Прва јавна дискусија за нацрт амандманите за Уставни измени во Владата

  1. Соопштение од дискусијата
  2. Обраќање на премиерот Заев
  3. Обраќање на проф. д-р Фрчковски
  4. Обраќање на проф. д-р Поповски
  5. Целосната дискусија

Втора јавна дискусија за нацрт амандманите за Уставни измени во Универзитетот ФОН

  1. Соопштение од дискусијата
  2. Обраќање на премиерот Заев
  3. Обраќање на проф. д-р Ружин
  4. Обраќање на проф. д-р Ристовски
  5. Целосната дискусија

Трета јавна дискусија за нацрт амандманите за Уставни измени во МАНУ

  1. Соопштение од дискусијата
  2. Обраќање на министерот Димитров
  3. Обраќање на вицепремиерот Османи
  4. Обраќање на академик Таки Фити
  5. Обраќање на проф. д-р Владо Камбовски

Четврта јавна дискусија за нацрт амандманите за Уставни измени во Штип

  1. Соопштение од дискусијата
  2. Обраќање на премиерот Заев
  3. Обраќање на градоначалникот Бочварски
  4. Обраќање на судијката Николовска
  5. Обраќање на проф. Спасов 

Петта јавна дискусија за нацрт амандманите за Уставните измени на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово

  1. Соопштение од дискусијата
  2. Обраќање на вицепремиерката Шекеринска
  3. Обраќање на вицепремиерот Османи
  4. Обраќање на проф. д-р Арифи
  5. Обраќање на проф. д-р Река
  6. Обраќање на ректорот Беџети

 


Финален текст на предлог уставните амандмани [ Преземи ]


ТЕКСТ НА ПРЕДЛОГ НА АМАНДМАНИТЕ XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

 

АМАНДМАН XXXIII

  1. Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН XXXIV

  1. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.
  2. Со овој амандман се вршат измени во Преамбулата – Амандман 4 на Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН XXXV

  1. Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
  2. Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН XXXVI

  1. Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.
    Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
    Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината.
    Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
  2. Со овој амандман се заменува членот 49 и амандман 2 од Уставот на Република Македонија.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ НА АМАНДМАНИТЕ XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Образложение на Амандман XXXIII

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Притоа, согласно Конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција. Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани.

Понатаму, во согласност со договорот, со уставен закон ќе биде утврдена примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија.

Образложение на Амандман XXXIV

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Конечната спогодба со Грција, во Преамбулата се вршат соодветни измени. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат ограничувањата за народите и нивните делови што живеат надвор од нивната матична држава. При наведувањето на државно-правните традиции, се именуваат правните одлуки на АСНОМ, кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ. Исто така, во Преамбулата се споменува и Охридскиот рамковен договор, кој веќе е вграден со уставните амандмани од 2001 година.

Образложение на Амандман XXXV

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Со Конечната спогодба се потврдува постоечката меѓусебна граница меѓу Република Македонија и Грција како трајна и неповредлива меѓународна граница, при што се презема обврска ниту една од двете држави да нема, ниту да поддржува некакви претензии кон кој било дел од територијата на другата држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, и Република Македонија и Грција се обврзаа дека нема да поддржуваат какви било претензии кои може да ги изнесат трети страни.

Република Македонија и Грција се обврзаа да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.

Исто така двете држави презедоа обврска, во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите Нации, да се воздржуваат од закани или употреба на сила, вклучително од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница.

Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.

Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми. Исто така со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

Со новиот уставен амандман кој се предлага се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Образложение на Амандман XXXVI

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Согласно Конечната спогодба, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.

Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година кој предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со уставниот амандман кој се предлага се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Исто така, со амандманот се гарантира заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за дијаспората како на македонскиот народ така и на другите заедници, за негување и унапредување на нивните врски со татковината, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

 


Целиот текст на конечната спогодба на македонски [ Преземи ]


СПОГОДБА

КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ

ПРЕАМБУЛА 

Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“, 

  • Повикувајќи се на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и вредностите и начелата на Совет на Европа,
  • Водени од духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и достоинство, 
  • Придржувајќи се кон одредбите од Повелбата на Обединетите нации и особено оние коишто се однесуваат на обврската на државите во своите меѓународни односи да се воздржуваат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава, 
  • Нагласувајќи ја нивната целосна заложба за начелата за неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државите, содржани во Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., 
  • Потврдувајќи ја постоечката граница меѓу нив како трајна меѓународна граница, 
  • Целосно согласни запотребата од зајакнување на мирот, стабилноста, безбедноста и натамошното унапредување на соработката во Југоисточна Европа, 
  • Со желба да ја зајакнат атмосферата на доверба и добрососедски односи во Регионот и трајно да ги прекинат сите непријателски ставови, коишто би можеле сè уште да опстојуваат и согласувајќи се за потребата од воздржување од иредентизам и ревизионизам во која било форма, 
  • Повикувајќи се на нивната обврска, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, под каков било изговор и во која било форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежноста на другата Страна, 
  • Подвлекувајќи ја, исто така, важноста на развивањето на пријателски односи меѓу државите и потребата споровите да се решаваат на мирен начин, во согласност со Повелбата на Обединети нации, 
  • Решавајќи ги разликите во согласност со Резолуцијата 817 (1993) од 7 април 1993 г. и Резолуцијата 845(1993) од 18 јуни 1993 г., на Советот за безбедност, како и член 5 од Привремената спогодба од 13 септември 1995 г. на достоинствен и одржлив начин, имајќи ги предвид важноста на прашањето и чувствителностите на секоја Страна, 
  • Земајќи ја предвид Резолуцијата на Генералното собрание47/225 од 8 април 1993 г., 
  • Имајќи ја предвид Привремената спогодба, Меморандумот од 13 октомври 1995 г. за практичните мерки поврзани со Привремената спогодба, Меморандумот за заемно воспоставување на канцеларии за врски во Скопје и Атина од 20 октомври 1995 г., како и процесот на Мерките за градење на довербата, 
  • Подвлекувајќи ја нивната силна желба за заемно пријателство, добрососедство и партнерство за соработка, 
  • Со заложба да ги зајакнат, прошират и продлабочат своите билатерални односи и да постават цврсти темели за зајакнување и почитување на добрососедските односи и за развивање на нивната севкупна билатерална соработка, 
  • Стремејќи се да ја зајакнат и прошират својата билатерална соработка и да ја надградат на ниво на стратешко партнерство, во областите на земјоделството, цивилната заштита, одбраната, економијата, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, политичките односи, туризмот, трговијата, прекуграничната соработка и транспортот, ползувајќи ги притоа придобивките од постоечките Мерки за градење на довербата, 

Се договорија за следново:

ДЕЛ 1 
РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКАТА ОКОЛУ ИМЕTO, НЕЗАОКРУЖЕНИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИСТОТО И ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ 

 

Член 1

  1. Оваа Спогодба е конечна и со нејзиното влегување во сила престанува да важи Привремената спогодба меѓу Страните, потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 г. 
  2. Страните го прифаќаат како обврзувачки исходот од преговорите, коишто се одвиваа под покровителство на Обединетите нации, а кои Страните беа обврзани да ги водат во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 945 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и во согласност со Привремената спогодба од 1995 г. 
  3. Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново: 

а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“. 

б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. 

в) Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба. 

г) Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба. 

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). 

ѓ) Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавкатаво однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба. 

е) Втората страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба. 

ж) Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа Група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја. 

  1. По потпишувањето на оваа спогодба, Страните ќе ги спроведат следниве чекори: 

а) Втората страна без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација. 

б) По ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата. 

в) Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум. 

г) Втората страна ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. 

д) Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г. 

ѓ) По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоренаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба. 

  1. По влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните ќе го употребуваат името и термините наведени во член 1, став 3 во сите релевантни меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, вклучително и на сите состаноци и во вкупната кореспонденција и во сите нивни билатерални односи со сите држави - членки на Обединетите нации. 
  2. Конкретно, веднаш по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе: 

а) Ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа спогодба и потоа ќе побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба за сите намени и цели. Двете Страни, исто така, ќе и се обраќаат на Втората страна во согласност со член 1, став 3 во вкупната комуникација кон, со и во рамките на таквите организации, институции и форуми. 

б) Ги извести ситe држави - членки на Обединети нации за влегувањето во сила на оваа спогодба и ќе побара од истите да го прифатат и да го користат името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба за сите намени и цели, вклучително и во сите свои билатерални односи и комуникација. 

