Грант од 500 илјади евра од ЕБОР - Техничка соработка помеѓу Владата и ЕБОР за развој на обновливи извори на енергија
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев и директорката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за Централна и Источна Европа, г-ѓа Шарлот Руе, одржаа конференција за медиумите, на која беа презентирани аспектите за меѓусебната соработка за техничка поддршка за реализација на програмата за изградба на електрани од сончева и ветерна енергија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со новиот Закон за енергетика се овозможува зголемено учество на енергијата од обновливи извори во целокупното производство на електрична енергија, а со техничката поддршка од ЕБОР ќе се овозможи практична имплементација на одредбите од Законот.
„За жал, во моментот имаме инсталирана моќност од само 16,8 мегавати во фотовонапонски централи и 36,8 мегавати во ветерни централи. Техничката поддршка од ЕБОР ќе помогне во подготовката на тендерската документација за изградба на нови електрани од обновливи извори на енергија согласно новиот Закон за енергетика. Со ова ќе се допринесе за реализацијата на плановите на Владата енергијата од сонце да се искачи до 200 мегавати, а од ветер до 150 мегавати, што ќе биде значително зголемување. Само во наредните 2 години планираме да изградиме нови околу 40 мегавати инсталирана моќност, 10 во фотонапонска централа која би се изградила над затворениот рудник Осломеј, како и дополнителни до 30 мегавати во ветерниот парк Богданци, што ќе овозможи енергија колку што во моментов произведува хидро централата Света Петка, која да потсетам, беше градена околу 10 години “, изјави вицепремиерот Анѓушев.
Директорката на ЕБОР за Централна и Источна Европа, г-ѓа Шарлот Руе, потенцираше дека банката дава поддршка на Република Македонија, за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, намалување на производството на енергија од јаглен, како и зголемување на обновливи извори на енергија, особено од сонце и ветер.
„ЕБОР ќе обезбеди финансиска поддршка во висина од 500 илјади евра, обезбедени од специјалниот фонд на акционерите на банката, за техничка помош за обновливи извори на енергија во земјата, што ќе и помогне на Владата за воведување на аукциски систем, како и за подготовка на конкурентна тендерска документација за изградба на нови фотонапонски и ветерни електрични централи “, истакна директорката Руе.