Седници на Влада

Дневни редови, соопштенија и одлуки од седниците на Владата на Република Македонија.

Владата на Република Македонија на денешната 67-ма седница ја разгледа и усвои Информацијата околу новите моменти за премин во втора фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) меѓу Република Македонија и Европската Унија, и го задолжи Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Бујар Османи, да ги координира релевантните институции во подготовките на позициите на Република Македонија по соодветните одредби од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) поврзани со преминот во втората фаза и истите да и ги предложи на Владата веднаш по одржувањето на следниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Со оваа одлука на Владата на РМ, се задолжуваат надлежните министерства и другите органи на државна управа кои се засегнати со преминот во втората фаза на ССА, да направат анализа и да дадат најнов пресек и статус на соодветните одредби, и за истото да го информираат Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 11 мај 2018 година.

Оваа одлука на Владата на РМ доаѓа врз основа на вербалната нота доставена од страна на Канцеларијата за врски на Република Грција до Министерството за надворешни работи, на 23.02.2018 г. во која се информира дека Република Грција нема резерви во однос на преминот на Република Македонија во втора фаза на ССА.

 

На оваа седница Владата на РМ донесе одлука за решение за исплата на паричен надоместок и обезбедување на здравствено осигурување за последните месеци, на вработените во компанијата Еурокомпозит од Прилеп.

 

Министрите во владата на денешната седница го прифатија предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија на предлог на Министерството за економија. Целта на Предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија е укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и на малопродажните објекти во кои тоа беше забрането со законот од 2008 година.

Основните решенија на Предлог законот кој ќе биде доставен на усвојување во Собранието на РМ предвидуваат продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму да се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои истата ќе се врши, односно ќе се дозволи продажбата на истите и во киосците. Исто така со Предлогот на закон не се ограничува времето за продажба на алкохолни пијалаци во малопродажните објекти во трговијата.

 

Министерството за економија предложи, а Владата на Република Македонија ја усвои одлуката за времено укинување на увозната давачка-специфичната и царинската стапка по вредност за замрзнато свинско месо и други производи од свинско.

Предлогот се однесува на временски период од шест месеци, а количините се утврдени на ниво од 50% од утврдените потреби за суровини на домашната индустрија, од страна на Стопанската комора на Република Македонија, Групацијата за производство на месо и преработки од месо, врз основа на фактурираната и наплатена реализација во претходната година.

Со оваа предлог одлука се очекува да се зголеми конкурентноста на домашната индустрија на преработки од месо, а со тоа да се зголеми производството и извозот на преработки од месо и да се зголеми бројот на вработени во домашната индустрија за месо.

 

Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за продолжување на крајниот рок за користење на средствата од заемот обезбеден од Европската инвестициона банка (ЕИБ) за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, и ги задолжи Министерството за финансии во соработка со Министерството за транспорт и врски, во рок од 2 месеци да достави барање до ЕИБ за обезбедување на нов, дополнителен заем во износ од 50.000.000,00 евра за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“.

 

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа и го усвои Извештајот за моменталната состојба на железничката делница Бељаковце - Крива Паланка од железничкиот Коридор 8, и го задолжи ЈП МЖ Инфраструктура-Скопје да ги преземе сите активности за ретендерирање и за најбрзо реализирање на оваа активност.

 

Владата ја разгледа Информацијата за утврдување на мерки за времено згрижување на затекнатите лица под Кале и го задолжи Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, да продолжи со активностите за згрижените лица затекнати под Кале, согласно мапирањето на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, во објекти што ги користи ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје, врз основа на претходна согласност на лицето, најдоцна до јуни 2018 година.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика во рамките на предвидениот буџет за 2018 година ќе продолжи да ангажира стручни лица од граѓанските организации за реализација на предвидените активности за лицата затекнати под Кале до нивно целосно интегрирање.

 

На предлог на Министерството за здравство Владата донесе Одлука за спојување на јавните здравствени установи Здравствен дом Дебар и Општата болница Дебар во Јавна здравствена установа Општа болница со проширена дејност-Дебар.

