Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија

 

Мухамед Зеќири е роден во Скопје во 1979 година. Зеќири е дипломиран комуниколог. Студиите по комуникациски науки ги завршува на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Во Скопје има завршено основно училиште во “Лирија” и средно теолошко во медресата Иса Бег во Кондово. Зеќири е оженет и татко на ќерка, како и на две други од претходниот брак.

Зеќири беше пратеник во Собранието на Република Северна Македонија во периодот од 2016 до 2020 година и реизбран за пратеник и на последните парламентарни избори одржани во јули 2020 година. 

Тој е потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, прв Албанец во историјата на партијата кој ја презема оваа функција.

Зеќири кон Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се приклучува во септември 2016-та година како изградена личност и врвен професионалец добро познат на јавноста, кога по 18 години ја напушта својата дотогашна професија - новинарството - и својот личен интегритет го става во служба на посакуваното “Едно општество за сите”. 

Зеќири во септември 2016-та година станува член на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ. 

Последната година во новинарството (ноември 2015-септември 2016) ја минува во ТВ Шења како одговорен уредник на вестите на македонски јазик и водител на политичката дебатна емисија “Нов пат”.

Претходно Зеќири речиси една деценија, од самото основање на Алсат-М, е главен и одговорен уредник на информативната програма на првата двојазична телевизија на Балканот и според извештаите на релевантни меѓународни организации, вклучително и Извештајот на ЕК за напредокот на земјава од 2010, еден од ретките објективни медиуми во тоа време. 

За целиот период Зеќири е водител на политичката дебатна емисија “Патот кон”, која прерасна во препознатлив бренд на телевизијата, но и единствена можност за пошироката публика во земјава да чуе спротиставени мислења, како и критички ставови во однос на состојбите во земјата во тоа време. 

По конфликтот во 2001-ва година, па сè до 2006-та, Зеќири работи како дописник од Скопје за македонскиот сервис на Радио Слободна Европа. За време на вкупно едногодишниот престој во седиштето на РСЕ во Прага, Зеќири работи како уредник и спикер на вестите на македонски јазик. Во истиот период Зеќири е ангажиран и за емисијата “Еврозум”, во тоа време емитувана на ТВ Сител.

За време на конфликтот во земјава, во периодот 2000/2001-ва Зеќири работи како новинар во Канал 5 телевизија, воедно единствен новинар Албанец во македонски медиум во тоа време.

Од 1997-ма до 2000-тата Зеќири првите новинарски искуства ги стекнува како репортер и презентер на вестите на албански јазик во скопската телевизија Ера. Покрај тоа, во 1999-тата работи на специјални репортажи за бегалската криза емитувани на ТВ Ера и на повеќе регионални телевизии.