и за олеснување на трговијата и контрола.

Ја стартуваме работата на Интероперабилниот информатички систем на Царинската управа со царинските информатички системи на ЕУ, односно - ја носиме  ЕУ, носиме високи стандарди на работа во нашата Македонија.

Со почетокот на функционирањето на Компјутерски транзитен систем  на ЕУ во Република Македонија, нашиот национален транзитен систем го усогласивме и го поврзавме со  транзитните системи на земјите членки на ЕУ и на ЕФТА,  во која членуваат и Република Србија, Република Турција, Швајцарија и Норвешка.

Со модерните инфраструктурни објекти за царинење и контрола овде на Табановце, за доброто на граѓаните, реализираме чекори од нашата стратешката цел за олеснување и забрзување на протокот на стока и патници, и тоа преку:

  • Подобрување на квалитетот на услугите и условите за работа на економските оператори и царинските службеници;
  • Намалување на задржувањето на возилата на граничните премини и
  • Одржување на систем свртен кон потребите на клиентите и негување на партнерски однос со деловната заедница.

Од друга страна, кога Република Македонија пристапи кон Конвенцијата за заеднички транзит на ЕУ, следниот чекор требаше да биде воведувањето на Компјутеризиран транзитен систем.

Тој чекор го правиме денеска.

Компјутерскиот транзитен систем претставува алатка за современо управување и контрола на транзитните процеси и постапки, со што се овозможува замена на писмената (хартиена) транзитна декларација со електронска форма на транзитна декларација.

Со оваа нова, дигитализирана постапка се поврзуваат и обединуваат: царината, царинските застапници, шпедитерите, увозниците и извозниците во единствен систем – сите тие имаат постојан пристап во системот за да креираат транзитни документи.

Воведувањето на Компјутерскиот транзитен систем значително влијае на забрзувањето на царинските постапки, на олеснувањето на трговијата во регионот и пошироко, на намалување на трошоците, и на намалувањето на административните бариери.

Сите овие придобивки се резултат на нашите определби за поефикасни сервиси за граѓаните и за бизнис заедницата.

Почитувани, Република Македонија на патот на европските интеграции вложува големи напори за модернизацијата на транспортната инфраструктура, која претставува значителен придонес кон подобрување на економијата и трговијата, како на домашната така и на регионалната.

Царините имаат клучно значење во обезбедувањето непречен проток на трговијата, примена на потребните контроли, заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните.

Воведувањето на стандарди во Царинското работење, што ги бараат странските инвеститори, ќе придонесат кон раст на претпријатијата, платите, стандардот, и на целокупната економија.

Реализираните проекти, се јасна поддршка и потврда на заедничкиот интерес за зајакнување на соработката со ЕУ на полето на постигнување повисоки стандарди во транспортот и царинското работење како и стандардите на ЕУ. 

Драги граѓани, ние ветивме дека услугите во оваа земја ќе служат за да го олеснат и подобрат живеењето на граѓаните, и ова само докажува дека стоиме на зборот. Насочени сме да ги модернизираме сите сервиси, граѓаните ќе имаат целосна, брза, квалитетна услуга.

Благодарејќи на поддршката од Европска унија, а посебно на Делегацијата на Европската унија, успешната реализација на овие проекти претставува придонес кон севкупните реформи во фаза на пристапување кон Европската унија.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска присуствуваа на настан по повод отпочнување на градежните работи за изградба на експресен пат Градско - Прилеп, делница Градско - Дреново. Во своето обраќање премиерот Заев истакна:

 

Денеска имам посебна причина да бидам тука и да ги поздравам граѓаните на Вардарскиот и Пелагонискиот регион, бидејќи денеска сме тука за да ја стартуваме новата фаза од реализацијата на експресниот пат Градско - Дреново, иницијатива која дојде како барање на граѓаните на овие два региони.

 

На овој начин, граѓаните од Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола, Крушево, Кривогаштани и другите поголеми или помали населени места зедоа учество, директно учество, во инклузивните програми на владата. Се вклучија со нивните предлози и упорност да отпочне и да се заврши овој експресен пат како исклучително важна делница од Коридорот 10, но и исклучително важна патна артерија за двата региона за граѓаните и за компаниите.

 

Најважно за граѓаните, е што овој експресен пат отвора нови можности за брза транспорт на луѓе и на производи, како и на непречено и лесно поврзување на идеите за нови иницијативи, нови проекти, нови контакти.

 

Можностите за лесно конектирање, за поврзување, инфраструктурното поврзување меѓу градовите, селата и населените места на цела територија на Република Македонија и поврзување на земјата со земјите од регионот и Европа претставува стратешки и врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Со еден единствен интерес: Од полза и за добробит на граѓаните.

 

270 милиони евра се обезбедени оваа година за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе од 60 патни правци во должина од околу 800 километри.