  1. По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став (9) и став (10) термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „пјРМ“ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст. 
  2. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а земајќи го предвид член 1, став (9) и став (10), Страните ќе го користат името и термините од член 1, став 3 за сите намени и цели erga omnes, односно за внатрешна употреба, потоа во сите свои билатерални односи и во сите регионални и меѓународни организации и институции. 
  3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали. 
  4. Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“: 

а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба. 

б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. 

  1. Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, а со цел целосно спроведување на одредбите од оваа спогодба, ќе започнат по ратификацијата на оваа спогодба од нејзиното Собрание или по референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум. 
  2. Името и термините наведени во член 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на Втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, Втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, член 3 и член 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот. 
  3. Во случај на грешки и пропусти во правилната употреба на името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба во контекст на меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции, коресподенција, состаноци и форуми, како и во вкупните билатерални односи на Втората страна со трети држави и ентитети, која било од Страните може да побара веднаш да се изврши корекција и да се одбегнуваат слични грешки во иднина. 

 

ЧЛЕН 2 

  1. Првата страна се согласува да не приговара на барањата за членство или членството на Втората страна, под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членува Првата страна. 
  2. Втората страна ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба. 
  3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а во согласност со член 1 од истата, Првата страна ќе ратификува каква било спогодба за пристапување на Втората страна кон меѓународни организации, во кои членува Првата страна. 
  4. Конкретно, во однос на процесот на интеграција на Втората страна во Европска унија (ЕУ) и Северно-атлантската договорна организација (НАТО), ќе се применува следното: 

а) Втората страна ќе бара членства во НАТО и ЕУ под името и термините од член 1 од оваа спогодба. Зачленувањето во НАТО и ЕУ ќе се одвива со истото име и термини. 
б) По добивање на известување дека Собранието на Втората страна ја ратификувало оваа спогодба, Првата страна веднаш: 

(i) ќе го извести Претседателот на Советот на Европската Унија дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Втората страна во Европската Унија, под името и термините од член 1 од оваа спогодба. 
(ii) ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Втората страна. Таквата поддршка на Првата страна е условена, прво, со исходот на референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум, во согласност со оваа спогодба, и второ, со целосното усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. По добивањето на известување од Втората страна дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, Првата страна ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба. 

 

ЧЛЕН 3 

  1. Страните со ова ја потврдуваат нивната постоечка меѓусебна граница како трајна и неповредлива меѓународна граница. Ниту една од Страните нема да има или да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата Страна, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, ниту една од Страните нема да поддржувакакви било вакви претензии кои може да ги изнесат трети страни. 
  2. Секоја од Страните се обврзува да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата Страна. Ниту една од Страните нема да поддржува какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата Страна. 
  3. Двете Страни ќе се воздржуваат, а во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обедините нации, од закани или употреба на сила, вклучително и од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница. 
  4. Двете Страни се обврзуваат дека нема да преземаат, поттикнуваат, поддржуваат и/или толерираат какви било дејности или активности од непријателски карактер насочени против другата Страна. Ниту една од Страните нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата Страна од трети страни, организации, групи или поединци, коишто изведуваат или се обидуваат да изведат субверзивни, сецесионистички дејствија, или дејствија или активности коишто претставуваат закана на каков било начин за мирот, стабилноста или безбедноста на другата Страна. Секоја од Страните без одлагање ќе ѝ пренесе на другата Страна информации кои истата ги поседува во однос на такви дејности или намери. 

 

ЧЛЕН 4 

  1. Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може и не треба да се толкува на начин, кој преставува или кога било ќе претставува основа за претензија кон која било област која не е во рамките на нејзините постоечки меѓународни граници. 
  2. Секоја од Страните се обврзува да не дава, ниту да одобрува какви било иредентистички изјави и дека нема да одобрува какви било вакви изјави дадени од оние кои тврдат дека дејствуваат во името или во интерес на една од Страните. 
  3. Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може или не треба да се толкува на начин кој преставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата Страна, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани. 

 

ЧЛЕН 5  

  1. Во вршењето на своите работи, Страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитувањето на човековите права и достоинство и владеењето на правото, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права , Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи , Меѓународната конвенција за елиминација на сите форма на расна дискриминација , Конвенцијата за правата на детето , Завршниот документ од Хелсинки, Документот од состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа и Париската повелба за нова Европа, и други меѓународни спогодби и инструменти кон кои пристапиле двете Страни. 
  2. Ниту една одредба од кој било инструмент наведен во ставот 1 погоре нема да се толкува дека ѝ дава право на која било од Страните да презема дејствија спротивни на целите и начелата на Повелбата на Обедините нации или Завршниот документ од Хелсинки, вклучително и спротивно на начелото на територијален интегритет на државите. 

 

ЧЛЕН 6 

  1. Со цел јакнење на пријателските билатерални односи, секоја од Страните веднаш ќе преземе делотворни мерки за забрана на какви било непријателски активности, дејствија или пропаганда од страна на државни органи или органи под директна или индиректна контрола на државата и ќе спречи дејствија кои многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна. Доколку се јават такви дејствија, двете Страни ќе ги преземат сите потребни мерки. 
  2. Секоја од Страните веднаш ќе преземе делотворни мерки за да обесхрабри и спречи какви било дејствија од приватни ентитети, дејствија кои многу веројатно ќе поттикнат насилство, омраза или непријателство против другата Страна. Доколку приватен ентитет на територијата на која било од Страните спроведува такви дејствија без знаење на таа Страна, таа Страна, откога ќе дознае за таквите дејствија, веднаш ќе ги преземе неопходните мерки, предвидени со закон. 
  3. Секоја од Страните ќе спречува и обесхрабрува дејствија, вклучително и дејствија на пропаганда од страна на приватни ентитети, дејствија коишто многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна. 

 

ЧЛЕН 7

  1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. 
  2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. 
  3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). 
  4. Втората страна изјавувадека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. 
  5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни. 

 

ЧЛЕН 8 

  1. Доколку која било од двете Страни верува дека еден или повеќе симболи кои преставуваат дел од нејзиното историско или културно наследство ги употребува другата Страна, таа за таквата наводна употреба ќе ѝ укаже на другата Страна, а другата Страна ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да се справи со прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство. 
  2. Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство. 
  3. Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба. 
  4. Секоја од Страните ќе се придржува кон препораките на Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња во однос на употребата на официјалните географски имиња и топоними на територијата на другата Страна, давајќи притоа приоритет на користењето на ендоними, наместо егзоними. 
  5. Во рок од еден месец од потпишувањето на оваа спогодба, Страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете Страни ќе ја надгледуваат работата на Комитетот, а во соработка со други надлежни државнивласти. Комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Комитетот редовно ќе се состанува, а најмалку двапати годишно и ќе поднесува годишен извештај за своите активности, како и препораки кои треба да бидат одобрени од Советот за соработка на високо ниво, кој ќе се формира во согласност со член 12. 
  6. Страните прифаќаат дека наведените заемно прифатени решенија, коишто произлегуваат од преговорите, ќе придонесат кон конечното воспоставување на мирољубиви и добрососедски односи во Регионот, во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. 

 

ДЕЛ 2 
ИНТЕНЗИВИРАЊЕ И ЗБОГАТУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ДВЕТЕСТРАНИ

 

ЧЛЕН 9  

  1. Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт. Ваквата стратешка соработка ќе се применува не само во секторите опфатени со оваа спогодба, туку исто така и во оние сектори кои во иднина ќе се сметаат за корисни и неопходни за двете земји. Сите овие сектори треба да се вградат во сеопфатен акциски план во текот на развивањето на билатералните односи. 
  2. Постоечките Мерки за градење на довербата ќе бидат вградени во наведениот акциски план. Акцискиот план има за цел спроведување на одредбите од овој дел од оваа спогодба. Акцискиот план континуирано ќе се збогатува и развива. 

 

ДИПЛОМАТСКИ ОДНОСИ 

 

ЧЛЕН 10 

По влегувањето во сила на оваа спогодба:

  1. Првата страна веднаш ќе го подигне нивото: 

а) на нејзината постоечка Канцеларија за врски во главниот град на Втората страна на ниво на амбасада; и 
б) на нејзината постоечка Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во градот Битола во Втората страна на ниво на генерален конзулат; и 

  1. Втората страна веднаш ќе го подигне нивото:

а) на нејзината постоечка Канцеларија за врски во главниот град на Првата страна на ниво на амбасада; и 
б) на нејзината постоечка Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во градот Thessaloniki (Солун) на ниво на генерален конзулат. 