 

Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои Програмата за одбележување на јубилејот „1000 години од формирањето на Охридската Архиепископија“, чии активности ќе започнат на 28 мај.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од алтернативно финансирање за реализација на изградбата на дистрибутивната гасоводна мрежа во Република Македонија и го задолжи Министерството за финансии да ја информира Владата за можностите за финансирање за реализација на изградбата на секундарниот дистрибутивен гасовод во Република Македонија.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потпишувањето на заедничка декларацијата за намери од страна на шефовите на владите на Република Бугарија и Република Македонија за овозможување на спојување на ден однапред пазарите на електрична енергија во Бугарија и Македонија, како и Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија, со нацрт - текст на Меморандумот.

Ова е втората и последна фаза од претходно донесената одлука на Владата на РМ за соработка на пазарот со електрична енергија со Република Бугарија со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи редовната 67-ма седница со повеќе точки на дневниот ред од Програмата за работа на владата и од интерес на граѓаните.

На денешната седница Владата на РМ ќе се произнесе по Предлог-одлуката за давање согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште-сопственост на РМ по пат на непосредна спогодба на Друштво за производство на електрична енергија „Актуел енерџи груп“ доо - Скопје, за изградба на мала хидроелектрична централа Конска и придружни објекти на река Конска, општина Гевгелија.

Министрите во Владата на РМ денеска ќе го разгледаат и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, на предлог на Министерството за финансии.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на оваа, 67-ма седница, ќе ја разгледа и информацијата за продолжување на крајниот рок на достапност на средствата обезбедени од заем од Европска инвестициона банка за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, како и извештајот за моменталната состојба на железничка делница Бељаковце - Крива Паланка, од железничкиот Коридор 8.

Министерството за животна средина и просторно планирање на денешната седница ќе ја презентира информацијата за потпишување на Рамковен договор помеѓу Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и Министерството за животна средина и просторно планирање.

На денешната владина седница ќе се разгледа и извештајот за спроведувањето на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015 - 2020, како и Годишниот извештај за 2017 година на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Министрите во Владата на РМ на денешната седница ќе се произнесат и по Информацијата за прогресот на реализација на Проектот „Откуп на дворно место 1 евро за 1 м2”.

На денешната владина седница Јавното претпријатие за државни патишта ќе информира за можноста за поврзување на ТИРЗ „Тетово“ со автопатот А2 (Е-65), а Агенцијата за вработување на Република Македонија ќе ја презентира Програмата за работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија за 2018 година.

Предвидено е 67-та седница на Владата на Република Македонија да започне во 12 часот.

Во рамки на денешната 66-та седница министрите ја разгледаа и ја прифатија Предлог-одлуката со која се утврдуваат стратешките приоритети во работењето на Владата на Република Македонија за 2019-та година. Дел од нив се:
- развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;
- Република Македонија - членка на НАТО и ЕУ;
- одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;
- јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;
- реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;
- реформи во правосудството;
- целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за клучните наоди и препораки од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година. Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања да го консолидира Планот 2018 со внесување на соодветните елементи од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година во рок од 7 дена. Дополнително, се задолжува ад хок работната група да го дополни План 2018 со соодветните препораки од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година.

На денешната седница како материјал за информирање беше разгледана информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.

Владата на Република Македонија како материјал за информирање ја разгледа и ја усвои Информацијата за потпишување на договор за заеднички придонес помеѓу Владата на Република Македонија и УНФПА за имплементирање на дел од мерките за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата.

На денешната, 66-та седница Владата одлучи да се отворат почесни конзулати на Република Македонија во Турција, со седиште во Едрене и во Казахстан, со седиште во Алмати. Во исто време, за почесен конзул на Република Македонија во Турција е именуван Есер Џевахир, додека за почесен конзул на РМ во Казахстан е именуван г-дин Султан Мукшаев.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, на седницата беа прифатени Предлог-законите за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог-законот за приватни агенции за вработување.

Владата на Република Македонија на седницата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд за периодот од октомври 2017-та до март 2018-та година. Владата го задолжи Кабинетот на Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори, како Назначен национален орган да ја информира Владата за реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд најдоцна до 30.10.2018 година, а по потреба и порано.

Министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за одржан координативен состанок за изнаоѓање начин за обезбедување финансиски средства потребни за реализација на единствениот комуникациско информативен систем со единствениот Европски број за итни повици Е-112 во Република Македонија. Дополнително, претставници од неколку министерства и надлежни институции треба да формираат меѓу ресорска група (оперативен тим), со цел преземање на активности за реализација и имплементација на Системот за итни повици Е-112 во Република Македонија и во најкраток можен рок да подготват Информација и истата да ја достават до Владата на Република Македонија.

Во рамки на денешната 66-та седница на Владата на Република Македонија министрите ќе ја разгледаат Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата за 2019-та година и тоа:

  • развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;
  • Република Македонија - членка на НАТО и ЕУ;
  • одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;
  • јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;
  • реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;
  • реформи во правосудството;
  • целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија.

 

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, на дневен ред на седницата се Предлог-законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог-законот за приватни агенции за вработување.

Дел од точките на 66-тата седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежни производи, предложен од министерството за економија и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка, предложен од Министерството за финансии.

На дневен ред на денешната седница се и информациите за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.

Како точки за информирање, министрите ќе го разгледаат извештајот за реализација на средства од програмите за финансиска поддршка во земјоделството, руралниот развој и рибарство со аквакултура за 2017-тата година.

На предлог на Министерството за надворешни работи ќе бидат разгледани предлозите за отворање на почесни конзулати на Република Македонија во Турција со седиште во Едрене, и во Казахстан, со седиште во Алмати, со предлог одлука.

Пред министрите денеска ќе се најде и Информацијата во врска со реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд за периодот од октомври 2017-та до март 2018-та година.

Почетокот на 66-тата седница на Владата на Република Македонија е предвиден во 12:00 часот.

На редовната 65-та седница Владата на Република Македонија разгледа повеќе точки од планот за работа и донесе одлуки кои се од интерес на граѓаните.

На предлог на АД за производство на електрична енергија, „Електрани на Македонија“, во државна сопственост, Скопје беше разгледана информацијата за текот и активностите за проектите ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште. Владата на Република Македонија ги задолжи Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и Министерството за економија да формираат меѓу ресорска комисија со претставници од повеќе министерства и државни претпријатија да подготви препораки за понатамошни активности за продолжување на проектот.

Министрите на денешната седница, на барање на Министерството за економија го разгледаа Извештајот за преговори со усогласен текст на договорот за соработка во областа на туризмот меѓу владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.

На денешната седница беше разгледана и усвоена програмата за изменување на годишната инвестициона програма на ЈП ХС „Злетовица“, Пробиштип и ребалансот на финансовиот план, а беше разгледан и годишниот извештај за работата на Геолошкиот завод на Република Македонија.

Министрите денеска разгледаа информација и донесоа заклучоци за кадровската екипираност на инспекциските служби во Република Македонија со план за нивно доекипирање.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше разгледана информација за промоција на Република Македонија како земја – партнер на 56-тото издание на Самитот АГРА 2018 во Република Словенија.

Владата на Република Македонија на денешната 65-та седница го усвои текстот на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи со кој се унапредуваат работничките права.

На предлог на Министерството за култура министрите ја усвоија предлог програмата за користење на средства за изградба на спомен обележје на Тодор Проевски во Крушево со која средствата обезбедени во буџетот се префрлуваат на општина Крушево.

На предлог на Собранието на РМ, Владата на Република Македонија даде позитивно мислење за повеќе измени и дополнувања на законски решенија, меѓу кои предлог- законот за измени и дополнување на законите за лекови и медицински помагала, за санитарни и здравствени инспекторати, за јавни набавки, за инспекциски надзор, за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и.т.н. За предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини Владата на Република Македонија дополнително ќе се произнесе.

На денешната седница на предлог на Министерството за одбрана беше разгледана информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во мисијата на НАТО “Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од август до ноември 2018 година.

Министрите разгледаа информација за прогрес на реализација на акцискиот план за пристапни рампи за лицата со инвалидност, како и информацијата предложена од Министерството за информатичко општество и администрација за статусот на реализација на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2016-2018 година.

