Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи

Марјан Забрчанец е специјалист по односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање, со разновидно 20-годишно професионално искуство во граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор. Од август 2017 до февруари 2022 година раководeше со владиниот комуникациски сервис, ангажиран најпрво како посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, а потоа и како национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата. Денес е национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.

За време на неговиот ангажман во Владата ги координираше или ги надгледуваше јавните комуникации на најважните владини и политички случувања и достигнувања на Северна Македонија, како што се Договорот од Преспа, референдумот за Договорот од Преспа, посетата на Папата, европските интеграции, членството во НАТО, справувањето со КОВИД-19 пандемијата, како и основањето и развојот на иницијативата "Отворен Балкан".

Марјан беше ангажиран како ПР менаџер (2007-2010) во маркетинг и ПР агенцијата New Moment, а како претседател и извршен директор (2003-2007 и 2010-2014) раководеше со Младинскиот образовен форум (МОФ), една од водечките организации за млади во Македонија. Во 2017 година работеше и како специјалист за развој на капацитети на граѓански организации на проектот на УСАИД за граѓанско учество, во рамки на тимот на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Како независен консултант (2010-2016) има спроведувано десетици обуки и тренинзи за односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање за граѓански организации, заедници и институции, како и консултантства за проекти во областите граѓански активизам и медиуми. Меѓу поважните проекти на кои работел се политичката кампања „За живот во Македонија“, граѓанските акции „Заслужуваме подобро“ и „Граѓаните за Македонија“, основањето на Националниот младински совет на Македонија, основањето на првото младинско интернет Радио МОФ.

Своите експертизи и знаења во областа на комуникациите, почнувајќи од 2000 година ги има стекнато низ неформално образование, проекти, тренинзи, обуки и едукативни програми во земјата и странство. Професионалните стандарди во рамки на владината служба ги обезбедува и надградува низ менторства обезбедени од Комуникацискиот сервис на Владата на Велика Британија и од комуникациски експерти и консултанти во рамки на програмите на УСАИД.