Премиерот Заев: Нула толеранција за корупцијата и нула толеранција за кршење на човековите права - и ништо помалку

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше и се обрати на настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Меѓународниот ден на човековите права, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.


На овој настан, на кој свое обраќање имаа и амбасадорот на Соединетите американски држави, Џес Бејли, и координаторката на мисијата на Обединетите нации во Република Македонија, Луиза Винтон, беше потпишана и Декларација за борба против корупција.


Декларацијата, во име Владата, и на партиите што ги претставуваат во владината коалиција, како и во име на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), претставничко тело на градоначалниците и на локалната власта, ја потпишаа премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во име на претседателот на партијата на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов.


Потписниците на декларацијата на овој настан, пред македонската јавност, искажаа и јавна обврска дека ќе се застапуваат за нула толеранција за корупцијата, како и за целосно почитување на човековите права.


Во своето обраќање на настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“, Претседателот на Владата на Република Македонија истакна:    


Сите феномени на корупција и поткуп, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него. Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој. Нејзиниот одржлив развој.


Не случајно ги поврзувам развојот на општеството, одржливиот развој, со корупцијата.


Во Агендата на Обединетите нации за остварување на глобалните цели до 2030 година, условите за одржлив развој се препознаени и прифатени како уште едно човеково право.


Одржливиот развој не може да се реализира без стабилност и безбедност, како услови за остварување на едно од човековите права – правото на достоинствен живот. Стабилноста и безбедноста се изложени на ризик доколку нема одржлив развој, доколку тој развој е во опасност заради корупцијата во општеството.


Дозволете ми да направам уште едно поврзување. Новата агенда на Обединетите нации е идентична со новата агенда што ја промовиравме и што настојуваме да ја спроведеме: во Република Македонија создаваме услови за стабилно, правично и инклузивно општество. Општество еднакво за сите. Овие две агенди се поврзани.


Создаваме општество, заедница, во која постои еднаков пристап до правдата, ефикасно владеење на правото на сите нивоа, како и транспарентни, ефективни и одговорни институции.

Корупцијата, заедно со нееднаквоста, лошото владеење и нелегалните финансиски трансакции, се фактори што доведуваат до несигурност и неправда во општеството, за сите граѓани.


Едно општество не може да се нарече заедница на еднакви граѓани, ако на било кој поединец, на било која група, на било кој начин, му е ускратено барем едно човеково право.


Врз основа на искуството на нашето општество, и врз основа на препораките на напредниот свет, ние мора да ги удвоиме нашите напори за препознавање, спречување и решавање на коруптивните вируси што создадоа ситуации на длабока политичка корупција. При тоа, би рекол дека препознавањето е веќе на повисоко ниво. Следни чекори кон кои сите треба заедно да тргнеме се спротивставувањето, сериозно симнување на прагот на толеранција кон корупцијата, спречување, пркос и борба со злоупотребите и коруптивните дејства.


Силно се противам на феноменот што предизвика создавање на амбиент во кој некои политички елити се почувствуваа привилегирани, и мислеа дека правдата и казната што произлегува после корупцијата, нема да ги опфати и нив.


Тоа е директно во спротивност со основните човекови права, кои се однесуваат на секого и во секое време. Се разбира, во едно општество во кое има доволно политички еманципирани и правдољубиви граѓани, таквиот коруптивен политички концепт дојде во судир, во конфликт со концептот на една прогресивна заедница.


Дозволете ми само еден пример кога зборуваме за слободата како темелно човеково право, вклучувајќи ја и слободата на политички избор: Дали можеме да зборуваме за слобода ако корупција за време на изборен процес предизвикува загриженост за точноста на конечниот резултат? Укинувањето на ова човеково право, може да предизвика политички и социјални немири и протести. Во таков случај, може да биде оневозможено и правото на политичко учество, и правото на избор, а евентуалната репресија за сузбивање на протести, исто така може да предизвика сериозни повреда на човековите права.


Впрочем, целта број 16, од Агендата за одржлив развој на Обединетите нации налага: Промовирање мирни и инклузивни општества за одржлив развој; Да се обезбеди пристап до правдата за сите и да изгради ефикасни, одговорни и инклузивни институции на сите нивоа.


Остварувањето на оваа цел, која е идентична со нашата, со целта на граѓаните на Република Македонија, нема да биде можно, ако значително не се заложиме да ги отстрануваме корупцијата и поткупот во сите нивни форми, на секое рамниште во нашиот општествен поредок.


За да го постигнеме тоа, мора да се ​​обезбеди одговорно, инклузивно, и транспарентно носење одлуки на сите нивоа. Да се ​​развијат ефективни, одговорни и транспарентни институции.


Нема да имаат никаков ефект институциите утврдени со законите и во стратегиите, само врз основа на убавите желби и зборови. Нема да има ефект ако суштински не е обезбедено владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите кои се огрешиле пред законите. Никој, кој и да е – не смее да биде привилегиран. И никој не смее да биде изземен од одговорност. Институциите се тука да истражуваат, да прашуваат, да расчистуваат, а ние како граѓани и носители на јавни функции сме должни да одговараме. И ако сме чесни и одговорни, се ќе биде во ред.


Еве и јас како премиер, со својот личен пример, обвинет во предметот „Поткуп“, сакам да добијам правда низ транспарентен судски процес и сакам докажам дека почитувањето на институциите од страна на граѓаните е исто така предуслов да се справиме со корупцијата. Се разбира, останува принципот на пресумпција на невиноста, исто така како важно човеково право, сè додека спротивното не се докаже во чесна и фер судска постапка.


Државите и институциите се главни носители на обврските за човекови права. Обврските подразбираат нивно почитување, заштита и исполнување.


Тука морам да нагласам дека корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на човековите права, е најтежок вид на корупција. Иако експертите велат дека секоја корупција е подеднакво штетна.


Она што ни е потребно е сеопфатна, високо приоритетна акција за искоренување корупцијата на сите нивоа и во сите јавни институции. Исто така, постои потреба да се реагира јасно на коруптивните практики и во приватниот бизнис, чиишто последици имаат тенденција да се прелеваат во јавната сфера.


Истовремено, треба да се соочиме и да ги спречуваме коруптивните практики, како што се непотизмот и политичкото фаворизирање, како прашањата поврзани со конфликти на интерес.


Мораме да биде чесни и да се соочиме со сознанието дека ако го дозволиме постоењето на корупција, ќе се соочиме со неуспехот на државата да ги исполни своите обврски за човековите права.


Во таа смисла, денес имам чест да најавам уште еден напор на институциите и на граѓанскиот сектор во промоцијата на човековите права, а тоа е воведувањето на Државна награда за придонес кон човековите права, награда која ќе го носи името на Мето Јовановски, првиот претседател на Хелсиншкиот комитет, писател и активист за човекови права. За таа цел, Министерството за правда и Министерството за култура започнаа процедура за основање одбор за оваа награда, кој ќе биде составен од претставници на граѓански организации. Наградата ќе се доделува секоја година, на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.


Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон реформата и кон новото време за кое постигнавме општествен консензус. Нула толеранција за корупцијата и нула толеранција за кршење на човековите права - и ништо помалку.
Тоа е единственото решение за да ги дигнеме на пиедесталот еднаквоста, човечкото достоинство и слободата на индивидуата.