 

СОРАБОТКА ВО КОНТЕКСТ НА МЕЃУНАРОДНИ И РЕГИОНАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ И 
ФОРУМИ 

 

ЧЛЕН 11 

Страните тесно ќе соработуваат, билатерално и во рамките на регионалните организации и иницијативи, со цел да обезбедат дека Југоисточна Европа ќе стане регион на мир, раст и просперитет за нејзините народи. Тие ќе ја унапредуваат и ќе соработуваат во дефинирањето на соработката на регионално ниво, а меѓу другото, ќе соработуваат и на заемната поддршка на нивните кандидатури во контекст на меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции, како што се Обединетите нации, ОБСЕ и Советот на Европа.

 

ПОЛИТИЧКА И ОПШТЕСТВЕНА СОРАБОТКА 

 

ЧЛЕН 12 

  1. Страните се согласуваат да ги зајакнат и натаму да ги развиваат своите билатерални политички односи, преку редовни посети, состаноци и консултации на високо политичко и дипломатско ниво. 
  2. Страните ќе формираат Совет за соработка на високо ниво (ССВН), кој ќе го сочинуваат претставници на нивните влади, заеднички предводен од нивните премиери. 
  3. ССВН ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа спогодба и акцискиот план кој ќе произлезе од истата. ССВН ќе донесува одлуки и ќе промовира активности и мерки за подобрување и надградување на билатералната соработка меѓу двете Страни и ќе разгледува какви било прашања кои може да произлезат во текот на спроведувањето на оваа спогодба и акцискиот план што ќе произлезе од истата, а со цел решавање на таквите прашања. 
  4. Страните се убедени дека развојот и јакнењето на непосредните контакти меѓу луѓето се од суштинско значење за развој на пријателството, соработката и добрососедството меѓу Страните и нивните народи. Тие ќе ги поддржуваат и поттикнуваат таквите контакти и средби меѓу нивните граѓани на сите соодветни нивоа. 
  5. Страните ќе дадат поддршка и ќе ги поттикнат контактите меѓу нивните граѓански општества, како и меѓу нивните институции и локални власти, вклучително и активностите за соработка меѓу младите и студентите, како и нивна размена, а со цел постигнување на подобро разбирање и соработкамеѓу нивните народи. 

 

ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА 
 

ЧЛЕН 13 

Земајќи го предвид фактот дека Втората страна е држава без излез на море, Страните ќе се раководат од релевантните одредби на Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, колку што истата е применлива во практика и при склучување спогодби наведени во член 18 од оваа спогодба. 

 

ЧЛЕН 14 

  1. Страните натаму ќе ја развиваат нивната економска соработка во сите области. Особен фокус ќе се стави на јакнење, зацврстување и продлабочување на нивната билатерална соработка во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот. За постигнување на овие цели, Страните ќе ги исползуваат и искористат постоечките Мерки за градење на довербата, коишто претставуваат заемно корисна платформа за соработка, која ќе се развие во акциски план. 
  2. Страните ќе поттикнуваат заемни инвестиции и ќе ги преземат сите неопходни мерки за нивна делотворна заштита, вклучително и мерки против прекумерна бирократија и за надминување на институционалните, административните и даночни пречки. Страните особено ќе се фокусираат врз соработката меѓу компаниите, деловните субјекти и индустриите на секоја од Страните. 
  3. Страните ќе се воздржат од наметнување на каква било пречка за движењето на луѓе и стоки меѓу нивните територии и преку територијата на која било од двете Страни на територијата на другата Страна. Страните ќе соработуваат за да го олеснат таквото движење во склад со меѓународното право. 
  4. Страните ќе ја развиваат и поттикнуваат нивната соработка во енергетскиот сектор, имено преку изградба, одржување и искористување на интерконективни гасоводи и нафтоводи (постоечките, оние коишто се во изградба и проектираните), а ќе соработуваат и во однос на изворите на обновлива енергија, вклучително и на соларни, на ветер и хидроелектрични капацитети. Можните нерешени прашања брзо ќе се разгледаат и ќе се постигне заемно прифатливо решение, при што особено ќе се земе предвид Европската политика за енергија и европското законодавство во оваа област. Првата страна ќе ѝ помогне на Втората страна преку соодветно пренесување на знаења и експертиза. 
  5. Страните ќе промовираат, прошируваат и подобруваат кооперативна синергија во областите на инфраструктурата и транспортот, а на реципрочна основа и во областите на патниот, железничкиот, поморскиот и воздушниот транспорт и комуникациски врски, користејќи ги најдобрите достапни технологии и практики. Тие, исто така, ќе го овозможат транзитот меѓу нив на стоки, товар и стоки преку инфраструктурата, вклучително и преку пристаништа и аеродроми, на територијата на секоја од Страните. Страните ќе се придржуваат кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, телекомуникациите, знаците и кодовите. Првата страна ќе го направи тоа до онаа мерка и на начин што ќе биде во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и други меѓународни инструменти. Втората страна ќе го стори тоа до онаа мерка и на начин што ќе биде во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членството во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации каде истата членува во времето на влегување во сила на оваа спогодба, како и обврските кои ќе произлезат од нејзиното членство во Европската Унија, откога ќе се предложи нејзиното пристапување кон истата. 
  6. Страните ќе настојуваат да ги подобрат и модернизираат постоечките гранични премини, како што тоа го бара протокот на сообраќај, а исто така ќе градат и нови гранични премини, со цел да се поттикне туристичката и трговска размена меѓу нив. 
  7. Страните ќе преземаат мерки за да обезбедат заштита на животната средина и зачувување на природната средина во прекуграничните води и нивното опкружување и ќе соработуваат во настојувањата за намалување и отстранување на сите форми на загадување. Страните ќе настојуваат да развиваат и усогласат стратегии и програми за регионална и меѓународна соработка за заштита на животната средина. 
  8. Страните ќе дадат поддршка за проширување на туристичката размена и за развојот на нивната соработка на полињата на алтернативниот туризам, вклучително и културниот, верскиот, образовниот, медицинскиот и спортскиот туризам и ќе соработуваат за подобрување и унапредување на деловните и туристички патувања меѓу нив. 
  9. Страните ќе формираат Заеднички министерски комитет (ЗМК) кој ќе има за цел да ја постигне најдобрата можна соработка во погоре споменатите сектори на економското партнерство, вклучително и преку организирање на заеднички деловни форуми. Комитетот ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе управува со текот на билатералната економска соработка, со сеопфатната примена на релевантни секторски дејности, спогодби, протоколи и договорни рамки, како и сите идни релевантни спогодби. Страните поттикнуваат што е можно поблиска соработка меѓу нивните стопански комори. 

 

СОРАБОТКА ВО ОБЛАСТИТЕ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, НАУКАТА, КУЛТУРАТА, ИСТРАЖУВАЊЕТО, 
ТЕХНОЛОГИЈАТА, ЗДРАВСТВОТО И СПОРТОТ

 

ЧЛЕН 15 

Во добата на новата индустриска револуција и втората генерација на машините, продлабочувањето на соработката меѓу државите и општествата е неопходно повеќе од кога било, особено во однос на општествените активности, технологијата и културата и во потесна и во поширока смисла. Со цел развој на таквата соработка: 

  1. Страните ќе ја развиваат и подобруваат нивната научна, технолошка и техничка соработка, како и нивната соработка во областа на образованието. Тие ќе ја интензивираат нивната меѓусебна размена на информации и на научна и техничка документација и ќе настојуваат заемно да го подобрат пристапот кон научните и истражувачки институции, архиви, библиотеки и слични институции. Страните ќе дадат поддршка на инцијативи од научните и образовните институции, како и од поединци кои се насочени кон подобрување на соработката и размената во областите на науката, технологијата и образованието. 
  2. Страните ќе дадат поддршка и ќе поттикнат настани, како и научни наставни програми во кои ќе учествуваат припадници на нивните научни и академски заедници. Тие, исто така, ќе дадат поддршка и ќе го поттикнуваат организирањето на билатерални и меѓународни конференции во овие области. 
  3. Страните придаваат големо значење на развојот на истражувањето, како и примената и искористувањето на новите технологии, вклучително и на дигиталната технологија и нанотехнологијата, на начин со кој се зачувува животната средина и се надградуваат вештините, капацитетите и вкупната добросостојба на нивните граѓани. За оваа цел, Страните ќе ја развиваат соработката меѓу нивните истражувачки центри, истражувачи и системите на академските институции. 
  4. Страните особено ќе се фокусираат на развојот на културните односи меѓу двете држави, нивните општества и општествени групи, при тоа особено земајќи ги предвид уметноста, танцот, кинематографијата, музиката и театарот. Во овој контекст, особена важност се придава на спорот. Ќе се унапредува билатералната соработка во областа на здравството, вклучително и здравствената заштита. 

