Стојанче Ангелов, Национален координатор за воени и полициски ветерани

Роден е на 15 септември 1972 година во Штип каде што го завршува основното и средното образование.

Во 1991 година се запишува на Факултетот за безбедност во Скопје.

Во 1994 година служи воен рок во редовите на Воената полиција на АРМ во Скопје.

Во 1995 година започнува да работи во Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешни работи Штип.

Во март 1996 година продолжува да работи во полициската Единица за специјални задачи “Тигар“ во Скопје, најпрво како полицаец, потоа како командир на одделение и командир на вод, завршувајки различни видови на основни, напредни и специјалистички обуки, учествувајки во мнoгубројните специфични задачи кои во тој период ги извршува оваа Единица.

На почетокот на воениот конфликт во 2001 година назначен е за командант во Посебните единици на полицијата, а во јуни истата година е вратен назад во Единицата за специјални задачи “Тигар“ како Заменик командант. Во овој период активно учествува во вооружените дејствија за одбрана на државата во тетовскиот, кумановско-липковскиот и скопскиот регион. Тешко е ранет во борбите во Арачиново во јуни 2001-та.

Во август 2001-та го осмислува, планира и раководи проектот “Биди Тигар“ кој се состои од агресивна јавна кампања за привлекување на кандидати за прием во Единицата, сурова предселекција и селекција на пријавените кандидати, како и врвна, основна и напредна, воено-полициска обука работена по примерот на најдобрите специјални единици во светот.

Во јануари 2002 година Ангелов вонредно е унапреден во тогашниот полициски чин, генерал-мајор. Во ноември истата година, по промената на власта во државата, без покренување на било каква постапка или утврдување на било каква вина, без да му се одземе чинот генерал, поради политиката на тогашната Влада, професионално е деградиран од Заменик командант на Единицата за специјални задачи во Помлад инспектор за имотни деликти и до април 2011 година работи како оперативец во организационите единици на МВР во полициската станица Карпош.

Во 2007 година го основа Здружението на припадници на безбедносните сили “Достоинство“ со основна цел за решавање на проблемите и остварување на правата на припадниците на безбедносните сили, популарно наречени “бранители“, кои учествуваа во одбраната на државата во 2001 година, со посебен осврт на воените инвалиди и на семејствата на загинатите бранители.

Во 2008 година “Достоинство“ изработува Предлог Закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили и за членовите на нивните семејства.

Во една масовна граѓанска иницијатива на територијата на целата држава собира повеќе од 30.000 граѓански потписи и го внесува Предлог Законот во собраниска процедура, но пратениците од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ гласаат воздржано, поради што Предлог Законот и покрај поддршката на СДСМ, не го добива потребното мнозинство.

Во април 2011 година го напушта Министерството за внатрешни работи и ја формира и застанува на чело на политичката партија “Достоинство“, чиј претседател останува до денес. На парламентарните избори во јуни 2011 година “Достоинство“ освојува околу 9.000 гласови.

Во јануари 2012 година ја напушта Македонија и заминува да работи антипиратска заштита на бродови во високоризичните области околу брегот на Сомалија и во Индискиот океан.

По т.н. “Црн петок“ на 24 декември 2012 година активно учествува во т.н. “Отпор“ на опозицијата и е еден од главните говорници на протестните собири и маршеви низ целата држава. По објавувањето на политичките “бомби“ од страна на новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, Ангелов организира двомесечни протести пред МРТВ на кои се мобилизираат неколку илјади граѓани и кои се своевиден предвесник на Шарената револуција. Борбата за егзистенција на неговото семејство го принудува да замине надвор од Македонија, овојпат во Ирак, каде со повремени прекини останува околу две години работејки во приватни компании како заменик лидер и лидер на тим за мобилно обезбедување на ВИП личности (PSD).

Во ноември 2016 година се враќа во Македонија и заедно со Љубчо Георгиевски и Љубе Бошковски ја формираат коалицијата “ВМРО за Македонија“ со која на парламентарните избори во декември истата година освојуваат 25.500 гласови. Ангелов е носител на листа во третата изборна единица.

По формирањето на владата предводена од премиерот Зоран Заев, во август 2017 се враќа во Министерството за внатрешни работи како Државен советник за полициски и криминалистички работи во кабинетот на министерот Оливер Спасовски.

Во јули 2018 го напушта МВР и почнува да работи како Советник за безбедност на системи и уреди во М-НАВ. Истиот месец од страна на Владата е именуван за Национален координатор за воени и полициски ветерани.

Покрај Факултетот за безбедност каде се стекнува со стручен назив Дипломиран криминалист има завршено и разновидни тренинзи, курсеви и обуки.

Во текот на средношколските денови во Аеро клубот во Штип завршува падобранска и едриличарска обука. Покрај црниот појас од карате клубот „Македонка“ од Штип, долго време вежба кик бокс, самоодбрана и џудо.

Во Единицата за специјални задачи “Тигар“, со наши и странски инструктори, завршува различни видови на воени и полициски, напредни и специјалистички обуки, карактеристични за т.н. SWAT Team (special weapons and tactics team) како што се антитерористичка обука, решавање на заложничка ситуација со упад во објект, авион, воз и автобус, напад на возило, апсења на опасни лица, итн. Покрај овие поседува и различни сертификати за други завршени курсеви и обуки.

Активно го користи англискиот и српскиот јазик. Оженет е со Јасминка Ангелова и е татко на три деца.