Бујар Османи

Функција: 
Министер за надворешни работи
Фејсбук страница: 
Твитер профил: 
Инстаграм профил: 
Биографија: 

 

Бујар Османи е роден на 11 септември 1979 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство, во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 г. е докторанд на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторирал во јули 2018 година.

Работното искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен за министер за здравство на Република Македонија и таа должност ја извршува се’ до 2011 година. 

Од 2011 година работи како специјалист хирург на Универзитетската Клиника за дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 г. е назначен за секретар за комуникација со јавноста при претседателството на Демократската унија за интеграција. 

Од јуни 2017 година е назначен за заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања.  Во текот на овој мандат Република Северна Македонија оствари сериозен напредок во европските интеграции: земјата премина во втора фаза во процесот на стабилизација и асоцијација. Стана членка на Јадранско-јонската инцијатива, а клучна придобивка претставува одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија. 

Како предводник на Секретаријатот за европски прашања, Османи е воедно и Национален координатор за распределба на странска помош и ИПА фондовите во земјата. Под негово водство  беше подобрена апсорпцијата на ИПА средствата од Европската Унија, а значајно беше унапредена соработката во рамките на билатералната помош. 

Од јули 2018 година е назначен за шеф на државната делегација и главен преговарач со Европската Унија, под чија палка беше започнат, се водеше, и успешно беше завршен процесот на објаснувачки скрининг со Европската Унија. 

Како вицепремиер, Османи од страна на Владата е задолжен за координација на повеќе проекти, меѓу кои како најуспешни се сметаат целосната реализацијата на проектот - Граничен премин Белановце – Станчиќ, како и целосното заокружување на подготовката за старт на автопатот Скопје – Блаце. 

За време на кризата со КОВИД 19, Османи е постојан член на Владиниот кризен штаб, и е назначен за Главен координатор на локалните кризни штабови и кризниот штаб на градот Скопје. 

Бујар Османи е оженет и е татко на две деца. Зборува албански, македонски, англиски и француски јазик.