 

ПОЛИЦИСКА И СОРАБОТКА ВО ОБЛАСТА НА ЦИВИЛНАТА ЗАШТИТА 

 

ЧЛЕН 16 

  1. Страните тесно ќе соработуваат во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, тероризмот, стопанскиот криминал, особено против криминалот поврзан со нелегалната трговија и/или експлоатација на луѓе, криминалот поврзан со производство, недозволена трговија и/или нелегална трговија на наркотични дроги и психотропни супстанци, нелегалното производство и трговија со оружје, негови резервни делови и компоненти, како и муниција, потоа нелегалниот увоз, извоз и пренос на сопственост на културен имот, како и против дела против цивилното воздухопловство и дела поврзани со фалсификување и/или криумчарење на цигари, алкохол или горива. 
  2. Страните тесно ќе соработуваат во областа на цивилната заштита, особено фокусирајќи се на спречување и справување со природни и катастрофи предизвикани од човекот и на активности за справување со последиците од катастрофите. Секоја Страна може да ја искористи специјализираната едукација и експертизата на другата Страна и секогаш кога е тоа потребно и можно секоја Страна на другата Страна ќе ѝ овозможи користење на нејзината специјална инфраструктура, особено за противпожарна заштита.

Страните може да ја разгледаат можноста за воспоставување на релевантен механизам за помош во спроведувањето на одредбите од овој член. 

 

ОДБРАНБЕНА СОРАБОТКА 

 

ЧЛЕН 17 

Страните ќе ја зајакнат и прошират нивната соработка во областа на одбраната, вклучително и преку чести посети и контакти меѓу политичките и воени лидери на нивните вооружени сили, потоа преку соодветен пренос на знаења и помош за градење на капацитетите, соработката во областите на производство, информирање и заеднички воени вежби. Страните особено ќе се фокусираат врз обуката на персоналот која Страните може меѓусебно да ја обезбедат. 

 

ДОГОВОРНИ ОДНОСИ 
 

ЧЛЕН 18 

  1. По влегувањето во сила на оваа спогодба, во нивните односи, Страните ќе се раководат од одредбите на следните билатерални спогодби кои биле склучени меѓу поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Првата Страна, на 18 јуни 1959 г.: 

а) Конвенцијата за заемни правни односи, 
б) Спогодба во врска со реципрочното признавање и спроведување на судски одлуки, и 
в) Спогодба за прашања од областа на водостопанството. 

  1. Страните се согласуваат дека по влегувањето во сила на оваа спогодба, сите меѓународни документи кои се билатерално правно обврзувачки за Страните ќе останат во сила, освен тие чие престанување на важност е конкретно предвидено со оваа спогодба. 
  2. Страните меѓусебно ќе се консултираат со цел да идентификуваат други спогодби склучени меѓу поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и првата Страна, коишто тие ќе сметаат дека се соодветни да се применуваат во нивните односи. 
  3. Страните се обврзуваат да ги истражат сите можности за склучување на дополнителни билатерални спогодби, потребни во областите од заемен интерес. 

 

ДЕЛ 3

РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ

 

ЧЛЕН 19

  1. Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации. 
  2. Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето. 
  3. Секој спор што ќе се јави меѓу Страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во член 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата. Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете Страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја Страна поединечно. 

 

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

ЧЛЕН 20 

  1. Оваа спогодба ќе ја потпишат министрите за надворешни работи на двете Страни. 
  2. Оваа Спогодба е предмет на ратификација, во согласност со последователната постапка предвидена во член 1, став (4). 
  3. По завршувањето на неопходните внатрешно-правни постапки потребни за влегување во сила на оваа спогодба, како што е предвидено во член 1, во рок од две недели, Страните за истото писмено меѓусебно ќе се известат. Оваа спогодба ќе влезе во сила на датумот на прием на последното известување од односната Страна. 
  4. Член 8, став (5) ќе се применува привремено и пред влегувањето во сила на оваа спогодба. Доколку оваа спогодба не влезе во сила, оваа спогодба, во целост и секоја нејзина одредба поединечно, нема да имаат никакво дејство или примена, ниту привремена, ниту каква било друга и истата нема на кој било начин да ја обврзува која било од Страните. 
  5. Разликата и преостанатите прашања наведени во Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН ќе се сметаат за решени по влегувањето во сила на оваа спогодба. 
  6. Што е можно поскоро по влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните или една од Страните ќе го извести генералниот секретар на Обединетите нации за влегувањето во сила на оваа спогодба, како и за датумот на кој истата влегла во сила, а со цел нејзино спроведување во Обединетите нации. 
  7. Оваа спогодба не е насочена против која било друга држава, ентитет или лице. Таа не ги загрозува правата и должностите кои произлегуваат од билатералните и мултилатералните спогодби кои се веќе во сила, а кои двете Страни ги склучиле со други држави или меѓународни организации. 
  8. Првата страна ќе ја применуваа оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и нејзиното членство во други меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, како и во согласност со други меѓународни инструменти. Слично, Втората страна ќе ја применува оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, вклучително и оние поврзани со Европската Унија, по предлогот за нејзино пристапување во членство. 
  9. Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба. 
  10. Оваа спогодба ќе биде регистрирана во Секретаријатот на Обединетите нации во согласност со член 102 од Повелбата на Обединетите нации, веднаш штом влезе во сила. 

ВО СВЕДОШТВО НА ТОА, Страните преку своите должно овластени претставници, ги потпишаа трите примерока од оваа конечна спогодба, на англиски јазик. 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст се сретна со Борис Џонсон, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, кој ја претставуваше британската премиерка, Тереза Меј на Самитот за Западен Балкан. 

Високиот британски дипломат Џонсон изрази јасна и голема поддршка на новата Влада во Македонија, во име на Велика Британија и премиерката Меј. 

Оценката што ја соопшти министерот за надворешни работи, Џонсон е дека Македонија е конечно на вистинскиот правец и најави дека Велика Британија ќе направи сè што може да ѝ помогне на нашата држава за влез во НАТО и во ЕУ. 

Британскиот министер Џонсон соопшти дека Британија останува партнер на Балканот и активен поддржувач на демократските процеси, како и дека пријателството со Македонија е клучно во реализацијата на оваа важна цел. 

Премиерот Заев изрази благодарност за огромната поддршка од Велика Британија за Македонија и рече дека новата Влада ќе ја оправда добиената доверба преку посветена работа на демократски развој на Македонија и на регионот.

„Владата дефинираше временска рамка за итните реформски приоритети важни на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ и одговорно ќе спроведе квалитетни реформи, затоа што граѓаните на Македонија заслужуваат евро-атланстки перспективи“, рече премиерот Заев. 

Присуството на Самитот во Трст на премиерот Заев, придружуван од неколкумина владини министри донесе Договор за транспортната заедница, чијашто потписничка е и нашата држава и ќе значи олеснето поврзување на граѓаните на Македонија со регионот. 

Но, она по што е значаен Самитот во Трст се и бројните билатерални средби што ги оствари премиерот Заев на највисоко политичко ниво, со светски и регионални лидери, кои испратија многу конкретни, јасни и прецизни пораки на целосна поддршка на премиерот Заев и на новата реформска Влада во Македонија. 

Средбите на маргините на Самитот и самиот Самит покажаа дека во претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и во новата Влада на Република Македонија се гледа како на мотор во регионалниот развој, во што се посочува клучот за евро-атлантските перспективи на Македонија и на Западен Балкан.

 
 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст имаше билатерална средба со канцеларката на Република Германија, Ангела Меркел.

Германската канцеларка Меркел изрази голема поддршка за новата Влада на Македонија, за одлучноста на Владата за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ.

"Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи и да ја осигура евро-атлантската иднина на Македонија, а со тоа и квалитетен живот за граѓаните", рече премиерот Заев. 

Канцеларката Меркел најави поддршка од Република Германија во реформскиот и евро-атлантскиот интеграциски процес.

Изразена е заедничка определба да продолжи со уште поголем интензитет соработката помеѓу Република Македонија и Република Германија во области важни за граѓаните на двете земји.

 

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што согласно правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, информира денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој посочи дека меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на територијата на Република Македонија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.

Појасни дека заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку т.н. балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна.

- Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Котевски.

Нагласи дека за постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности. 

- Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека наскоро ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската унија кој ќе ги опфати сите земји кои се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, рече Котевски.

