Промовиран проект за енергетска ефикасност во индустријата

 

Подобрување на енергетските, економските и еколошките перформанси на македонскиот индустриски сектор е целта на проектот „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“ чие започнување денеска офцијално беше означено во Скопје.

Проектот се спроведува од УНИДО во соработка со Регионалниот центар за животна средина-канцеларија во Македонија (РЕЦ). Наменет е меѓу другите и за Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенција за енергетика и Македонска банка за поддршка и развој. Ќе се реализира со директна финансиска помош од програмата ГЕФ (Global Environmental Facility) во висина од 1,4 милиони долари и национално кофинансирање во висина од 5,9 милиони долари обезбедени од националните институции, МБПР и корисничките партнер - компании.

Директорот на РЕЦ Македонија, Катарина Георгиевска во поздравниот говор на отворањето порача дека дел од целите на проектите се и зајакнување на политиките и регулаторните рамки за подобро и одржливо работење во индустријата и интегрирање на енергетската ефикасност во секојдневното бизнис работење, како и заштеда на енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови во индустрискиот сектор во Македонија.

- Проектот има иновативен пристап и вклучува голем број на чинители од јавниот и приватниот сектор и граѓанското општество. Нивната координација и синергијата со другите тековни и планирани активности што имаат за цел зголемена енергетска ефикасност во индустријата ќе биде многу важен сегмент и индикатор на успех на проектот. Верувам дека претпријатијата ќе ја препознаат оваа шанса и ќе направат се да ги искористат проектните ресурси и советите на меѓународните консултанти на најдобар можен начин, рече Георгиевска.

Таа посочи дека проектот ќе се спроведува во наредните три години со примена на најдобри практики и технологии за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на индустриските компании.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека е од голема важност што една од главните компоненти на проектот ја спроведува македонски конзорциум. Тоа, како што рече, укажува дека во земјава се создал одреден капацитет кој досега не постоеше.

- Тоа е нешто што ќе ни остане за во иднина, бидејќи проектите доаѓаат и си одат и имаат одредено значење, но локалните капацитети што ги градиме се она што реално ќе остане. Во оваа политичка ситуација која е сложена нас ни требаат проекти во кои се бавиме со реални проблеми и реално подигнување на конкурентноста. Тоа е она што реално ќе придонесе за подобрување на животот на граѓаните, порача Пешевски.

Тој посочи дека Владата дава силна поддршка на овој проект заради придонесот кон одржливиот индустриски развој и зголемената конкурентност на претпријатијата.

- Сметам дека спроведувањето на практични мерки за намалување на потрошувачката на енергија кај поголемите индустриски капацитети што се опфатени со проектот ќе имаат голем ефект на намалувањето на емисиите на стакленички гасови. Верувам дека индустриските претпријатија што ќе спроведат системи за управување со енергија континуирано ќе генерираат заштеди на енергија во текот на времетраењето на проектот, но и по неговото завршување, рече Пешевски.

Тој додаде дека со генерираните заштеди на енергија и финансиски средства индустриските капацитети ќе може да ја интензивираат својата инвестициска активност и да воведат чисти технологии со што, како што додаде, ќе се влијае на заштита на животната средина и на рационалното користење на природните ресурси.

Министерот за економија Беким Незири порача дека за Владата и за Министерството за економија подобрувањето на енергетската ефикасност во сите сектори на финалната потрошувачка претставува многу важен сегмент за економијата во земјата.

- Владата во 2010 година ја донесе Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност до 2020 година чија цел е да се постигнат енергетски заштеди во износ од девет проценти во финалната потрошувачка на енергија во резиденционалниот, комерцијалниот, индустрискиот и транспортниот центар. Истовремено како потписник на договорот за основање на Енергетската заедница, Македонија треба да постигне енергетски заштеди од најмалку девет проценти во 2018 година, рече Незири.

Тој посочи дека за реализацијата на предвидените мерки и активности до 2020 година се потребни околу 522 милиони евра, а предвидено е да се постигнат финансиски заштеди од околу 1,2 милијарди евра и намалување на емисиите на јаглен двооксид.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски истакна дека со реализацијата на овој проект се очекуваат сериозни резултати за намалување на емисиите на стакленички гасови од страна на индустријата.

- МЖСП ќе учествува во проектот и ќе работи на подобрување на управувањето со податоци за енергетска ефикасност на централно ниво, ќе помогне да се изврши проверка на потенцијалот за трансфер на технологии за намалување на ефектите на климатските промени и ќе учќетвува на обуки за зајакнување на техничкиот капацитет за развивање, спроведување и надзор врз енергетската ефикасност во индустријата и политиките за ублажување на климатските промени, рече Темелковски.

Тој посочи дека преку Програмата н ГЕФ на Македонија во последниот период и се доделни 1,5 милиони американски долари за заштите на биолошката разновидост, 2 милиони долари за борба против климатските промени и речиси 2,5 милиони долари за намалување на деградацијата на земјиштето.

Советникот за индустриски развој во УНИДО Марко Матеини порача дека 2015 ќе биде критична година на глобално ниво за темите одржлив развој и климатски промени.

- На крајот од септември ОН ќе имаа заседание во Њујорк на кое ќе се усвои развојната агенда за периодот по 2015 година и ќе се донесат целите за одржливиот развој. Во декември ќе има состанок во Париз на кој ќе се донесе нов договор за климата кој ќе биде универзален и обврзувачки за сите големи субјекти кои емитираат стакленички гасови, појасни Матеини.

Тој нагласи дека индустријата беше и продолжува да биде главен двигател за економски раст и социјален развој, како во Македонија, така и на глобално ниво.

- Затоа треба да одиме кон производствени процеси и практики кои не се штетни по животната средина и кои се свесни за фактот дека нашата планета има ограничени ресурси. УНИДО верува дека темата енергетска ефикасност е и ќе биде од суштествена важност за заштита на животната средина, зголемена продуктивност и зајакната конкурентност. Таа може да направи голема разлика во делот на продуктивноста и профитабилноста на индустриските компаниии, а во одредени случаи дури да стане одлучувачки фактор за преживување на компаниите, рече Матеини.

Порача дака партнерството и соработката меѓу клучните засегнати страни е неопходен предуслов за успех и остварување на трајно влијание.