Како материјал за информирање на владината седница беа разгледани извештајот за тековниот статус на болниците во процесот на акредитација, за периодот јули - септември 2017 година, извештајот за реализација на Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2017 година, како и информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за зима 2018.

Во рамки на 65-тата седница која треба да започне во 12:00 часот, Владата на Република Македонија ќе разгледа повеќе точки од планот за работа, а кои се од интерес на граѓаните.

На предлог на АД за производство на електрична енергија, „Електрани на Македонија“, во државна сопственост, Скопје ќе биде разгледана информацијата за текот и активностите за проектите ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште.

Министрите на денешната седница, на барање на Министерството за економија, ќе дебатираат за извештајот за извршени преговори со усогласен текст на договорот за соработка во областа на туризмот меѓу владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.

На барање на Собранието на Република Македонија на дневен ред на 65-тата седница се 13 предлог – закони за изменување и дополнување. Дел од нив се: предлог- законот за измени и дополнување на законите за лекови и медицински помагала, за санитарни и здравствени инспекторати, за јавни набавки, за инспекциски надзор, за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и.т.н

На денешната седница ќе бидат разгледани и две информации на предлог на Министерството за одбрана, односно информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во мисијата на НАТО “Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од август до ноември 2018 година и информацијата за учество на припадници на Армијата на Република Македонија на воена парада во Република Бугарија.

Пред министрите ќе се најдат и информација за прогрес на реализација на акцискиот план за пристапни рампи за лицата со инвалидност и информацијата предложена од министерството за информатичко општество и администрација за статусот на реализација на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2016-2018 година.

Како материјал за информирање на владината седница ќе бидат разгледани извештајот за тековниот статус на болниците во процесот на акредитација, за периодот јули - септември 2017 година, како и извештајот за реализација на Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2017 година.

Владата на РМ ја разгледа и ја усвои Информацијата за објавување на службените трошења на директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на Министерствата, на официјалните веб-страници.

Најдоцна до 20.06.2018 година се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на Министерствата и на Инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.

Истото, им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.

Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси.

Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата со Правилници за мерките од Планот за економски раст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
Во исто време, Владата на Република Македонија ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија, составена од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за економија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија.

На предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата, министрите ја прифатија предлог – иницијативата за формирање „Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Македонија;“, при Владата на РМ.

Оваа обврска произлегува од Меѓународната Конвенција на ОН за заштита на правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја има ратификувано во 2011 година.

На седницата на владата беше разгледана и прифатена информацијата за Правилник за општите и посебните барања за безбедност на храната во однос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително и од животинско потекло.

Владата на РМ на својата 64 редовна седница го разгледа и го усвои конечниот извештај за извршена ревизија на успешност, односно ефективност на единиците на локална самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки.

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата го прифати Предлог-закон за поддршка на млади при купување на музички инструменти. Законот предвидува министерството да врши поврат на дел од исплатените средства за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент, за купени 25 музички инструменти од страна на редовни ученици запишани во државните средни училишта во кои се остваруваат планови и програми за музичка уметност и во висина од 75 % од исплатените средства но не повеќе од 100.000 денари по инструмент, за купени 25 музички инструменти од страна на редовни студенти запишани на државните високообразовни установи каде се остваруваат студиски програми од областа на музиката.

Министерството за образование на денешната седница доби и одобрение за отпочнување на постапки за јавна набавка за склучување на повеќегодишни договори за изградба и надзор над изградба на ново училиште во место викано Љубош во општина Студеничани.

Министрите на денешната седница ги прифатија двете информации на Министерството за здравство, односно информацијата, со акциски план, за Проектот Реконструкција на ЈЗУ Општа болница - Струмица“, како и информацијата, со акциски план, за Проектот за изградба на Регионална клиничка болница Штип.

На денешната владина седница беа прифатени 3-те предлог –закони за изменување и дополнување на законите за кредитно биро, за ревизија и за хартии од вредност. Измените на сите три закони се во насока на подобрување на Doing Business индексот на Република Македонија.