Посочи дека во изминатите 24 часа, издадени се потврди на 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил во Република Македонија.

- Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 1.004.Во овие два месеца, откако стапија во сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 33.461, потоа на Авганистан - 2.073, Ирак - 1.947, Пакистан - 1.198, како и од други земји каде што има оружен конфликт, истакна Котевски.

Од почнувањето на издавањето на потврдите до денеска, појасни, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан, а од нив четири се деца кои го придружуваат родителот...

Одговарајќи на новинарско прашање, Koтевски рече мигрантите никогаш легално не влегувале во Република Македонија, ниту пак биле пуштани.

- Напротив МВР согласно капацитетите со кои располага ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ воопшто не беше заштитувана од грчка страна односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата, рече Котевски.

Со оваа одлука, нагласи тој, практично се засилува контролата на самата граница и во граничниот појас.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дополнително ќе се утврдуваат трошоците, бидејќи досега МВР како една од институциите која имаше најмногу ингеренции околу контролата на границата се соочуваше со огромни месечни трошоци односно заради зголемениот ангажман на полициски службеници, возила итн.

- Нашите проценки говорат дека трошоците во изминатите неколку месеци заради дополнителниот ангажман изнесуваат околу 800.000 евра на месечно ниво. Тоа се дополнителни трошоци во однос на ангажманот кој го имаше само полицијата за обезбедување на јужната граница, посочи Котевски. 

Укажа дека похуман третман подразбира посоодветен третман на лицата кои се илегални мигранти и кои се во Република Македонија.

- Факт е дека Република Македонија не располага со неограничени капацитети и еден е третманот кој може да им се пружи на лица кога станува збор за 1.500, 2.000, 3.000 или 5.000 мигранти кои би влегле во ист ден, а друг е третманот кој би го добиле доколку илегално успеат да ја поминат границата 50, 100 или 500 илегални мигранти, рече Котевски.

Се очекува македонското МНР соодветно ќе ги извести соседните земји за преземените мерки.

- Ние имаме контакти со грчката полиција, за жал не секогаш на соодветно ниво. Имено, претходниот период се обидувавме во голем број наврати да оствариме соодветен контакт, да направиме соодветна координација во однос на обезбедување на државната граница и мерките кои треба би требале да ги преземаат полициските службеници од грчка страна, но за жал немаше соодветен одговор, додаде Котевски. 

Македонија доби исклучително позитивно мислење од Венецијанската комисија за измените во Законот за судовите. На денешната седница на Венецијанската комисија, мислењето беше усвоено. Венецијанската комисија истакна дека најголемиот број од мислењата дадени во претходни години се сега имплементирани во законот кој влезе во собраниска процедура. Целта на овие измени на законите е усогласување со европските стандарди.

Како клучни измени во делот на Законот за судови, се измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите. Постојат повеќе придобивки од измените на Законот за судови: Нови и заострени критериуми за избор на судија, се врши редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорност на судиите.

Оваа недела министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска истакна дека очекува измените да ги поддржат сите 120 пратеници во законодавниот дом: „Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венецијанската комисија, којашто ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди“.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешната Националната конференција за градоначалници „Децентрализација - Патот што претстои“, одговараше и на прашања од интерес на новинарите, што ви ги пренесуваме во целост:

Дали планирате да ги исполните ветувањата за линеарно покачување, односно еднакво покачување на платите од здравството?

Премиерот Заев: Во делот на балансирањето на платите во здравството, прво сум среќен што успеавме да смогнеме сили да изнајдеме средства, покрај ланското покачување од септември на 5 проценти на платите во здравството, оваа година да ја почнеме со нови 10 проценти за покачување на платите на специјалистите и пет проценти на медицинските сестри, болничарите и другиот персонал. Следува и од септември 2019 година уште по пет проценти, со тоа ќе стигнеме просек од 90.000 денари вкупен приход на специјалистите. Тоа е нето плата плус дежурствата кои што ги остваруваат. Иако имаме случаи, каде што, заедно со дежурствата имаме специјалисти од терцијалното здравство во Клиничкиот центар, што зимаат 140-150.000 денари приходи. Тоа се 2.500 евра плата, ако ги споредиме со платите во Германија, можеме да кажеме дека сме направиле одреден сериозен исчекор. Исто така, заради тоа што нема доволен број на лекари во внатрешноста во општите болници, таму специјалистите имаат, за жал, позачестени дежурства, па така платите и таму заедно со дежурствата стигнуваат некаде до 110-120 илјади денари и верувам дека нивото на достоинствено живеење и работење го подигнуваме во делот на здравството.

Направивме исчекор, за да обезбедиме дополнително стотици милиони денари, за да почнат новите пет проценти, за медицинскиот персонал, медицинските сестри, болничарите и другите кои работат во здравството, секако тоа не е доволно. Но, треба да имаме предвид дека еве во културата очекуваме да има дијалог, помеѓу синдикатите, да се донесат Колективните договори. И таму треба да изнајдеме средства, кои што се вкупно, до конечната цел, 360 милиони денари. И полицијата и Армијата бараат и другите институции. Како расте и се развива, Македонија, расте Бруто домашниот производ (БДП), парите ќе ги распределиме и за плати и за капитални инвестиции насекаде во државата. Треба да знаеме дека и толку се можностите на Република Македонија. Но, да се надевам дека економијата ќе расте и ќе се развива. Трендовите се одлични, Буџетот е стабилен, финансиската ликвидност е огромна, ако продолжиме во тој тренд да се развиваме, верувам дека и квалитетот на животот, а вклучително и платите на здравствените работници, но и на другиот дел од администрацијата во иднина ќе расте.

Здравствените работници го паузираа протестот и рекоа дека треба да се сретнат со вас. Дали ќе се сретнете?

Премиерот Заев: Да, јас му кажав синоќа на министерот за здравство, кога имавме состанок, а и со градоначалникот. Темите беа и делот на инфраструктура, во градот, но и во делот на здравството. На 24 или 25 ќе одржам состанок со министерот за здравство и синдикатите од делот на здравството, за да ги разгледаме сите нивни прашања, за кои што мислат дека треба да разговараме, во рамките на можностите секогаш да наоѓаме решенија.

Имате ли сознанија, што сè ќе содржи Законот за амнестија и кој сè ќе биде опфатен?

Премиерот Заев: Тоа што јас го знам е од претставниците на Социјалдемократскиот сојуз. Синоќа на Извршен одбор на партијата, бев информиран за деталите. Законот за амнестија, којшто веќе се дебатира, веројатно ќе се оформи до крајот на неделата, почетокот на идната недела, како што планираат пратениците заедно со службите, и има конечна цел, да донесе помирување, подавање на рака, помеѓу највисокиот орган во државата или Собранието на Република Македонија, а со конечна тенденција да тоа продолжи по вертикално ниво и кај навивачките групи и во општините и кај подмладоците во партиите и насекаде. Таа е конечната цел.

Самиот Закон, прави јасна дистинкција, разграничување, што значи учество во насилството, зборува за маскираните луѓе во насилството, што значи тие што кренале рака и употребиле насилство, што значи организацијата или осмислувањето на настанот. Веројатно самиот Закон ќе испрати порака на помали казни, дури и за тој дел. Значи, амнестија за сите, коишто не учествувале во насилство, или не биле организатори, да, во самиот Закон е проектирана. Но и самите членови во Законот, коишто доведуваат до идното казнување, нема да бидат тероризам, со над 10 години казни, веројатно ќе бидат со помали почетни казни, но казни ќе има, заради тоа што секој систем на казнување во целиот свет, ја има целта да ја испрати пораката, да не се повтори никогаш повеќе.

Сето тоа, значи јасна дистинкција дека се носат политички одлуки, со целата своја одговорност. Јас ја отворив оваа работа во Парламентот и верувам дека ќе успее да помогне во Македонија, за ова толку потребно помирување, кое што ни е потребно во државата, но истовремено ќе ја испрати пораката дека казнувањето мора да опстои, но и најважната порака на немешање во правосудството. Значи, Парламентот ја носи одлуката, согласно донесениот Закон веројатно така ќе се носат и одлуките во правосудството, но немаме никакво мешање што ја става Македонија на сигурна позиција. Да разграничи, што е одлуки на правосудството, обвинителството и на судовите, а што е одлуки на Парламентот или политичкиот дел од власта, заедно со извршната власт, во делот на постигнувањето на ваквите аспекти. Уште еднаш, да потенцирам, дека тоа го правиме во време, во кое што сите стоиме, барем за две заеднички цели, интеграцијата во НАТО, интеграцијата во Европската Унија. Сега е моментот, да направиме чекори и да постигнеме помирување во државата, затоа што таму каде што има ги има слогата и единството, може да очекуваме и поголеми успеси за Македонија.