 

Тоа е сериозна градежна офанзива на патната инфраструктура во Република Македонија. Станува збор за проекти од голем, долгорочен интерес за економијата, за граѓаните, за идните генерации.

 

Дел од проектите ќе бидат завршени оваа година, дел ќе бидат започнати, но еден дел се очекува да бидат комплетирани во различни временски интервали следните неколку години.

Работиме на тоа да обезбедиме вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт.

 

Почитувани,

 

Дозволете ми да се вратам на значењето на денешниот настан - на стартот на втората фаза од реализацијата на експресниот пат Градско - Дреново.

 

Ние нашите преземени обврски од овој проект ќе ги реализираме. Ќе ги отстраниме слабостите кои до сега ги имаше и ќе продолжиме понатаму.

 

Продолжуваме со постојан контакт со граѓаните. Нивните потреби се наша обврска. Доста беше изолација, ова е време на развој, поврзување и интеграција! Ова е време на граѓаните и нивните потреби!

 

Потреба на граѓаните од овие делови на Вардарскиот регион, како и на граѓаните од Пелагонија, беше да добијат современ брз, но и безбеден експресен пат.

 

Македонија во изминатите години беше инфраструктурно заостаната земја, со рурални средини без основни животни услови, без системи за снабдување со вода, фекални и атмосферски канализации. Патиштата станаа опасни и небезбедни. Според стандардите на ЕУ, дури 39%од патните решенија во нашата земја до сега беа крајно небезбедни. Еден од тие правци беше и овој. Со завршницата на градбата на овој пат, ќе замине во сеќавањата и оваа статистика.

 

Заради безбедноста на граѓаните се фокусираме на изградба на инфраструктура што ќе значи иднина за македонската економија, и, истовремено, ќе биде мрежа за сигурно и безгрижно патување и транспортна комуникација.

 

Нашата амбиција е, во името на граѓаните на нашата земја да ги реализираме нашите програмски одредници „Македонија без црни точки”, и инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за кое нема да бидат потребни повеќе од 90 минути низ безбедни патни правци.

 

Почитувани,

 

И во оваа прилика сакам да ја искажам нашата благодарност, како благодарност на граѓаните на Република Македонија, за искрената поддршка на Делегацијата на Европската Комисија во нашата земја. Тие и овојпат го докажаа нивниот партнерски однос со политиките на владата, и особено со потребите на граѓаните на нашата земја, и издвоија голем дел од финансиските средства за овој екпресен пат од ИПА 2 програмите за поддршка на земјите во предпристапниот процес кон членство во ЕУ.

Конектирањето, поврзувањето е вредноста која е заедничка и за нас, и за Европската Унија, и која и овој пат ја докажуваме на дело во уште еден заеднички потфат.

 

Благодарам.

Интегрално обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на отворањето на хотелот Меркур во Тетово:

 

Почитувани гости,

Почитуван амбасадор на Република Франција, Тимоние,

Почитуван претседател на ДУИ, Али Ахмети,

Почитуван поглавар на Исламската верска заедница, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Почитуван сопственик и менаџмент на хотелот Меркур,

На самиот почеток дозволете да Ви упатам искрени честитки и желби за почеток на една успешна и плодоносна работа.

На мое огромно задоволство денеска присуствувам на свеченото отварање на хотелот Меркур.

Вашата инвестиција создава услови и отвора потенцијал градот Тетово да прерасне во атрактивна дестинација препознатлива на регионалната и европска туристичката мапа.

Новите инвестиции се нова вредност во економијата. Вашата инвестиција претставува нова вредност за градот Тетово и за Република Македонија.

Ова е потврда дека деловната клима се стабилизира и се повеќе шанси и можности за нови инвестиции се отвораат.

Очекувам да постигнете многу позитивни резултати на економски план. Посакувам да реализирате уште многу нови инвестиции во Македонија.

Владата на Република Македонија гради партнерски однос со бизнис заедницата. Имаме слух за потребите на бизнисот и политичка волја заедно да ги надминуваме и унапредуваме состојбите во економијата. Во тој дух упатувам искрени желби за плодоносна соработка.

Уште еднаш честитки и Ви посакувам успех во работата!

Човечкото општество е изградено врз основа на принципот на натпреварот помеѓу поединци и меѓу општества – рече Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешното отворање на Гимназијадата во Тетово.

Поздравувајќи ги присутните ученици од повеќе средни школи во Македонија, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, директорот на Агенцијата за млади и сорт, Дарко Каевски, пратеници, спортисти и спортски работници, тој додаде:

Повисоко, подалеку, побрзо, посилно. Тоа се стремежите на спортистите, тоа се и стремежите и на нашето општество. 

Драги ученици, почитувани спортисти, наши деца, добар ден.

Присуството и отворањето на секој спортски настан, ми претставува посебно задоволство, затоа што во секоја таква прилика гледам дополнителен мотив за Владата која ја предводам да остане посветена на здравјето на граѓаните преку активно унапредување и збогатување на спортските политики.