Министрите исто така, ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за поведување постапка за склучување Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Република Албанија за основање Културно-информативен центар на Република Македонија во Тирана и Културно-информативен центар на Република Албанија во Скопје.

Владата на денешната седница донесе одлуката за давање на согласност на Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање. Исто така, Владата донесе решение за формирање на Комисија за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари.

 

 

На седницата на Владата на РМ што ќе се одржи денеска, меѓу другите точки на дневен ред, ќе се најде и Информација за Правилниците за мерките од Планот за економски раст на Владата – столб 3.

Донесувањето на овие правилници на предлог на Фондот за иновации и технолошки развој, е поврзано со реализацијата на Среднорочна програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година, со што се овозможува и почеток на имплементација на мерките од третиот столб од Планот за економски раст на Владата, односно се создаваат услови за започнување на постапката за доделување на финансиската поддршка на микро, мали и средни претпријатија.

На оваа седница на владата ќе биде разгледана и информацијата за Правилник за општите и посебните барања за безбедност на храната во однос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително и од животинско потекло.

Владата на РМ на оваа своја 64 редовна седница ќе го разгледа и конечниот извештај за извршена ревизија на успешност, односно ефективност на единиците на локална самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки.

На предлог на Канцеларија на претседателот на Владата на оваа седница ќе се разгледа Предлог-иницијативата за формирање „Национално координативно тело за изедначување на правата на лицата со попреченост во Република Македонија“ при Владата на Република Македонија.

Министрите во владата на оваа седница ќе ја разгледаат и информацијата за потребата од подготовка на Детална длабинска анализа на компании во државна сопственост.

На предлог на Министерството за образование и наука на оваа седница ќе биде ставен на разгледување Предлог-закон за поддршка на млади при купување на музички инструменти, како и информацијата за добивање на одобрение за отпочнување на постапки за јавна набавка за склучување на повеќегодишни договори за изградба и надзор над изградба на ново училиште во место викано Љубош во општина Студеничани.

Министерството за здравство за оваа седница ги подготви информацијата, со акциски план, за Проектот Реконструкција на ЈЗУ Општа болница - Струмица“, како и информацијата, со акциски план, за Проектот за изградба на Регионална клиничка болница Штип.

На 64-тата седница на Владата на РМ ќе биде разгледана и информацијата за донесување на Национален акциски план 2018-2020 за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020, на предлог на Министерство за труд и социјална политика, како и информацијата за постапување по предметите за помилување во 2017 година, што ја подготви Министерството за правда.

На 64-тата седница на Владата на РМ, која треба да почне во 12:00 часот, ќе бидат разгледани и повеќе други точки од планот за работа на владата и од интерес на граѓаните.

Владата на Република Македонија на денешната редовна 63 седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија во областа на енергетиката, за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија, и го прифати усогласениот текст на овој меморандум.

Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.

На седницата е констатирано дека овој меморандум, кој овозможува поволни околности, е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика, како и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Владата на оваа седница го задолжи Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од концесионерот „Еуромакс“, за експлоатација на минерални суровини бакар и злато на локалитетот Иловица, се бара комплетирање на документацијата. За оваа своја иницијатива владата се повикува на известувањето на Министерството за економија од 2016 година до „Еуромакс“ во кое се бара од концесионерот, до одреден период, да ја комплетира документацијата како обврска од договорот за концесија, и го информира дека, меѓу другото, не се доставени доказ за решени имотно правни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатацијата, како и решението за одобрување на студијата за оцена на влијанието на животната средина, а направени се и други повреди на договорот.

Согласно договорот за концесија, неподнесувањето на само овие два документа се доволни за да отпочне постапката за преиспитување на почитувањето на договорот, и затоа Владата на РМ на денешната седница го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да достави информација дали во меѓувреме е комплетирана документацијата, по што ќе биде донесен соодветен заклучок.

На денешната седница е разгледана и усвоена информацијата во врска со потребата од обезбедување на дополнителни 100 милиони евра средства за нова, петта кредитна линија од Европската инвестициска банка за финансирање на мали и средни претпријатија, со укажување на Македонската банка за поддршка на развојот во преговорите со комерцијалните банки да се заложи цената на каматата да не надмине 3,2% за крајните корисници.