Лидерот на опозицијата Мицковски ве повика на ТВ дуел...?

Премиерот Заев: Вие го знаете мојот став, јас ќе го повторам: Во секое време, на секое место. Може да избере медиум, јас сум демократ човек, секојпат на располагање. Но чесно е, ако одиме на дуел да го каже својот став. Шеф на опозиција е. На најголемата опозициска партија. Нека каже дали е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Или нека ја каже неговата алтернатива. Тоа е обврска. Јас бев исправен пред таа одлука, ја донесов одлуката, во време кога 17 отсто од граѓаните даваа поддршка. Штом ќе го даде одговорот на ова прашање, и ќе ја понуди алтернативата, веднаш нека го избере медиумот кој го сака. Дебатата е дел од демократијата, тоа е обврска на сите, и прифаќам во било кое време на било кое место.

Премиере, по уставните измени, Каменос најави оставка, дали тоа може да го загрози договорот од Преспа?

Премиерот Заев: Јас негувам доверба кон премиерот Алексис Ципрас, кон грчката влада и кон грчкиот народ, вклучително и опозицијата во Грција, па и господинот Каменос, кој што е дел од владата. Треба да дадат шанса на еден ваков историски договор, поради тоа што договорот е добар за двете земји, за двата народи, и верувам дека бенефитите од неговата имплементација ќе се видат во следните месеци.

Јас сум убеден дека довербата која што ја имам во Алексис Ципрас ќе биде имплементирана во Парламентот, како што јас се трудам, довербата што Алексис Ципрас ја има кон мене и кон владата во Македонија, да биде имплементирана во Парламентот.

Сериозен и суштествен е процесот кај нас. Ниту јас, како најупатен човек не можам да гарантирам дека ќе успее македонскиот Парламент, но тоа што можеме да го направиме, го правиме и ќе продолжиме да го правиме со максимално инклузивен процес, токму овие процеси успешно завршат некаде во средината на Јануари.

Сигурно видовте колку сме инклузивни, и треба да појасниме на сите да знаат, дека еве не излегоа мечки во амандманите, нема ништо скриено, нема ништо закукулено, замумулено. Тоа беа. Дебатите тие се. Чесен пристап на имплементацијата на договорот од Преспа.

И видовте дека имаме инклузивен процес, и од албанската заедница, тоа што во преамбулата оставаше впечаток дека живеат во рамките на границите, како времено да се тука граѓаните од помалку бројните заедници, веднаш го прифативме.

Во делот на грижата на државата кон својата дијаспора, ја вклучивме целата дијаспора, не само македонскиот народ. Многу важното прашање во првата реченица од амандманот 36 или членот 49, став 1, го зајакнавме македонскиот идентитет, таму има плус уште еден инклузивен збор внатре.

Јас верувам дека пратениците тоа ќе го поддржат, поради тоа што тие го предлагаа, а претходниот пат не гласаа во Парламентот. Навистина имаме инклузивен процес, поради тоа што е важно за Македонија, важно е за сегашните и идните генерации, важно е за иднината на нашата земја.

Премиере, дали единствен начин да се изгласаат уставните измени е амнестијата? Дали за овој закон сте го консултирале меѓународниот фактор? Што мислат тие за овој закон, и дали вие лично му простивте на господинот Муковски што ја отвори вратата и го ризикуваше и вашиот живот? И уште едно, денеска се изгласа информација за армијата на Косово, што би значело тоа за регионот, дали станува посигурен или обратно?

Премиерот Заев: Ќе се потрудам да бидам максимално краток. Јас отидов на суд како сведок. И таму во записник нотирав дека сум простил. Нека е простено и од Господ, но јас не сум правниот систем во државата.

Правосудството ќе ги носи своите одлуки. Тоа што зависи од мене го отворив и на пленум на тој 15 октомври, поради тоа што го чувствувам. Чувствувам дека закрвеноста помеѓу брат со брат, толкавата поделеност мораме да ја отстраниме, тоа е наша обврска.

Можеме ние да коментираме сè што сакаме во државата. Но некој има и одговорност и обврска во оваа земја.

Номинирав дека очекувам и политички последици. Времето ќе ги покаже тие политички последици.

Но ако ја постигнеме целта, да се обединиме, верувам дека ќе успееме. Секако дека е консултирана меѓународната заедница. И тоа што меѓународната заедница го испраќа како порака, тука е рамката на движењето. Влијание и мешање во правосудството, никако. Затоа што ние и со 120 гласа да ги изгласаме уставните амандмани, ако направиме влијание во правосудството, тогаш имаме земји членки кои што тоа ќе го користат како аргумент, и проширувањето т.е. почетокот на преговорите со Македонија, веројатно ќе биде доведено под прашање. Тоа нема да дозволиме да се случи.

И затоа, во консултација со земјите членки, со меѓународната заедница, ги носиме ваквите акти, и дури правиме јасна дистинкција, што значи одговорноста, што значи учество во толпа, што значи манипулативноста од одредени структури, што значи некои луѓе да биле излажани, изманипулирани во тој дел кога се случуваше овој грозоморен настан.
Еве ако Заев бил првата мета, нека тргне простувањето од мене. Ако парламентот бил кулминацијата на нашата поделеност, нека тргне од парламентот. Но во име на конечната цел, мораме да успееме да си ги помириме граѓаните, да подадат рака, и ако успееме тоа да го надминеме, верувам дека Македонија ќе има дополнителни проценти во својот раст и развој. Тоа го очекуваат сите граѓани.

Во делот за Косово, не сум слушнал за одлуките. Јас знам дека и ставот на НАТО е тој, не е време. Не ни требаат нови тензии. Уште еднаш да не заборавиме, дека Балканот нема намера да биде буре барут. Апелирам до колегите, до премиерите, до претседателите на државите, да внимаваат на своите чекори поради тоа што наша заедничка обврска како 6 земји од Западен Балкан, кои што имаме аспирации за членство во ЕУ, да ја унапредиме економската соработка, регионалниот развој и раст, да обезбедиме траен мир, и да имаме интеграција во ЕУ.

Апелирам и оние другите мерки кои што постојат, во делот на царините, да ги преиспитаме, да се вратиме, да ги почитуваме меѓународните организации и договори кои што ги маме, поради тоа што наша обврска е да ја зголемиме соработката.

Ако политичарите бидат повнимателни во своите изјави и чекори, јас верувам дека овој дел на Балканот, вклучително и нашата Македонија, но и соседите, ќе се движиме во вистинска насока.

Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој - ЕБОР, денеска го потпишаа Договорот за ВБИФ грант од 68,6 милиони евра за изградба на втората делница од железничката пруга на Коридор VIII, Бељаковце - Крива Паланка.

Ова е најголемиот инвестициски грант кој и е доделен на Македонија за инфраструктурен проект досега, рече  министерот за финансии Драган Тевдовски по потпишувањето на Договорот.

- Со влегувањето на овие средства во финансиската конструкција за делницата Бељаковце - Крива Паланка, имаме повеќе придобивки. Прво се намалува каматниот трошок на земјата. Со склучувањето на договорот за грант ќе се овозможи намалување на заемот доделен од ЕБОР за втората фаза, кој е во износ од 145 милиони евра. Второ, се остава повеќе фискален простор, односно е во насока на добро менаџирање со јавниот долг. Трето, кога ќе се ефектуира грантот, тој ќе биде значајна инјекција во македонското стопанство, потенцира Тевдовски.

Проектот за доизградба на железничкиот Коридор VIII има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Со воспоставување на овој Коридор ќе се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, подобрување на конкурентноста, развој на економијата и комуникацијата со европските земји. 

- Подобрената поврзаност е преодна фаза кон заедничка иднина. По завршувањето на проектот, жителите на двата главни града Скопје и Софија ќе може да ја минуваат раздалечината меѓу нив со воз. Транспортот на добра ќе биде поефтин и полесен. Ова ќе доведе до поголема поврзаност меѓу овие две држави како и меѓу сите земји долж коридорот VIII, постојните и идните земји членки на ЕУ, вели амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

Досега ЕУ има доделено 220 милиони евра за секторот транспорт во Македонија.   

Со реализацијата на овој проект ќе се зајакне регионалната поврзаност, истакна Анка Јоанеску, директор на канцеларијата на ЕБОР.

