Министерства

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал - мајор Васко Ѓурчиновски денеска имаа средби со командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, кој е во посета на Република Македонија.

Шекеринска ја потенцираше долгогодишната соработка помеѓу МО и АРМ и Здружената команда на сојузничките сили во Неапол која придонесе Македонија да биде подготвена да стане 30-та земја членка на НАТО.

„Убедени сме дека на почетокот на 2019 година, Македонија ќе биде на масата заедно со сите сојузници, земји-членки во сојузот, а веднаш потоа со успешно ратификуван процес ќе бидеме и 30. членка на НАТО алијансата“, рече Шекеринска и изрази благодарност за посветеноста на Здружената команда во Неапол и НАТО - Канцеларијата за врски во Скопје во поддршка на реформите и развојот на Армијата.

„Како на одговорна команда за силите на НАТО за Косово, КФОР, можам да порачам дека Македонија со истата посветеност како и досега ќе продолжи да ја дава сета поддршка. Како и на нашиот состанок, и тука ќе ја потврдам нашата подготвеност да започнеме и со оперативна поддршка на силите на КФОР со штабни офицери од АРМ. Тоа го гледаме како шанса за придонес кон НАТО и како шанса да ја збогатиме нашата регионална соработка“, рече министерката Шекеринска по средбата. Додаде дека Македонија го продолжува и го засилува, своето присуство и учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, бидејќи цврсто веруваме во вредностите на Алијансата, а тоа е дека мирот, стабилноста и безбедноста во светот, влијаат позитивно на секоја земја, на Македонија, на Европа.

Командантот на Здружената команда во Неапол истакна дека НАТО го цени исклучителниот напредок кој државата го направи во изминатиот период и рече дека е дојдено времето Македонија да стане земја - членка на Алијансата. Адмиралот Фого додаде дека членките на НАТО се посветени на колективната одбрана и безбедност која ќе ја унапреди стабилноста на Македонија. Истакна дека НАТО - Канцеларијата за врски, исто како и Командата во Неапол ќе продолжат да ја поддржуваат земјата и армијата во реформските зафати во одбранбениот сектор.

Репутацијата на вашите сили навистина е на завидно ниво и секогаш е добро да бидете од нашите операции и мисии, рече адмиралот за припадниците на Армијата на Република Македонија. Се заблагодари за професионалниот придонес на силите на АРМ во Авганистан и изрази задоволство што Македонија размислува да го зголеми придонесот во оваа земја.

Министерката Шекеринска, осврнувајќи се на резултатите во демократските и одбранбените реформи истакна дека Македонија и граѓаните иако беа ставени пред сериозни предизвици, покажаа дека сакаат да живеат во демократска, слободна, стабилна и просперитетна земја.

„Македонија беше наречена единствениот зрак надеж во Европа во текот на оваа година, бидејќи со храброст и со одлучност решивме да се справуваме со проблемите...Со мудри и храбри одлуки продолжуваме на патот кон НАТО, кој сега повеќе од било кога е близу до својата завршница“, рече Шекеринска. Додаде дека оваа година поканата на НАТО самитот, започнатите и успешно завршените пристапни разговори покажаа дека Македонија знае, може и дека е решена да ги исполни своите стратешки цели.

Шекеринска рече дека Македонија покажа мудрост и во одбранбените реформи - го зголемивме одбранбениот буџет во 2018 година, а тоа го правиме и во 2019 година, успешно го завршивме Стратешкиот одбранбен преглед и веќе почнавме со негова имплементација.

За време на средбата на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски со адмиралот Џејмс Фого беше потврденa досегашната соработка со Командата на здружени сили на НАТО во Неапол, при што се разговараше за учеството и професионалноста на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка во Авганистан, како за користење на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.

Министерството за труд и социјална политика повторно започна активности за заштита и сместување на бездомните лица кои се наоѓаат во импровизирани живеалишта под Кале, а од кои голем број се деца. Во зимскиот период надворешната температура е ниска и има опасност по животот и здравјето на овие лица. За обезбедување засолниште покрај капацитетот на Центарот за лица бездомници Скопје, се користат и постоечките капацитети на установите за социјална заштита кои во моментов се неискористени.

Во рамки на овие активности, во текот на месец ноември направено е мапирање на локацијата наречена под Кале каде се групирани најголем дел вакви семејства и истите се сместени во објекти на установа за социјална заштита. Во моментов таму се згрижени 85 лица, од кои 49 се деца.