За нас како влада, но и како луѓе пред се, развојот на спортот и спортските навики е главното оружје со кое сакаме да го заштитиме здравјето на граѓаните од сите возрасти, социјални групи и средини.

Спортот има многу важна улога во поттикнување на социјалната интерактивност, проактивноста, во градење толерантни и отворени заедници, кои во големата слика прават едно заедничко општество. Едно општество за сите.

Системската поддршка на спортот од страна на државата исто така е клучна и за остварувањето на високи спортски резултати, за обезбедување достоинствени услови за живот и работа на спортистите и спортските работници.

Затоа училиштата ни се од исклучителна важност во намерата да инвестираме, со сите расположливи ресурси и капацитети во развојот на спортската инфраструктура и условите за спортувањето како начин на живот, во Република Македонија.

Спортските навики се доблести. Дисциплина, тимска работа, почит, лидерство, солидарност.

Поради тоа, и многу други причини, Владата создава услови за зголемен број на часови по спорт во основните и во средните училишта.

Го враќаме спортот во училиштата со креирање спортски систем со кој ќе се започне со натпревари и активности од класните и меѓу-класните натпревари во училиштата, завршувајќи со национален систем на натпревари со учество на училишни победници и репрезентации од секоја општина во сите степени од образованието.

Ги поддржуваме и Националните спортски федерации во креирањето современ, национален систем на натпревари и ја почитува самостојноста на Федерациите, затоа што во духот на спортот, за нас тие се екипа. 

Драги деца, спортисти, почитувани професори и спортски работници.

Со апел за спортски фер-плеј и натпреварувачки дух, ви посакувам успешна игра, и силна заедница.

Ја прогласувам оваа гимназијада за отворена.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на годишното изборно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора во коешто истакна:

На самиот почеток дозволете да му го честитам изборот за нов претседател на Македонско-бугарската стопанска комора на Кирил Лазаров и да му посакам успешна работа.

Сакам да ви оддадам признание на вас членките на Македонско-бугарската стопанска комора и да ви укажам на вашата значајна улога во зајакнувањето на соработката со нашата соседна земја, Република Бугарија. Во иднина вашата работа ќе претставува значаен јазол којшто ќе ги поврзува земјите и бизнисот на економски план.

Лично јас негувам огромна надеж токму  преку овој состав денеска овде присутен дека ќе го оправда тоа што ние политичарите сме должни да го овозможиме, а тоа е да го отвориме патот за бизнисот, профитот, работните места, бруто домашниот производ и меѓусебната трговска размена.

Владата на Република Македонија е цврсто решена да ги отвори перспективите за бизнисот и економијата. Прв храбар чекор на тој пат беше потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.

Преку градење на политички мостови кои нѐ спојуваат настојуваме да постигнеме економски резултати кои се важни за подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји. Потпишавме повеќе меморандуми и договори и ги отворивме сите фронтови за соработка со нашиот добар сосед Бугарија.

Резултати од таквите храбри чекори веќе се чувствуваат. Охрабрувачки се последните податоци кои покажуваат дека по потпишувањето на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство со Република Бугарија имаме зголемување на обемот на трговската размена.

Очекувам таа соработка уште посилно да се интензивира. Вашата улога како комора која ги поврзува бизнисите и економските субјекти од двете земји ќе биде екстремно значајна.

Сигурен сум дека и во иднина многу компании од Бугарија ќе ја препознаат нашата земја како стабилна и долгорочна дестинација и ќе инвестираат во Македонија. Како што се многу примери, на досегашни компании, едно од тие е Минстрој на господинот Волканов. Мое очекување е да се отворат многу пазари и полиња на соработка и за македонските компании и во Република Бугарија.

Должност на политичарите, на нас е да ги отворат можностите, а должност на стопанствениците е да ги зграбат таквите можности.

За таа цел, ве повикувам да го искористиме овој поволен момент за нови инвестиции.

Македонија широко ги отвори вратите за нови инвестиции. Мерките за поддршка за раст на конкурентноста и нови инвестиции предвидени во Планот за економски раст ви стојат на располагање. Сите компании добиваат третман на домашни компании. Бугарските компании овде во Македонија и ги чувствуваме како домашни компании досега. Во палетата мерки за поддршка ви стојат на располагање и мерките за поддршка на пораст на платите.

Ве повикувам да ги разгледате можностите што ви се нудат и со ваша нова инвестиција да бидете дел од една успешна економска приказна овде на Југоисточна Европа.

Инвестициите и членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ се важни за економскиот развој на нашата држава, како и за остварувањето на нашите стратешки цели и секој искрен пријател на Македонија е драгоцен наш пријател, а посебно кога станува збор за голем пријател како што е Република Бугарија.

Уште еднаш упатувам честитки за изборот на вашиот нов претседател и очекувам и понатаму успешна и плодоносна соработка со Македонско-бугарската стопанска комора.