Наќе Чулев

Функција: 
Министер за внатрешни работи
Фејсбук страница: 
Биографија: 

Дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје и е запишан на постдипломски студии по мир и развој на Институтот за одбранбени и мировни студии, при Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Претходно има завршено Воздухопловна техничка академија во Рајловац, Босна и Херцеговина и воена гимназија во главниот град на Србија, Белград.

Својата професионална кариера ја започнува во 1997 кога хонорарно работи како асистент на програмски координатор во Балканскиот центар за мир на Филозофскиот факултет во Скопје до 1998. Од јуни 1999 до мај 2003 година е вработен во Дирекцијата за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање како оперативен разузнавач.

Во периодот, од мај 2003 до јуни 2007 година како претставник на Агенцијата за разузнавање, работи како Прв секретар во Амбасадата на Република Македонија во Анкара, Турција, по што до март 2011 година е советник во Дирекцијата за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање.

Кариерата ја продолжува во Агенцијата за разузнавање, каде бил директор од март 2011 до март 2012 година, в.д. директор на истата Агенција од март 2012 до март 2013 година и повторно директор во мандат од март 2013 до март 2017 година.

Од март 2017 до јуни 2019 година, бил помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање.

До изборот за министер за внатрешни работи во преодната Влада на Република Северна Македонија работи како советник во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и транснационален организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Во 2016 и 2017 година бил предавач по „Разузнавање и дипломатија“ на Дипломатската академија на Министерството за надворешни работ и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во периодот од 1998 до 2003 година има учествувал на повеќе меѓународни тренинзи, курсеви и обуки од областа на разузнавање, контраразузнавање, оперативна и стратешка анализа, криптографија, справување со терористички и други форми на безбедносни закани, финансирање на тероризам, меѓународна разузнавачка и безбедносна соработка, оперативно и стратешко менаџирање и лидерство, хибридни закани, организирани од партнерски разузнавачко-безбедносни служби и активно учествувал на меѓународни разузнавачки и безбедносни конференции и форуми.

Чулев е оженет и татко на две деца.