ОУ „Гоце Делчев“ во село Љубанци доби спортска сала
Во Основното училиште „Гоце Делчев“ во село Љубанци во општина Бутел денеска е пуштена во употреба спортска сала, инвестиција од 10 милиони денари, обезбедени од државниот Буџет.
- ОУ „Гоце Делчев“ е едно од најстарите училишта во Македонија во кое немаше спортска сала. Оваа е прва сала од овој вид во регионот на Скопска Црна Гора во Општина Бутел, а севкупно четврта спортска сала која Владата ја изгради во оваа општина, рече на свеченоста премиерот Никола Груевски.
Годинава, најави, ќе почне изградбата на уште 10 спортски сали низ државава. Досега, како што рече, се изградени 77 спортски сали, од кои 33 големи преку Агенцијата за млади и спорт, а 44 поголеми сали преку Министерството за образование и наука. Во тек е и изградбата на уште 18 спортски сали.
- Веќе следната година бројот на изградени спортски сали ќе изнесува над 100. Ова го ветивме на изборите, беше барање на граѓаните, а ќе биде од корист и на учениците кои сакаат да спортуваат и оние кои сакаат тука да работат, да тренираат, изјави Груевски.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека училиштето „Гоце Делчев“ во Љубанци, кое е изградено пред повеќе од 100 години, добива нов спортски објект на површина од 385 метри квадратни кој ги исполнува сите инфраструктурни стандарди за квалитет и функционалност.
- Со објектот на сегашните и идните генерации првенствено им се овозможуваат нормални услови за реализирање на часовите по предметот физичко и здравствено образование, како и за спортување и рекреација. Освен теренот и санитариите, со состав на салата е оформена и галерија, како и две канцелариски простории за професорите, информира Ристовски.