Вакви активности беа преземени и во текот на зимата 2017/2018, кога околу 120 лица без сместени во објекти на установа за социјална заштита, со тоа што истите беа вклучени во пилот Програма за поддржано живеење. Целта на оваа програма, која нуди голем дел активности, е да го олесни процесот на социјална инклузија. Вкупно 15 семејства кои учествуваа во пилот програмата се преселија во времен престој во населбата во Визбегово.

Дополнително центрите за социјална работа и Црвениот крст имаат дежурни тимови во текот на зимскиот период, кои ги згрижуваат бездомниците во пунктот во Момин поток - Скопје или во некој од регионалните пунктови за сместување на бездомни лица, кои што беа отворени во Струга, Битола и Струмица. Во рамки на досегашните активности згрижени се 9 лица, од кои 8 деца во Струмица, а во Скопје има една дојава, но лицето одбива сместување.

Доколку забележат лице бездомник граѓаните можат да пријават на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733.

Корупцијата ги засега сите и доведува до слаби институции, непочитување на човековите права, неправда, организиран криминал, нестабилност, небезбедност, незадоволство, нетрпеливост, гнев, изгубен просперитет, загрозена животна средина.

Министерката за правда, Рената Дескоска денеска се обрати на конференцијата посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата насловена „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“, која се одржа денеска во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, со поддршка на УСАИД. Во прилог го пренесуваме интегрално обраќањето на министерката Дескоска: 

„Темите поврзани со борбата против корупцијата се особено значајни во процесот на реформи кои се одвиваат во Република Македонија.

Пред неколку години, како опозиција, се осмеливме и обелоденивме бројни корупциски скандали кои силно одекнаа и ги охрабрија граѓаните да побараат смена на власта. Бескомпромисната борба против корупцијата беше едно од нашите клучни, ако не и најважно изборно ветување. Оваа борба не завршува со борба против корупцијата од минатото, туку треба да продолжи и со борба против евентуална корупција денес и во иднина – како што им ветивме на граѓаните. Борбата против корупцијата не познава поделби на наши или ваши, туку на чесни и нечесни, на оние кои ќе работат во интерес на граѓаните и владеењето на правото, и оние кои тоа не се. 

Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија и со капацитетни институции. 

Сите реформи коишто ги водиме во Министерството за правда се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата. 

Тоа го правиме преку реформирање на трите столба за борбата против корупцијата: Судството, обвинителството и антикорупциската рамка.

Како што е забележано со „извештајот на Прибе“, во антикорупцискиот систем постојат слабости кои се однесуваат на регулаторни и институционални капацитети на сите нивоа и постојат перцепции за политички именувања и назначувања со цел контрола на независните тела од страна на политичките партии. 

Експертите укажуваат на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува свои надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија. 

За таа цел, работна група формирана од Министерството за правда, изготви нова антикорупциска рамка: Предлог на закон за спречување на корупција и судир на интереси, користејќи како основа нацрт текст изработен од страна на експерти во рамки на проект на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). 

По спроведувањето на консултативниот процес, Предлог законот од ноември месец оваа година, утврден од Владата во ноември оваа година, е во собраниска процедура.

Во меѓувреме, овој Закон го пративме на експертска евалуација од страна на експерти од Европската унија, и добивме сериозни укажувања дека станува збор за подобрена законска рамка којашто покажува посветеност на Владата во создавање на правни норми коишто ќе дадат можност за создавање на капацитетни институции во борбата против корупцијата. Одредени сугестии коишто се дадени за подобрување на законската рамка во текот на собраниската процедура ќе бидат имплементирани преку амандмани од страна на пратениците.

Со одредби од Предлог законот, се адресираат добиените препораки кои се однесуваат на условите за избор, именување и разрешување на претседателот и членовите во состав на ДКСК, развојот на анти-корупциската програма и пријавувањето и проверката на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица.

Се предлагаат зајакнати услови за избор и именување на претседателот и членовите на ДКСК и јасни услови за престанок на мандатот и разрешување на претседателот и членовите на ДКСК. Еден од условите за избор на претседател односно член на ДКСК е лицето во последните десет години да не било пратеник, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија. Со тоа ја покажуваме волјата и желбата за целосна департизација на овој орган.

