Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија

Responsive image

Методија Димовски е роден на 16 јули 1966 година во Скопје.

Дипломира географски науки во 1989 година, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Природно математички факултет, а магистрира географски науки (хидрологија и климатологија), во 1994 година, на Универзитетот во Белград.

Димовски стапува на функцијата Генерален секретар на Владата, во април 2022 година.

Има повеќе од 20 години работно искуство во државната служба, од кои 15 години на високи раководни позиции, работејќи на институционален и организациски развој, градење на капацитети, управување со јавна служба и човечки ресурси, како и во областа на животната средина.

Својата кариера во јавниот сектор ја започнува во 1993 година во Министерството за урбанизам, градежништво и животна средина (подоцна Министерство за животна средина и просторно планирање), а во 1997 година е именуван за Помошник министер и Раководител на секторот за животна средина. Во текот на кариерата во Министерството, тој е одговорен за меѓународна и мултилатерална соработка и ја претставува институцијата во Работниот комитет за ЕУ интеграции, како и во работни тела за животна средина на Обединетите нации.

Од 2003 до 2010 година е Генерален секретар на Агенцијата за државни службеници, предводејќи ја реформата на јавната администрација и развојот на системот на човечки ресурси за повеќе од 60 институции од централната власт и за локалната самоуправа.

Во 2011 година работи во Министерството за економија, како Раководител на сектор за инспекциски надзор, во Државниот инспекторат за техничка инспекција, а од 2011 до 2012 година, во ОБСЕ – Мисијата во Скопје, како Национален офицер за реформа на јавната администрација.

Од 2013 до 2017 година работи како експерт/консултант на бројни проекти во земјата и во странство, за меѓународни организации, вклучувајќи ги Регионалниот центар за животна средина (Regional Environmental Center) од Будимпешта, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), Милиеуконтакт Македонија и други консултантски куќи.

Од 2017 до 2022 година е член на Инспекциски Совет задолжен за областа животна средина и заштита на здравјето на луѓето, каде покрај координација на работата на инспекциските служби, активно работи на унапредување на инспекцискиот надзор и дигитализација на работата, вклучувајќи развивање на платформите е-Обука и е-Инспектор.

Во текот на својата работна кариера учествува на бројни меѓународни конференции, конгреси, семинари и обуки,  во организација на еминентни мрежи и школи, како Програмата за иновации во јавна администрација во Евро-Медитеранскиот регион (InnovMed), Европската мрежа за јавната администрација (EUPAN), Француската национална школа за администрација (ENA), Американскиот институт за мир (US Institute of Peace), СИГМА, РеСПА, и други. Бил член на неколку управувачки комитети за спроведување на ИПА и други донаторски проекти од областа на јавната администрација и животната средина. 

Покрај мајчиниот македонски јазик, активно зборува англиски и српски/хрватски/босански јазик, а има основни познавања на албанскиот и францускиот јазик. 
Димовски е оженет и горд татко на две деца.