Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи

Потребата од дефинирање позиција Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи во Владата на Северна Македонија и за именување соодветно кадровско решение се исцрта после Самитот на лидери од земјите членки на иницијативата Отворен Балкан.

Имено, со дефинирањето на целите за развој на иницијативата и со зацртаните активности за имплементација на договорите потпишани меѓу трите земји се исцрта потребата од централна координација на активностите од македонската страна во рамки на иницијативата.

Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи го има следниве делокруг на работа, надлежности и одговорности:

  • Координација на ангажманите на Владата и минитерствата со кои Северна Македонија учествува во регионалната иницијатива Отворен Балкан со цел остварување бенефит за граѓаните од четирите европски слободи кои се однесуваат на движењето на добра, стоки, услуги и луѓе;
  • Координација на учеството на премиерот и други претставници на Владата на трилатералните и меѓународните активности на Отворен Балкан;
  • Организација на настани во рамки на иницијативата при кои Северна Македонија е домаќин или има централна улога;
  • Соработка со кабинетите на премиерите, претседателите, владите, министерствата од сите земји учеснички во иницијативата;
  • Координација на учеството на Северна Македонија во дефинирањето и реализацијата на комуникациските и промотивните активности со кои иницијативата добива домашна и меѓународна видливост;
  • Координација со домашните чинители од граѓанското општество, со стопанските комори, со меѓународните фондации и институти кои даваат поддршка на иницијативата;
  • Учество во развојот и натаму во работата на секретаријатот на инцијативата Отворен Балкан кој ќе го сочинуваат тимови од владите на трите земји;
  • Мониторинг, насочување и засилување на имплементацијата на обврските кои Северна Македонија ги има преземено од трилатералните меморандуми и договори во областите: заштита од катастрофи, слободен пристап до пазарот на трудот, интерконекција и меѓусебно препознавање на електронската идентификација на граѓаните од трите земји (Open Balkan ID), соработката на полето на ветеринарните и фитосанитарните контроли и безбедноста на храна;
  • Координација на ангажманите од македонска страна во развивањето регионални програми и проекти во областите култура, туризам, млади и друго;
  • Иницирање и координација на активности кои произлегуваат од други регионални билатерални, трилатерални и мултилатерални иницијативи;

Прочитајте повеќе за Отворен Балкан на следниот линк: vlada.mk/Otvoren-Balkan