Се предвидува транспарентна постапка за избор на кандидати за претседател и членови на ДКСК, во која се вклучуваат како учесници во интервјуто претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Интеруниверзитетската конференција, здруженија на новинари, други здруженија и фондации. Целта е преку еден транспарентен процес да се изврши евалуација на кандидатите коишто се пријавиле да бидат членови и претседател на оваа антикорупциска комисија 

Понатаму, се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК, особено со воведување на надлежноста за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и пристап на ДКСК до разни бази на податоци коишто постојат во различни институции со цел самата да може преку вкрстување на тие податоци да ја следи имотната состојба на функционерите и политичките партии и ова е еден од аспектите коишто особено се потенцира како позитивен во извештајот којшто го добивме од страна на европските експерти.

ДКСК, како специјализирана независна институција за превенција на корупцијата, е само една од позначајните специјализирани институции од анти-корупциската институционална рамка во Република Македонија.

Покрај улогата на ДКСК, во рамките на реформите коишто ги водиме земаме предвид дека одредени позитивни исчекори коишто беа направени во изминатиот период од страна на одредени институции треба да бидат зачувани и поддржани и овде најмногу мислам на СЈО, но и добрите искуства од градењето на оваа институција во нејзиното функционирање да бидат пресликани и пренесени во другите јавни обвинителства со цел да создадеме повеќе капацитетни институции во борбата против корупцијата. 

Во тој дел, веќе се објавени Законот за СЈО и Законот за Јавното обвинителство и ирелевантно е дали ќе биде еден или два закони, она што е битно е надлежностите коишто ќе бидат предвидени и трајноста на органот којшто треба да води ефикасна борба против корупцијата.

Од исклучителна важност се воведувањето на стандарди во управувањето, спроведувањето на работните процеси и давањето на услуги за граѓаните, јакнењето на свеста за превенција на корупцијата и судирот на интереси, како и унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите.

Во рамките на борбата на корупцијата, можеби не се перцепира како тесно поврзан, но за мене е исто така значаен Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи транспарентноста е еден од клучните предуслови за вистинска борба против корупцијата. 

Во овој Закон, се предлага намалување на исклучоците од слободен пристап до информации и скратување на рокот за одговор по барање за информации, бидејќи некогаш закаснетата информација значи губење драгоцено време за реакција во одредени ситуации. Исто така, ги вклучуваме на политичките партии како иматели на информации  во делот на нивните приходи и расходи и трансформација на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Агенција којашто покрај останатите надлежности ќе има надлежност да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции за прекршоците утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Свесни сме дека успешната борба против корупцијата е  формален услов за пристапување во Европската Унија, и во таа насока имаме партнери во Европската унија. Но, она што сме уште повеќе свесни е дека од формалните услови од Европската унија зависат суштински услови за создавање пристоен живот во Република Македонија, за враќање на владеењето на правото и враќање на довербата на граѓаните во институциите, бидејќи граѓаните се оние коишто првенствено ја дале довербата на политичките партии да ги водат институциите и затоа треба да создадеме капацитетни институции во коишто граѓаните ќе веруваат без оглед која политичка партија е на власт“.

Денеска, во Клубот на пратениците се одржа вториот состанок на Секторскиот мониторинг комитет за конкурентност, иновации и земјоделство со кој претседава Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога Национален ИПА координатор; и шефот на одделот за соработка при Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини.

„Зголемување на конкурентноста, сивата економија, правната стабилност и предвидливоста во приватниот сектор претставуваат клучни предизвици за бизнис секторот и Владата е сериозно посветена во напорите да обезбеди соодветни услови за водење бизнис, особено во рамките на реформскиот процес кој произлегуваа од европската агенда“- истакна Османи, посочувајќи на планираните мерки кои се содржани во новиот реформски План 18, а ќе имаат соодветен импакт во зацврстување на принципот на владеење на правото, борбата против корупцијата, но и борбата против сивата економија, унапредување на ефикасноста на судството итн. Османи додаде дека целиот процес на европски интеграции е во насока да се обезбедат подобри услови за земјоделците, за претприемачите, секако иноваторите и сите сегменти од бизнис секторот.

Во рамки на состанокот со свои презентации учествуваа донаторите, претставниците на ресорните министерства, при што заеднички беше констатирано дека напредокот во ИПАРД е очигледен и тоа преку реализацијата на проектите како и склучените 940 договори со лицата кои успешно аплицирале од првиот повик во вкупен износ од 18 милиони евра.

