Груевски:Преодна Влада можно и остварливо, но без ВМРО-ДПМНЕ
Барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо. Но, без ВМРО-ДПМНЕ во нејзе. Ние сме сметале и секогаш ќе сметаме дека народот е тој кој дава мандат и легитимитет на избори и дека народот бира кој ќе формира влада а кој не, истакна премиерот Никола Груевски на денешната трибина во СЦ „Борис Трајковски“.
Со формирање на преодна влада, додаде тој, се отвора простор за сериозен преседан, кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите.
- Кога сме кај големите прашања, ние имаме јасен и дециден став и не ни треба преодна влада за да ни држи страв или за да креира решенија кои ќе треба на сила да се истуркаат. Нашиот став е објавен во нашата програма: ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено од страна на политичари поединци, Влада или Собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можно решение, потенцираше Груевски.
Од денешниот собир одговори на барањата на опозицијата за преодна влада и оставки на обвинителот и раководството на МРТВ, но исто така потенцираше дека аферата прислушување треба и ќе заврши со правна постапка согласно законите во Македонија.
- Најважно за нашиот народ е прашањето како сето ова ќе заврши. Ќе заврши со правна постапка согласно законите во Македонија, правна постапка за секој за кој има сомневања и докази дека го прекршил законот, и за кој институциите на системот за кои ме радува што побараа и меѓународен мониторинг, а тоа и ние го поддржуваме, ќе ценат за што какви докази постојат и совесно и самостојно ќе одлучуваат, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Повтори дека партијата е подготвена за дијалог на принципиелни основи согласно досега јавно изнесените позиции.
- Ние сакаме и немаме никакви резерви да дискутираме за прашањата кои опозицијата ги отвора, за прашања кои се од интерес на граѓаните, изборите, медиумите и слично, но условувања и уцени тоа никогаш нема да прифатиме, посебно затоа што знаеме што стои зад тоа, и што се крие зад сето тоа, истакна Груевски.
Изрази убедување дека сегашниот јавен обвинител се однесува според законот. Според него, обвинителството има такви докази против лидерот на опозицијата Зоран Заев, што кој и да е обвинител ќе му биде непријатно кога ќе ги види.
- Од друга страна, ние сме подготвени за сите работи за кои постојат сомневања, а се однесуваат на наши членови или раководни лица, да бидеме максимално кооперативни и да го почитуваме законот, рече Груевски. Времето, како што кажа, ќе искристализира многу работи, ќе падне маглата посејана од лажните обвинувања, од драматуршките воведи на прес-конференциите и настаните на опозицијата кои даваат контекст на случувањата и ќе се види целата вистина.
Во врска со барањето за смена на директорот на МТВ, Груевски вели дека „главна фигура во државата стана директорот на МТВ“ и оти сега тоа е проблем зошто нема демократија во државата.
- Си викам Бранко порано барем поубедливи услови и барања поставуваше, некако попаметно сето тоа изгледаше. Туку ај да не го спомнуваме, ќе треба СДСМ потоа да му се извинува повторно, па Жерновски да објаснува како без него немало да победи. Ги гледавте завчера нели. Многу непријатно. Просто срам да те фати вака од што гледаш. Им се испуштило, не го исекле како што треба, па толку се уплашени од Бранко што дури и признаа дека ги сечат материјалите што ги пласираат во јавност, што е сериозен скандал сам по себе. Ама стравот им бил поголем. Си рекле остај подобро дополнително да се избрукаме и да признаеме дека сечеме и монтираме, отколку БЦ да се поднаљути. А тој кога ќе се поднаљути, опасен е, па може да почне да потсетува за секој од нивното сегашно раководство, да почне да вади материјали, да потсети дека Верушевски прво за него работеше. Значи многу незгоден. И овие си се повлекоа, си поплукаа по себе и веднаш престројување во битката против диктатурата, рече Груевски.
