Комуникациска стратегија на Владата за 2019 / 2020

Ова е првиот усвоен План за комуникации на Владата на Република Северна Македонија. Изготвен е со цел да им помогне на владините комуникатори подобро да ги разберат владините приоритети за периодот 2019-2020 година и поефикасно да ги пренесат визиите и плановите на Владата кон граѓаните.

Уште поважно, Планот е поткрепен со професионални и етички стандарди за владините комуникации и со вештини коишто треба да ги поседуваат владините службеници коишто работат во делот на комуникациите.

[ Преземи публикација МКД - PDF, 52 страници - 6mb ]

[ Преземи публикација АЛБ - PDF, 52 страници - 6mb ]

[ Преземи публикација АНГ - PDF, 52 страници - 6mb ]

Воведен збор


Роберт Поповски
Министер без ресор, задолжен за комуникации,
​​​транспарентност и отчетност

Почитувани граѓани, колеги министри од Владата, драги советници и службеници за односи со јавност,

Владата на Република Северна Македонија иницираше и спроведува амбициозна програма за политички и демократски реформи за да ја врати довербата на граѓаните во институциите на системот. За да се гради таа доверба, неопходно е институциите да комуницираат искрено, објективно и навремено со граѓаните и со претставниците на медиумите.

Ние, како централна извршна институција, се заложивме дека во својата работа, а особено во сферата на комуникациите, ќе бидеме отворена влада. Така почнавме уште од првиот ден, кога ширум ги отворивме портите на Владата за новинарите, снимателите и фоторепортерите, така и продолжуваме, со секојдневно објавување податоци, документи и информации од интерес на јавноста.

Оваа влада се определи за гласност, а не за молк. Гласност треба да има, и ние сме горди што учествувавме во создавањето на тој амбиент. Гласноста им овозможува на професионалните и независни медиуми да го изразат ставот на граѓаните и интересот на јавноста во една демократска држава. А оваа отворена и демократска влада го слуша гласот на своите граѓани за да се подобрува и да остане доследна на зацртаните приоритети.

Затоа, политиките на Владата преку овој комуникациски план ги доближуваме до граѓаните. Развиваме проактивни владини комуникации, при што заедно со граѓаните, придонесуваме кон изградбата на Северна Македонија како земја којашто е дел од глобалниот демократски свет, со силна економија којашто нуди шанса за секој граѓанин, држава којашто се грижи и вложува во своите луѓе, праведно и еднакво општество, земја предводена од отворена влада.

Денес сум среќен и горд што сите можеме да се потпреме врз овој стратешки документ во којшто дефинираме стандарди на отворената комуникација меѓу Владата и јавноста. Развивме демократски систем за односи со јавноста, целосно нов концепт за активна транспарентност и отчетност на владините институции кон граѓаните, како и нова култура на критичка и слободна јавна дискусија во медиумскиот етер. Тоа е слобода и демократија.

За крај на ова мое воведно обраќање за Комуникациската стратегија на Владата, на сите граѓани им посакувам да останат посветени во придонесот кон градењето заедничко демократско и фер општество, а на колегите од Владата им се заблагодарувам за трудот и посветеноста во отворањето на институциите и им порачувам дека нѐ чека уште многу ангажман, бидејќи тоа го бараат и очекуваат граѓаните. Исто така, им се заблагодарувам на Владата на Обединетото Кралство, на УСАИД и на Институтот за комуникациски студии за поддршката во создавањето на овој стратешки документ и во градењето професионален комуникациски сервис на Владата.

Роберт Поповски
Министер без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност во Владата на Република Северна Македонија

Извршно резиме


Марјан Забрчанец
Посебен советник за односи со јавноста
на Претседателот на Владата

Почитувани граѓани, почитувани колеги,

Пред вас е документ којшто е резултат на речиси двегодишен ангажман и соработка на владините службеници за односи со јавноста кои, во согласност со определбата на Владата да биде отворена, се вложија во создавањето систем за владини комуникации, којшто е организиран и пред сѐ, е демократски и сервисен.

Денес, граѓаните, во нивна служба и во служба на јавниот интерес, имаат владин прес-сервис, составен од секторите за односи со јавност на Владата и на министерствата, чија основна задача е да одговара на прашањата на медиумите, да ги објаснува мерките и политиките од Програмата за работа на Владата, да ја обезбеди отчетноста на институциите и да го подобрува угледот на Северна Македонија надвор од границите на земјата.

Овој концепт за отвореност и сервисна ориентираност на ПР-от на Владата не беше наследен, ниту можеше да се најде низ институционалните протоколи за работата на Владата до 2017 година. Го изградивме од темел, со голема поддршка од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и со подготвеност и посветеност на министрите и на владините комуникатори.

Гласот на јавноста многу ни помогна за да изградиме комуникациски капацитети кои се темелат врз демократски вредности, како што се разбирањето на критиката, отчетноста, услужноста и слободата. Се вмреживме внатрешно за да постигнеме прецизна организациска поставеност, којашто е опишана во овој документ. Развивме план за професионален развој, стандарди за комуникации од јавен интерес и кодекс за владини комуникатори. Според овие стандарди, владините односи со јавноста, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање.