На состанокот присуствуваа претставници од Делегацијата на ЕУ, донаторите во земјава како Светска Банка, Европската банка за обнова и развој, претставници на четирите стопански комори во РМ како и претставници од ресорните министерства. Целта на овие состаноци е по дискусијата за напредокот на спроведување на програмите, низ дијалог на членовите да се договорат препораки за подобрување на спроведувањето на акциските програми во наредниот период и истите се одржуваат два пати во годината.

Измените на Законот за судови и Законот за Судски совет оваа недела влегуваат во собраниска процедура. Препораките од Венецијанската комисија - имплементирани во законите.

Oва го најави министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска на денешната тркалезна маса на која беше презентирана работната верзија на анализата за проценката на влијанието на регулативата на Законот за судови, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

- Речиси сите препораки на Венецијанската комисија коишто досега се дадени се имплементирани. Дополнителните препораки кои ги добивме од Венецијанската комисија овој месец се имплементирани. Со целосно затворен пакет одиме во Собранието на Република Македонија. Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венецијанската комисија, којашто ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди - потенцираше министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска.

Како клучни измени во делот на Законот за судови, министерката Дескоска ги наведе измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите.

- Венецијанската комисија, уште во 2015 година, има дадено препораки за прецизирање на основите за дисциплинска одговорност со цел да се овозможи независност на судиите, но секако и одговорност за нивно непрофесионално работење, истакна министерката Дескоска.

Клучните измени на Законот за Судскиот совет, е основата за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет за нивното работење. Се поедноставуваат постапките за утврдување на дисциплинска одговорност, но и разрешување на судиите. Министерката Дескоска очекува и овој закон да биде усогласен со европските стандарди.

Целта на измените на законодавството е да направиме усогласување со европските стандарди, целосно имплементирање на овие стандарди и да ја покажеме политичката волја - истакна Дескоска.

- Овој месец, донесов решение за надзор над работењето на АКМИС системот во 16 судови, кој ќе се спроведува во текот на целата наредна година. Континуираниот надзор е стратешка определба на Владата на Република Македонија, и тоа ќе почнеме да го реализираме наредната година, најави министерката Дескоска.

 

          

Денес во Париз, министерот за надворешни работи Никола Димитров, учествуваше на состанокот на високо ниво на француско-германската иницијатива за борба против недозволена трговија со лесно оружје во земјите од Западен Балкан, на покана од францускиот Министер за надворешни работи до Министрите за надворешни и внатрешни работи на 6-те земји од Западен Балкан. Состанокот беше воден од страна на МНР на Франција, Жан-Ив Ле Дриан и МНР на Германија, Хајко Мас, а на истиот покрај Министри од Регионот учествуваа и Министри од земји членки на ЕУ и други високи претставници на земји донатори и на меѓународни организации.

Во своето обраќање, МНР Димитров најнапред ја потенцираше важноста од соработка и интеграција на Регионот во ЕУ, експлицитно демонстрирано во екот на мигрантската криза во 2015 година. Заблагодарувајќи се за поддршката од партнерите на патот на европската интеграција, тој нагласи: „Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ, туку и сет на вредности и практики на добро управување, владеење на право, борба против корупција, незаивисни и силни институции.”

Притоа во контекст на исполнување на стандардите за членство во ЕУ, Министерот изрази подготвеност за уште потесна соработка во однос на безбедносните прашања од различен вид, вклучително и контролата на илегална трговија со мало и лесно оружје, во интерес на креирање побезбедни општества за нашите граѓани и борба против организираниот криминал.

МНР Димитров истакна и дека „Патоказот за изнаоѓање одржливо решение за незаконско поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, усвоен на Самитот за Западен Балкан во Лондон на 10 јули 2018 година, претставува одлична рамка, комплементарна на веќе постојните национални и регионални иницијативи, за засилување на контрола и непролиферација на мало и лесно оружје”.

Покрај учеството на денешниот состанок, кој претставуваше одлична можност и за размена на мислења и разговори на МНР Димитров со повеќе колеги, во рамки на работната посета на Париз, ќе се обрати и во Фондацијата Роберт Шуман на тема „Европската перспектива на Македонија по Договорот со Грција”.

Исто така, утре, во Собранието на Француската Република, министерот Димитров ќе се сретне со претседателката на Комисијата за надворешни работи и со група пратеници.