На оваа своја 63 седница, владата го разгледа Извештајот за извршената конечна финансиска ревизија на Универзитетската клиника за неврологија за 2016 година, а Министерството за здравство информираше дека истиот е препратен и до Финансиската полиција со цел да се утврди дали е потребна постапка по основ на одредени наоди од Извештајот.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, и го задолжи
Министерството за внатрешни работи да формира работна група која ќе ја раководи претставникот од Министерството за внатрешни работи и во која ќе бидат вклучени и по еден претставник од Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана, Министерството за правда, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЗЕЛС.

Работната група е задолжена во рок од 60 дена да подготви и до Владата на Република Македонија да достави анализа за поставеноста и дејстувањето на целокупниот систем за кризи, имплементацијата на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и да предложи насоки за реформирање на овој систем користејќи и компаративни искуства.

На денешната седница, владата го прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави и Министерството за образование и наука на Република Македонија за Фулбрајт програмата за академска размена.

Целта на овој Меморандум за разбирање е да се зајакнат и развијат врските меѓу учесниците во процесот на спроведување на програмата Фулбрајт за академска разменаво областа на образованието, науката и истражувањето врз основа на околности што носат бенефиции за двете страни.

Владата на оваа своја седница ја разгледа информацијата за Повикот за свикување на Собрание на Македонски Телеком АД - Скопје, закажано на 16.04.2018, и донесе заклучоци за точките од дневниот ред на седницата на Собранието на акционерското друштво Македонски Телеком.

На предлог на Министерството за здравство, владата го утврди текстот на предлог-одлуките за започнување на постапка за доделување на лиценци за вршење здравствена дејност земање и пресадување на клетки од човечкото тело заради лекување-хематопоетски матични клетки, за лекување срце, за лекување панкреас, заради лекување очни ткива, за лекување црн дроб, бубрези и бели дробови.

Со оваа иницијатива ќе се остварат повеќе цели на Министерство за здравство како што е обезбедување на соодветен вид и обем на здравствени услуги во зависност од потребите на населението, намалување на трошоците за користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство од областа на трансплантацијата за лекување во странство, обезбедување на географска достапност на здравствените услуги, обезбедување на подобри здравствени капацитети за вршење на здравствени услуги и обезбедување на континуирана и квалитетна здравствена заштита.

На денешната 63-та седница Владата ја отпочна постапката за формирање работна група за утврдување на програма за одбележување јубилеј 1000 години од формирање на Охридска Архиепископија, на предлог на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Владата денеска разгледа и донесе повеќе одлуки за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовни активности како што се „COMBINED RESOLVE-X“, во Сојузна Република Германија, „BGR-MKD SOF JCET 18“, во Република Бугарија, „BGR-MKD SOF JCET 18“, во Република Бугарија, „EAGLE-VI, во Република Косово, и на вежбовната активност „ADRIATIC STRIKE 2018“, во Република Словенија.

 

На дневниот ред на денешната седница Владата на РМ ќе ја разгледа информација во врска потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија.

Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.

На најавената 63 седница на владата ќе биде разгледана и  информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа, други органи и организации што имаат јавни овластувања, во октомври, ноември и декември 2017 година.

Министрите во владата на седницата ќе се произнесат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица.

На предлог на Министерството за финансии на денешната седница ќе се разгледа и предлог-решението за формирање на Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на општините.

На оваа своја 63 седница Владата на РМ се очекува да го даде своето мислење за предлозите за измени и дополнувања на законските решенија за технолошките индустриски развојни зони, и за Законот за здравјето на растенијата, кои доаѓаат како предлози од Собранието на Република Македонија, кое од оваа седница очекува и мислење од владата за годишнио извештај за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2017 година.

Од годишните извештаи на денешната седница на владата ќе биде разгледан и годишниот извештај за работата на Управата за финансиско разузнавање во 2017 година.

На денешната, 63 редовна седница на Владата на РМ, која се очекува да започне во 12:00 часот, ќе бидат разгледани и повеќе други точки на денвниот ред од интерес на граѓаните и од програмата за работа на владата.