Министерот Попоски на состанок на НАТО во Турција
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес во Анталија, Турција учествуваше на редовниот Министерски состанок на Северно – атлантскиот Совет на НАТО во формат “Решителна поддршка’’.
На состанокот со кој претседаваше г-нот Столтенберг, министерот Попоски ги запозна министрите на НАТО членките и партнерите со најновите безбедносни предизвици со кој беше соочена земјата во изминатиот викенд. Тој информира за превземената акција на полицијата кои превенираа сериозен и координиран терористички акт против државните институции и цивилните цели на Република Македонија, при што беше предизвикана ненадоместлива загуба на животите на осум полицајци.
Министерот Попоски му се заблагодари на ГС на НАТО и неговите колеги од Алијансата за изразените пораки на сочувство кои тие ги упатија до семејствата на загинатите и повредените во текот на неодамнешниот терористички напад.
Министрите за надворешни работи на земјите кои учествуваат во мисијата “Решителна поддршка’’, разговараа за политичко безбедносната состојба во Авганистан и улогата на НАТО Алијансата и нејзините партнери во обезбедување на сигурна и просперитетна иднина на земјата и регионот.
Во своето обраќање на состанокот, МНР Попоски истакна дека мисијата “Решителна поддршка“ претставува нова фаза во поддршката на НАТО за авганистанските безбедносни сили, кои успешно ја имаат преземено одговорноста за борбените операции во нивната земја. Притоа, тој ја нагласи нашата подготвеност за понатамошна поддршка на НАТО во меѓународните мировни операции и посебно во мисијата “Решителна поддршка“, со цел градење на стабилна и безбедна иднина за Авганистан и регионот. Тој изјави дека само преку политичка солидарност помеѓу нациите, како и решителноста кај сите страни да промовираат мир и демократија, ваквиот успех е возможен.
На маргините на состанокот министерот Попоски оствари повеќе билатерални средби со колегите министри за надворешна политика.
Членството во НАТО и последиците од повеќегодишната блокада беа во фокусот на разговорите.