 

Министерството за труд и социјална политика денеска потпиша Меморандум за соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Метoдиј“ во Скопје. Меморандумот со кој ќе се унапредува практичната работа на студентите го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и деканот на Филозофски факултет, Ратко Дуев.  

„Практичната работа е неопходен дел од секој квалитетен образовен процес. Образовниот систем, во соработка со сите државни институции, приватниот и граѓанскиот сектор, треба целосно да ги подготви студентите за тоа што ги чека во реалноста. Ова е периодот кога треба да им помогнеме да созреат, да работат на својот личен и професионален развој. Само на овој начин можеме да очекуваме вистински квалитетен кадар, подготвен за сите предизвици надвор од академската клупа“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Двете институции ќе соработуваат во повеќе области на социјалната политика, детската и семејна заштита, работните односи, образовна вклученост, специјална едукација и родова еднаквост, како и во однос на активности против дискриминација, овозможување еднакви можности и помагање на процесот на европска интеграција. Ќе се спроведат повеќе активности, меѓу кои заеднички научни истражувања, организирање и спроведување на обуки, тркалезни маси, дебати, конференции и слично.

Во рамки на оваа соработка Министерството за труд и социјална политика ќе обезбеди практична работа на студентите од Филозофскиот факултет, стручно менторство за време на практичната работа и пристап до податоците потребни за научно-истражувачката дејност на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Метoдиј“ Скопје.

„Проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесното оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди, бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесно оружје. Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности може да претставува и еден од катализаторите кој што дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални  и глобални настани“.

Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање на меѓународната министерска конференција посветена на борбата против недозволената трговија со мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, што во рамки на француско-германската иницијатива за ефикасно справување со овој проблем се одржува во Париз, Република Франција.

Спасовски нагласи дека примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси како и подигање на јавната свест преку спроведување на соодветни програми.

Министерот Спасовски говореше за постигнатото во оваа сфера од страна на македонската влада, и пред се од страна на МВР како клучна институција во справување со овој вид криминал, а прецизно ги нотираше и сите натамошни чекори што се неопходни за реализација, особено од аспект на целосната имплементација на „Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје (МЛО) и муниција во Западен Балкан до 2024 година“, донесен на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Лондон во јули годинава, со цел поефикасна и поквалитетна борба против нелегалната трговија со мало и лесно оружје.

„Ние сме одлучни во намерата овие насоки во целост практично да бидат имплементирани во нашето делување, како во интерес на националната, така и во интерес на глобалната безбедност. Имено, соработката и координацијата се најзначајниот сегмент и предизвик со кој се соочуваат државите во борбата со криминалот, вклучително и со борбата против пролиферацијата на малото и лесно оружје“, нагласи министерот Спасовски. 

Спасовски рече дека приоритет на македонското Министерство за внатрешни работи  е да отпочне со изградба на информатички информационен систем кој понатаму ќе биде подготвен да се приклучи кон системите на ЕУ (SIENA, IARMS и сл.). 

За првпат, Министерството за здравство од оваа година обезбеди средства за вложениот труд на приватните специјализанти.

Министерството за здравство информира дека обезбеден е Буџет за исплата на стоматолозите специјализанти и средствата се префрлени на Универзитетската клиника за стоматологија.

Процедурата за согласноста за вработување со договор на дело, преку кој ќе се исплаќаат приватните специјализанти е завршена во Министерството за здравство и во законски определениот рок, Министерството за финансии ги одобри согласностите.

Приватните специјализанти по стоматологија ќе бидат целосно исплатени ретроградно за нивниот вложен труд.

Напоменуваме, за приватните специјализанти предвиден е буџет и за наредната 2019 година, односно ќе бидат исплаќани и следната година.

Денеска, одбележуваме 70 години од најважниот настан, не само за Обединетите нации, туку за човештвото – 70 години од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.

По тој повод, министерката Дескоска се обрати на конференција организирана по повод чествувањето на овој ден „70 години Универзална декларација за човековите права: улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права“, организирана од страна на Адвокатската комора на Република Македонија во партнерство со амбасадата на Соединетите Американски држави во Република Македонија.

“Многу денови се одбележуваат во светот, има многу денови кога се сеќаваме на славни битки, историски заседанија, историски постигнувања. Меѓу сите тие денови, за мене, Меѓународниот ден на човековите права е еден од најважните меѓународни денови“ – истакна министерката Дескоска.