Во нашата работа ние се водиме од јавниот интерес и од нашата визија да обезбедиме високо ниво на доверба меѓу граѓаните и институциите. Притоа, најголема пречка на патот кон достигнувањето на посакуваната доверба се дезинформациите и организираното создавање и ширење манипулации. Ние сме целосно свесни за овие предизвици и ќе го вложиме сиот капацитет на нашиот организиран систем да се спротивставиме и да ја намалиме штетата која лажните вести ја предизвикуваат врз јавниот интерес.

На сите колеги им посакуваме професионалност и успех во работата, а пред граѓаните се обврзуваме дека Владата ќе ја отвораме уште повеќе, во согласност со нивните очекувања.
 
Марјан Забрчанец
Посебен советник за односи со јавноста на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија

План за комуникации во 5 теми

Планот за комуникации содржи пет главни теми, врз кои се темелат владините политики:

1. Ние сме НАТО - Одиме во ЕУ

2. Силна економија - Шанса за сите

3. Држава за граѓаните - Вложуваме во луѓето, се грижиме

4. Едно општество - Правично и еднакво

5. Отворена Влада - Во служба на граѓаните

Оваа Стратегија е само почетна точка и нејзината реализација ќе зависи како од владините комуникатори, така и од сите реализатори на владините политики и сите службеници коишто се во контакт со граѓаните. Во развојот на овој документ Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија тесно соработуваше со комуникаторите во секое министерство, а приоритетите, целите и задачите наведени во документот се производ на заедничката меѓуресорска работа.

Систем за комуникации на Владата на Република Северна Македонија

Кои се нашите цели, функции и како сме организирани?

Визија

Северна Македонија е општество во коешто комуникациите на институциите се целосно посветени на јавниот интерес и во коешто постои високо ниво на доверба меѓу граѓаните и институциите.

Мисија

Точно, јасно и навремено информирање на сите граѓани преку различни канали на комуникација за услугите и политиките на Владата и воспоставување механизми за двонасочна комуникација меѓу граѓаните и институциите.
 
Основни функции на комуникацискиот сервис:

  • Да обезбеди постојана проактивна и реактивна комуникација со медиумите
  • Да ги доближи приоритетите и политиките на Владата до граѓаните
  • Да ги информира граѓаните за сервисите коишто ги обезбедуваат институциите за нив
  • Да спроведува кампањи за јавно добро и од јавен интерес со коишто се промовираат вредности, мерки и сервиси за поквалитетен живот на граѓаните
  • Да го информира населението во случај на кризи, несреќи и катастрофи
  • Да обезбеди активна транспарентност и отчетност за работата на институциите
  • Да го подобрува угледот на земјата надвор од своите граници
  • Да обезбеди внатрешна комуникација на институциите со државните службеници
  • Да обезбеди редовен контакт со граѓаните (електронска, писмена и вербална комуникација)

Во секторот постојат помали одделенија коишто ги извршуваат наведените функции, вклучувајќи:

  • Канцеларија на портпарол за комуникација со медиуми, одговори на прашања од јавен интерес и организација и модерирање на прес-конференции;
  • Прес служба за пишување најави, соопштенија, тези, предлог изјави и обраќања;
  • Одделение за дигитални комуникации коешто обезбедува активна транспарентност на Владата преку онлајн комуникации и управува со веб-страницата и профилите на социјалните медиуми на Владата;
  • Тим за продукција, за техничка поддршка во организација на активности и продукција на фотографии и видео материјали;
  • Одделение за мониторинг на традиционални и нови медиуми, тим за истражување и анализи, лица задолжени за организација на настани и процеси како и лица за административна и логистичка поддршка.

Овие тимови имаат координатори, коишто го сочинуваат координативното тело за стратешко планирање на проактивни и реактивни комуникации на Владата.

Професионализација на комуникациите во 2019 и 2020 година

Владините комуникатори имаат важна улога во информирањето на јавноста за работењето и приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. Со соодветни ресурси и вештини, владините комуникации можат да направат многу повеќе - да го подобруваат животот на граѓаните, да ја градат економијата, да ги заштитуваат ранливите и да ја промовираат Северна Македонија во странство.

Ние сме посветени на исполнувањето на нашата визија, да постигнеме високо ниво на доверба меѓу граѓаните и институциите, а тоа го правиме преку градење и ангажирање на заедница од вешти, информирани и професионални владини комуникатори.
 
Во годината пред нас, ние исто така, ќе ставиме акцент и врз следните развојни компоненти:

  • Подигнување на нивото на професионални компетенции коишто ги поседуваат лицата вработени како владини комуникатори преку соодветни обуки за воспоставување заеднички нивоа на комуникациско знаење и искуство кај сите владини комуникатори
  • Ажурирање на комуникациските структури и процеси на ниво на владата и министерствата, за да се гарантира одржливост, објективност и ефикасност на комуникациските функции, како и да се воспостави доследност помеѓу тимовите
  • Унапредување на протоколот за „кризни комуникации“ со којшто Владата ќе комуницира со своите граѓани на ефикасен, ефективен и транспарентен начин во време на криза
  • Развој на нашите капацитети за идентификување и справување со лажните вести и дезинформациите
  • Развој на систем за внатрешна комуникација низ државната администрација со цел заедничко разбирање на владините политики

Дополнителни ресурси