- Со денешното потпишување на овој Договор во износ од 68,6 милиони евра се дополнуваатпостојните заеми од ЕБРД за фаза 1 и фаза 2 од Проектот за рехабилитација и доизградба на железничката пруга долж Коридор 8, чиј вкупен износ е повеќе од 190 милиони евра. Со овој грант се кофинансира фаза 2, делницата помеѓу Бељаковце и Крива Паланка. Дополнителни грант средства во вкупен износ од 5,7 милион евра беа обезбедени од Инвестициската рамка на Западен Балкан за поддршка на подготовката и реализацијата на проектот, информира Анка Јоанеску, директор на канцеларијата на ЕБОР.

Овој грант ќе биде искористен за ко-финансирање на изградбата на приближно 34 километри железничка инфраструктура, од Бељаковце до Крива Паланка, втора фаза на проектот за Коридор 8, кој откако ќе биде финализиран, ќе биде дел од Транс-Европската транспортна мрежа, поврзувајќи ја Македонија со Албанија на запад и Бугарија на исток.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министри во Владата на Република Македонија учествуваше на Конференцијата „Децентрализација: Патот што претстои“, во организација на ЗЕЛС и ОБСЕ.

На конференцијата се отворија важни теми кои се однесуваат на процесот на децентрализација, начините за подигнување на капацитетноста на општините и идните правци на соработка помеѓу централната и локалната власт.

Конференцијата беше отворена со воведни обраќања на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целина:

 

Особена чест ми претставува што ја имам можноста да ја отворам Националната конференција за градоначалници насловена како „Децентрализација: Патот што претстои“, на којашто ќе разговараме за многу важни прашања што ги засегаат граѓаните и локалната заедница.

Како централна власт преземавме обврска да работиме заедно со општините во решавање на наталожените проблеми на локално ниво и за реализација на развојни проекти за да можат граѓаните да добиваат навремени, ефикасни и квалитетни услуги. Истовремено должни сме, и како централна и како локална власт, да ги подобриме условите за живот на сите граѓани во секој град, село и населено место во Република Македонија.

Заеднички именител на општините и централната власт се граѓаните. Постоиме за ним да им служиме. На самиот почеток сакам да кажам дека локалните самоуправи имаат пријателска централна власт којашто сака да биде од помош на јакнењето на капацитетите на локалната самоуправа.

Имаме обврска, заедно да работиме за да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани кои ни ја дадоа довербата и честа да креираме политики кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот и на централно и на локално ниво.

Процесот на децентрализацијата мора да се заокружи на системски начин кој ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни, а од друга страна непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните.

Од тие причини и денешната конференција е многу значајна во реализацијата на таквите наши заеднички цели.

Владата на Република Македонија за овој краток временски период од 18 месеци ги врати општините и рамномерниот регионален развој високо на својата агенда на приоритети.

Во 2019 година за рамномерен регионален развој издвоивме за 100% повеќе пари во однос на 2017, или за над 50 насто повеќе во однос на 2018 година. Од 3,5 милиони евра во 2017 та година, за наредната година за проекти за рамномерен регионален развој во планските региони и во општините, се обезбедени 7 милиони евра. Наша цел е овие средства континуирано да се зголемуваат се до целосната трансформација и целосното насочување за реализација на Законот за рамномерен регионален развој по кој треба да се обезбедат законските 1% од БДП  со зафаќање од капиталните инвестиции кои што би се распределувале според степенот на развиеност во сите плански региони.

Знаејќи со какви тешки финансиски проблеми и големи долгови се соочуваа најголем дел од општините Владата на Република Македонија со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра вкупен износ на финансиски средства им помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг.

Целта на ваквиот чекор е да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој беше долги години заробен во наталожени долгови и блокирани сметки.

Се работи за еднократна помош, без обврска за враќање во централниот буџет со цел јакнење на капацитети на единиците на локална самоуправа. За да се спречи повторување на ваквата непожелна ситуација се воведе фискално правило со цел да се стават буџетите на општините во една реална рамка на планирање.

Сакам да ве охрабрам од мое име и од име на Владата, а верувам имам прво и од името на Парламентот, сите градоначалници, сектори за финансии и советите да сметате на нашата флексибилност и на нашиот партнерски однос за спроведување на ова ново правило. Знам дека не е лесно да се испроектираат буџетите со ваквото ново фискално правило, но ние остануваме партнер на општините и верувајте дека нема да дозволиме ниту една општина да го закочи својот развој заради ова ново фискално правило. Сите сме согласни дека мора да ставиме ред за да не продолжат да растат ваквите еклатантни долгови којшто во општините ги има. Уште еднаш само напоменувам, долговите на општините беа повеќе од 6 милијарди денари, ако ги ставиме и локалните јавни претпријатија износот е најмалку двократно поголем.

Паралелно се работи на ревидирање на блок дотациите со кои што се финансираат надлежностите во областа на образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита. Во брзо време, со поддршка на Светска банка ќе бидат предложени нови модели на финансирање на овие надлежности, што ќе придонесе за поефективна, поефикасна и одржлива испорака на услугите од страна на општините кон граѓаните.

Она што сакам да го најавам на оваа конференција се големи инвестициски вложувања во локалната инфраструктура и тоа во изградба на локални и регионални патишта, градинки и канализацииона и водоводна инфраструктура, како и основни и средни училишта.

Работиме на тоа и ќе обезбедиме 70 милиони евра од Светска Банка за изградба и реконструкција на локални патишта и 50 милиони евра од Европската инвестициона банка за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Станува збор за кредитни линии кои ќе станат оперативни уште почетокот на 2019. Во овој процес е важно општините да имаат изработено квалитетни и ревидирани проекти кои ќе ги доставуваат до Министерството за транспорт и врски за да можат да повлекуваат повеќе пари од кредитните линии и да започнат со реализација на проектите. Токму преку овие најсериозни капитални инвестиции во локални патишта, водоводи и канализации, градинките и училиштата имаме намера паралелно со еднократната финансиската помош да ги стабилизираме општините финансиски капацитетно за да може државата да смета на овој сериозен капацитет којшто за жал во Македонија сеуште не е соодветно ниту пак доволно искористен.

Во тек е проект на изградба на канализациони и водоводни мрежи од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, од кои остануваат уште меѓу 10 и 12 милиони евра за реализација. Апелирам до општините да ги искористите овие пари. Кредитите не ги враќате вие, Владата, односно државата ќе ги враќа овие кредити и треба да се искористат овие квалитетни средства.

Во 2019 година ќе станат оперативни и средствата од ТАВ, тоа се повеќе од 35 милиони евра. Завршуваме со анексот на договорот со ТАВ, ќе ги помине сите правни процедури, очекувањата се дека до 15-ти јануари за да може алокацијата на тие 35 милиони евра на транспарентен начин да бидат распределени за тригодишни проекти на сите општини во Република Македонија, пак за вододовди, канализации, детски градинки, за училишта и за некој од сортските сали во училиштата.

Уште еден проблем на кој посочуваат општините е недостатокот од градинки и капацитети за згрижување на децата во претшколска возраст. Тоа е наша реалност.

Светската банка ни стави на располагање 30 милиони евра за период од 4 години за унапредување на системот на социјална заштита. Од овие средства 16 милиони евра се само за изградба и реконструкција на детски градинки. Овие пари повторно ќе завршат во општините за децата да ни бидат згрижени.

Ако направиме некоја груба математика тоа значи дека повеќе од 230 милиони евра ќе се слеат во општините за подмирување на долговите како и за изградба на локални патишта, канализации и водоводи и градинки.

Дополнително општините имаат на располагање буџетски средства и средства од ИПА претпристапната помош на Европската Унија за нивен развој и подигнување на капацитетите. Зборувам за пречистителните станици. Неколку се пуштија веќе во употреба. Продолжуваме со Битола, со Тетово, со другите општини кадешто завршуваме со физибилити студиит и проектни документации за реализација.

Идната година ќе почнеме и со конкретната реализација на депониите во Република Македонија на петте незаокружени со проекти, односно со одредени проектни чекори за реализација на регионалните депонии. Парите за документацијата се обезбедени. Верувам дека ќе ја завршиме работата во неколку месеци за да може да одиме по пат на грантови, по пат на кредити, или по пат на јавно приватни партнерства и концесии. Тоа е исто така сериозно решавање на проблемите на граѓаните и сериозни капитални инвестиции за државата, но и за општините.

Граѓаните мора да ги добијат основните услови за живот и нормално функционирање и тоа е желба да случи што е можно побргу.

Уште еднаш апелирам до општините и општинската администрација навреме да започнат со изработка на квалитетни и ревидирани проекти за да можат парите кога ќе станат оперативни да ги искористат во целост.