Главната заслуга во создавањето на Универзалната декларација за човековите права, несомнено припаѓа на Елеонор Рузвелт, која како жена претседавач на Комисијата за Човекови Права на ООН, била главниот мотор во создавањето на оваа повелба.

Токму затоа, во нејзина чест, министерката Дескоска испрати порака до сите граѓани на Република Македонија,  цитирајќи ја “првата дама на светот“: „Човековите права треба да ги бараме насекаде околу нас, во домот, во соседството, во училиштето, на работното место. Тие се местата каде треба да бараме еднаква правда, еднакви можности, почитување на достоинството без дискриминација. Ако човековите права не се почитуваат тука, во секојдневна средина во која живееме и работиме, тие го губат значењето. Ако не си ги обезбедиме правата во секојдневниот живот, залудно ќе бараме напредок во пошироката заедница, или ќе се бориме за прогрес во светот.“

-Примарна цел на секој од нас, на секој поединец, на секоја институција, група, организација, е и мора да биде практичната акција за обезбедување и заштита на човековите права во заедниците во кои живееме. Битката за човековите права е најсветата битка на секој од нас“, потенцираше министерката Дескоска.

Сите реформи кои во моментот се одвиваат во Министерството за правда, имаат клучна заедничка цел: подобра заштита на човековите права.

„Независноста на судството, претставува столб, гаранција на човековите права. Во таа насока се реформите на судството, измените на Законот за судовите и Законот за судскиот совет. Ги следиме препораките на Венецијанската и Европската комисија за зајакнување на квалитативните критериуми во оценувањето на судиите, како и основите за разрешување и утврдување на одговорност кај судиите или членовите на Судскиот совет. Независноста и непристрасноста на судството од сите, од политичките партии, од лоби групите, од бизнис интереси, од судскиот менаџмент, од другите институции е клучна за обезбедување на правдата и заштита на човековите права“ - потенцираше Дескоска.

Министерството за правда е партнер на судството во креирање европска правна рамка за независно судство. Но, според министерката Дескоска, во напорот за обезбедување на независноста на судството, клучна улога има Судскиот совет кој мора да биде свесен за својата улога во реформските процеси и треба да игра улога на заштитник на независноста, но и професионалноста на судството.

“Судскиот совет не смее да се однесува како орган кој ги штити лошите практики во судството кои беа критикувани во извештаите на Европската комисија и во извештајот на Прибе, а уште помалку да биде гнездо на незаконско однесување. За да спречиме такво однесување, во Законот за Судски совет се воведува механизам за одговорноста на членовите на Судскиот совет“- истакна Дескоска.

Во насока на заштитата на човековите права, е и менувањето на законската рамка за Јавното обвинителство, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство, кое покажа ефикасност во гонењето за прекршување на човековите права.

“Капацитетите кои се изградени во оваа институција треба да бидат искористени и за евентуална идна борба со корупцијата на „белите јаки“. Се надевам дека од пратениците ќе биде препознаено значењето на претварање на СЈО во траен орган чии капацитети ќе бидат искористени за борба со најголемото зло на човештвото – корупцијата“, потенцираше Дескоска.

Заштита на егстистенцијалните права и зачувување на човечкото достоинство е целта на измените на Законот за извршување и Законот за прекршоци. Во таа насока се и измените на Законот за бесплатна правна помош, со цел давање пристап до правдата и квалитетно правично и фер судење на што е можно поголем број на граѓани. Во владина постапка е и Законот за извршување на санкциите кој треба да обезбеди ефикасен систем на менаџирање на казнено-поправните установи и подобрување на статусот на вработените во нив.

“Цел на правдата секогаш се човековите права. Тие им даваат моќ на индивидуите и наметнуваат основни стандарди за вршење на државните активности. Власта е легитимна додека ги штити човековите права! И таа битка за заштита на човековите права не е битка само на власта, ниту на активистите, политичарите, партиите. Во таа битка мора да сме сите заедно, рамо до рамо. И таа битка мора да ја водиме сите првенствено во средините во кои живееме, а потоа и на глобално. За тоа не треба да сме ниту политичари, ниту активисти за права на жените, за права на ЛГБТ заедницата, за права на маргинализираните групи. Доволно е да бидеме луѓе кои се свесни дека човековите права се наше суштинско обележје и дека гарантирањето еднакви права на другиот не значи намалување на нашите права“- потенцираше Дескоска.