Во својот говор, Груевски го обвини Заев дека е директно инволвиран во активности кои имаат за цел дестабилизација на државата и оти одработува агенда која не ја разбира.
- Го гледате ли каков израз има на лицето, човекот е во грч, со лажна насмевка, се сили, се удира во гради, се обидува себе си да се убеди дека е апсолутен морален суд, Бог кој ќе каже што е добро што е лошо, што ќе се објави во јавност, што не, чија судбина ќе се загорчи, кого ќе стави на тапет, а кого не, кај кого ќе исече нешто, кај кого не... И нормално на крај тој пресудува јавно, што е по закон а што не е. Се само заради една работа. Тоа е токму работата заради која е таргетиран од тие што се инспиратори на сето ова, од тие што го смислиле ова. Неговата алчност за власт, пари и моќ, и неговиот очај да покаже пред неговите членови одговор зошто народот не го бира, немајќи капацитет во себе да ја види грешката, да направи понуда, програма, да одбере добар кадар со кој ќе биде конкурентен на избори, па народот да го одбере. Во цел овој налет во кој се наоѓа и во оваа негова специфична психолошка состојба во која е, тој се чини и како самиот да заборава кој е всушност. Тој е човек кој брутално ја злоупотребува својата положба во општината за да стекне пари и богатство. Човек кој самиот тврди дека во наше време заработил тој и неговата фамилија 12 милиони евра, рече Груевски.
Праша како тој заработил толку пари кога нема слобода и демократија. Пробува, вели тој, граѓаните да заборават која е Шекеринска, и кои се другите нивни соработници, кои беа на разни функции во едно многу мрачно време за македонската држава. - Денес го гледам уплашен до даска од денешниот наш собир побрзал порано да одржи прес - конференција. Тоа говори за него. За неговиот страв дека е фатен жив во многу работи, дека има непобитни докази за тоа кој е Зоран Заев и што тој прави. Но и страв дека веќе опаѓа вниманието од неговите теми, рече Груевски пред преполната сала.
За тоа дека во Македонија нема слобода и демократија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, праша каде во светот може човек како Заев, со сиот свој багаж да излегува редовно на прес - конференции, и да плука што сака и кон кого сака со нелегално стекнати креирани материјали за кој самиот тврдеше дека се од странска разузнавачка служба.
- Прочитајте ги и слушнете ги нападите, навредите, местенките на нивните медиуми, кои директно ги финансираат. Замислете се жали дека нема слобода на медиуми, а во пет дена три пати настапува на национални телевизии, рече Груевски, посочувајќи дека Заев одел на тие интервјуа за да се поправа себе си, но оти од интервју на интервју се повеќе се дозакопува и се поочигледни стануваат неговите лаги.
Обвини дека во медиумите кои се под контрола на СДСМ, како што рече, се води хајка против ВМРО-ДПМНЕ. - Овие слободните и професионалните што примаат пари од разни фондови и фондации, ги знаеме сите.Замислете точно 22 медиуми говорат дека нема слобода. Па нели самото тоа само по себе е чудна ситуација, рече Груевски.
Смета дека меѓу следните теми на опозицијата ќе бидат меѓуетничките односи. - Мора да сме мирни и да не потпаѓаме на провокации. Тоа е крајна цел. Тие нема да добијат македонско - македонски конфликт, па ќе пробаат нешто друго. Но нема да дозволиме, порача тој.
Груевски потенцира дека е лажна претставата дека ова е битка за живот или смрт. - Така сакаат нашите опоненти да изгледа. Се зависи од сите нас, секој еден граѓанин и од еден миг на одлука во нашите срца. Таа одлука ќе ја запре оваа психоза која сакаат да ја рашират меѓу народот. Ќе ја запре лажната неизвесност која сакаат да ја креираат. Тоа е одлуката да се вратиме на реалните потреби и проблеми во државата, да бараме решенија како нашите граѓани да имаат подобар и поквалитетен живот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ
На членството на СДСМ и на сите оние кај кои има некаква неизвесност им порача дека ги разбира, ги слуша и прифаќа нивните критики. - Нема да дозволам да не закрват, по ниедна цена тоа нема да се случи. Инспираторите тоа го сакаат. ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи. Во името на се она во што верува, во името на идеалите на историското ВМРО кое е на сите наши граѓани патриоти нема да дозволиме да не закрват и испровоцираат, истакна првиот човек на владејачката партија.
