Груевски: Народот на Македонија одлучува за нејзината иднина

На изборите на 24. април народот ќе каже кого поддржува и во кого има доверба. Нема да каже ниту некој странец, ниту некој со волшебен стап ќе ги реши нашите проблеми, истакна во своето обраќање премиерот Никола Груевски по повод 23. Октомври Денот на македонската револуционерна борба. 

Ова е ден, додаде тој, за да се потсетиме сите дека ова е наша земја и оти народот на Македонија одлучува за нејзината иднина. 

Потсети дека Македонија годинава се соочуваше со сериозна политичка криза, која се закануваше да ги закочи сите економски и евроталантски текови и оти многу работи беа кажани, а јавноста имаше можност да види се, да слуша аргументи, но и да биде, како кажа, изложена на многу шпекулации, дезинформации, полувистини...

- И покрај обидите за сервирање на спротивната теза токму преку оваа криза на конкретни примери, факти и аргументи, на конкретни феномени се покажа дека во Република Македонија секој може да каже се, да се собира, да ги истакнува своите ставови, да критикува независно што многу повеќе таа критика е на маректингшки основи и само заради критика, а многу помалку на реални аргументи и со цел да подобри и да унапреди нешто, рече Груевски.

И додека не критикуваа, потенцираше премиерот, дека нема слобода, тие самите докажаа дека има слобода.

Ова, рече Груевски, е поголема битка од она што изгледа. - Ова во Македонија е битка за Македонија. На кого тоа не му е јасно досега ова е добар ден да го нагласиме тоа. Битка многу поголема од дневните авантури на опозицијата, која свесно се става во улога на алатка, рече тој.

Оваа битка, нагласи премиерот, ќе се реши на изборите на 24-ти април.

- На тие избори народот ќе каже кого поддржува и во кого има доверба. Нема да каже ниту некој странец, ниту некој со волшебен стап ќе ги реши нашите проблеми. Ние. Ние заедно со народот. Ова е наша земја. Ова е наша татковина. Ова е Република Македонија и ние мора да истраеме и да одговориме жестоко на сите предизвици со кои се соочуваме. Тоа сакам да го порачам на овој ден, рече премиерот.

Решавањето на политичката криза со договор меѓу партиите е позитивен момент, потенцираше Груевски, а народот тоа го очекуваше од нас.

- Круцијален момент во тој политички договор е можноста граѓаните на избори да се изјаснат за политичките субјекти и тоа по долг период на размена на многу информации. Избори мора да има, заради нив, заради нас, заради вас, заради секого. На тие избори граѓаните треба во фер услови и салободоумно да решат за својата иднина, истакна Груевски.