Дозволете ми на самиот крај да ја испратам пораката дека Владата останува сериозен партнер на општините. Претседателот на Владата на Република Македонија е поранешен градоначалник, имаме доста министри коишто биле градоначалници, но и останатите колеги во Владата се комплетно позитивни во поддршка на општините. Општините се сериозен капацитет за развој и раст на севкупниот економски прогрес во Република Македонија. Ако бидат посилни, ако бидат покапацитетни Македонија може да очекува поквалитетен живот за сите граѓани. Во таа насока континуирано ќе работиме на взаемната соработка. Не очекува сите многу работа за исполнување на заедничката цел: Подобар квалитет на живот за сите граѓани!

Посакувам успешна и плодна дебата на конференцијата. Заедно со министрите ви стоиме на располагање да одговориме на сите ваши прашања.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев по завршување на работниот дел од Националната конференција за градоначалници „Децентрализација: Патот што претстои“, којашто се одржа денеска во хотел Александар Палас, даде изјава за медиуми, која што ви ја пренесуваме во целост:

Важна е тематиката и проблематиката којашто денеска во присуство скоро на цела Влада, и на сите градоначалници во Република Македонија, да зборуваме за перспективите и за децентрализација, и за зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа и институциите кои што се на локално ниво.

Оваа тематика, децентрализацијата и како по патот понатаму, денеска треба да даде конкретни одговори, кои што своја реализација ќе имаат во претстојниот период, а дел од овој процес е веќе почнат. Ќе ги кажам само првите впечатоци после завршувањето на локалните избори есента 2017 година, кога на површина излезе дека општините должат повеќе од 6 милијарди денари. Ако на тоа се додадат и долговите на локалните претпријатија заедно со локалните институции, со дополнителни 8 милијарди денари, тоа се 14 милијарди денари или близу 250 милиони евра.

Еден дел од тоа општините успеа сами да го менаџираат, другиот дел сега ќе се исплати со 50-те милиони евра кои што Владата со ребалансот за 2019 година ги обезбеди и почнуваме со тоа да ги зајакнуваме и враќаме општините во нормала во Република Македонија.

Процесот продолжува понатаму, 70 милиони евра уште во првиот квартал на 2019 година ќе почнат да се имплементираат за локални патишта, 50 милиони евра дополнително пари за водовод и канализации, 12 милиони евра имаме веќе обезбедени за водовод и канализации, 35 милиони евра ќе бидат од ТАВ распределени во општините уште почетокот на 2019 година. Светска банка обезбеди 30 милиони евра за детски градинки, од кои што 16 милиони евра се за градба на нови детски градинки или реконструкција на постојните. 
Преку ИПА програмите некаде се заокружуваат повеќе од 40 милиони евра за делот на прочистителни станици, за делот на депониите кои што ќе се отвораат во Македонија, односно се афирмира буџет, кој што во следниот период би бил поголем од 230 милиони евра. Сето тоа треба да ги зајакне општините и да ги доведе во капацитетност за да го примаат вториот бран на децентрализација на власт.

Извршната влада предводена од мене, е целосно про децентрализација на власта, а овие изминатите 13 години се доволен временски период да направиме пресек и да донесеме одлука кои се следните чекори на децентрализацијата на власт.

Тоа значи и нови чекори на финансиска децентрализација и во делот на пуштање на дел од процентите или средствата од данокот на додадена вредност, кои што ЗЕЛС ги има како своја аспирација и персоналниот данок на доход, но и паралелно нови надлежности спрема општините.

Ако во средината на годината веќе видиме зголемена капацитетност на самите општини, ние сме подготвени центрите за социјални работи да ги пуштиме на општините, здравствените домови, домовите на културата, одредени дејности од јавните претпријатија, како што е изведбата на регионалните патишта, како што е изведбата на системите за наводнување. Одредени приходи да ги зголемиме, кои што досега не се приходи на општините по други основи, но очекуваме исто така и од општините да ја подобрат својата наплата на данокот на имот, на фирмарините, но и наплатата на комуналиите или приходите од продажба на градежно земјиште, односно да покажат паралелно капацитетност за севкупниот раст и развој на Република Македонија, затоа што тие се сериозен партиципиент во севкупниот раст и развој на нашата земја.

Со помош на ОБСЕ, со помош на анализите од Светска банка, но и многу други меѓународни организации, кои што ни помагаат, верувам дека до крајот на првиот квартал ќе бидеме на чисто, за подготовката на Македонија за следни фази на децентрализација на власта.

Владата е подготвена, а верувам дека и Парламентот ќе даде поддршка во нови законски решенија за да ги јакнеме општините во Република Македонија.

Втора тематика е како да имаме рамномерен регионален развој. Руралните општини за жал кубурат, даваат плата и многу малку можат да ги развиваат, инфраструктурно и урбано, своите места на живеење, односно местото на живеење на граѓаните кои што живеат во таквите рурални општини. Мора да донесеме одлука за идните модели на функционирање на системите за локална самоуправа. Секако мора државата да изнајде начин како ќе пушти повеќе пари за развој на руралните општини, за да имаат приближно рамномерен и еднаков развој и раст градските општини.

Јас верувам дека разбирањето што постои помеѓу извршната власт и управниот одбор на ЗЕЛС и сите градоначалници во РМ ќе не стават во таква позиција да искрено носиме одлуки за да можеме да го подобриме севкупниот квалитет на живот на граѓаните, како испорачувањето на услугите на локално ниво, односно да има еден сублимат. Извршната власт е подготвена да се развластува и да предава свој дел на надлежностите на локалната самоуправа за да по успешно и по ефикасно да го извршува испорачувањето на услугите кон граѓаните.

Веруваме дека тоа ќе штеди пари, децентрализацијата ќе донесе поголема демократизација и веруваме дека квалитетот на живот во РМ на тој начин повеќе ќе го подобриме.

„Mакедонската полиција e во интензивен период на коренити реформи во речиси сите области од нејзиното функционирање. Процес, неопходен и суштински, од аспект на воспоставување на поквалитетни вредносни, професионални, стручни и нормативни стандарди и критериуми во работењето на организационите единици на министерството и особено е важно што и овој пат ја имаме целосната поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје, чиј што досегашен ангажман во низата заеднички проекти, пред се во рамки на Министерството за внатрешни работи, ни дава за право искрено да веруваме дека и сега, заеднички, ќе направиме квалитетна основа за натамошното реформирање и развој на нашата полиција во современа, мобилна, транспарентна, стручно и професионално оспособена институција која што ќе биде достоен и кредибилен сервис на сите наши граѓани“, рече, меѓу другото, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната средба на заедничките работни групи на претставници на МВР и ОБСЕ, кои ќе работат на прашања поврзани со реформите во полицијата односно стратегијата за управување со човековите ресурси, изготвување на стратегија за вклучување на заедницата и стратегија за комуникација, ревидирање на дисциплинските постапки во МВР и стратегија за развој на Центарот за полициска обука.

„Очекувам да добиеме далеку подобри нормативно-концепциски рамки во посочените области, што на стратешко ниво ќе ги детектираат и опфатат сите слабости и потреби во соодветните организациони единици. Потоа, таквите рамки ќе отворат простор за посеопфатно, и се разбира поквалитетно и поефикасно, оперативно структуирање, организирање и делување на соодветните служби“, рече министерот Спасовски.

Владата на Република Македонија на денешната, 109-та седница, го усвои Дополнетиот Предлог-буџет на Република Македонија за 2019 година, усогласен соодветно на амандманите што произлегоа од расправата за буџетот во Собранието на Република Македонија.

Согласно амандманите кои дојдоа од владеачкото мнозинство и од опозицијата во собраниската амандманска расправа, во Предлог-буџетот за 2019 година се направени дополнувања на буџетски износи во програмите за заштита на животната средина, со фокус на мерките за почист воздух, на локалната инфраструктура и на програмите за развој на планските региони, како и на зголемување на буџетската поддршка за работата на дел од министерствата, агенциите, управите и други органи на државната управа.

Соодветни интервенции по собраниската амандманска расправа за дополнителни буџетски износи се направени и за дел програмите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На денешната седница на владата се утврдени и насоките за нивелирање на платите во културата за што активностите треба да започнат од јануари 2019 година, согласно буџетската динамика во претстојната година.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2019 година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.

Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021, која на денешната седница на Владата на РМ беше усвоена како информација, и која заедно со конечниот дополнет предлог за Буџет за 2019 година, ќе се испрати на усвојување во Собранието на Република Mакедонија.