Нема да дозволиме, потенцираше Груевски, да се замрзнат вработувањата, инвестициите, сите проекти.
Им порача на граѓаните да не молчат и да не паѓаат во агонија, туку да разговараат и да ги споделуваат целите за повеќе работни места, добра инфраструктура, подобро образование, подобро здравство, повеќе пари за земјоделците, пензионерите, администрацијата, повеќе можности за невработените, поквалитетни услови за студентите.
- Ве повикувам сите - Станете Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, и сите останати. Станете на нозе, не чека поход, од град во град, не чека многу работа, многу нови проекти, многу нови моменти за гордост.Кренете глава и да покажеме сите дека Македонија е многу повеќе од она што сакаат да ја направат, многу поголема од ситните интереси на одредени лица и структури, многу посилна од разни сценарија и туѓи агенди, истакна Груевски.
На трибината се обрати и Јохан Тарчуловски кој ги повика граѓаните со, како што рече, конкретни дела да работат за подобро утре на татковината.
- Како патриоти да ја водиме нашата битка за подобра Македонија, со дела и чест. Тоа е обврска за секој кој е патриот и кој си ја сака татковината. Бидејќи друга татковина немаме. Делата со кои треба да се бориме за Македонија се обезбедување работа на нашите сограѓани, кои се невработени, градење патишта, училишта и болници. Тоа се делата со кои ќе им помагаме на македонските семејства, патриотите се искрена и чесна мисла, работат за доброто на државата, за доброто на својот народ и сите граѓани, истакна Тарчуловски..
Во животот, нагласи, постојат моменти кога е потребно заедништво и слога, кога е потребно да бидеме еден покрај друг во интерес на државата.
- Нас ни е доста од поделби и црни сценарија. Овој народ сака светла иднина, а не мрачни сценарија. Потребно е да сме мирни и силни и да не дозволиме провокации, да го чуваме мирот и соживотот со нашите сограѓани, без разлика на верска, етничка и политичка припадност. Ова е наша држава и не смееме да дозволиме да не раскараат. Мора да сме силни, стабилни и достоинствени и со гордост да го браниме нашето наследство, да ја браниме нашата Македонија сплотени. Секоја победа на Македонија е победа за секој од нас, нагласи Тарчуловски.
Режисерот и член на ВМРО - ДПМНЕ Љубиша Георгиевски им порача на граѓаните да не се препуштат на културата на омразата, опозицијата да се врати во Парламентот, а Владата да продолжи да ги реализира ветените проекти без никакви пречки.
- Значи да не се препуштаме на омразата, да не се мразиме, оти целта на нашите непријатели е да се замразиме. На Македонија под итно и треба опозиција, но не опозиција која ќе служи за мајтап, туку вистинска опозиција од која што ние на власт ќе ги прифаќаме нивните предлози со која што ќе може достојно да се бориме. Опозицијата да се врати во Парламентот. Сега е во мода да се бара политичка разрешница. Како во цела Европа, сите политички разрешници во сите држави цивилизирани се наоѓаат во Парламентот, не може на улици, не може по кафани, не може по митинзи, истакна Георгиевски.
Тој побара, како што рече, да не се прави комунистичка контрареволуција со негирање фер избори. - Ако едните избори не се признаат, следниот пат другите што ќе загубат ќе ги прогласат за нефер избори. На тој начин ќе се уништат изборите слободни како нешто што е основа на секоја демократија и ќе се воведе тоталитаризам. Значи ова што го прават тие тоа е контра револуција, тоталитарна, додаде Георгиевски.