Програма за културна соработка меѓу Македонија и Албанија за 2015-2020
Министрите за култура на Македонија и Албанија, Елизабета Канческа-Милевска и Мирела Кумбаро, вчера во Тирана потпишаа Програма за соработка во областа на културата меѓу министерствата на двете земји, за периодот 2015-2020 година.
Како што соопшти Министерството за култура, Канческа-Милевска и Кумбаро изразиле задоволство од односите во областа на културата и се согласиле дека со потпишувањето на Програмата за културна соработка се отвораат многу нови можности за размена на проекти меѓу институциите.
- На средбата стана збор и за развивање конкретни заеднички проекти од областа на културното наследство и прекуграничната соработка коишто би можеле да се понудат за финансирање од ИПА-фондови во рамките на актуелната финансиска помош од Европската унија. Исто така, беше договорено во наредниот период да биде формирана и заедничка експертска група за реставрација и конципирање на впечатлива етнолошка поставка во Музејот на албанската азбука во Битола, каде што е презентиран значаен сегмент од албанската историја, соопшти Министерството за култура.
На средбата, на која присуствувал и државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи, двете министерки се договориле и за поголема поддршка на културните активности на Македонците кои живеат во Република Албанија.
- Канческа-Милевска на својата албанска колешка и го презентираше и проектот за поддршка на странски издавачи и ја истакна важноста од преведувањето на значајни македонски дела кои би се нашле пред читателската публика во Република Албанија. Министерката за култура ја акценираше и соработката меѓу двете земји во областа на издавачката дејност и потсети дека издавачи од Македонија традиционално се претставуваат на Меѓународниот саем на книгата во Тирана, информира ресорното Министерство.
Канческа-Милевска ја запознала Кумбаро и со многубројните инвестиции на Владата на Република Македонија во областа на културата, меѓу кои и проектот за реконструкција на Албанскиот театар во Скопје, чие целосно завршување се очекува до крајот на годинава.
- На средбата беше нагласена и добрата соработка меѓу институциите од областа на културата во две земји, особено меѓу Агенцијата за филм на Република Македонија и Националниот филмски центар во Албанија, кои имаат континуирани активности во насока на размена на искуства, знаења и практики кои придонесуваат за развој на филмската дејност. Во наредниот период се планира и продолжување на соработката меѓу двете земји за копродуцирање преку принципот на реципроцитет, се наведува во соопштението на Министерството за култура.