Адеми: Загаденоста во Скопје може да се намали со посебен сообраќаен режим и филтри на поголемите капацитети

Скопје се уште дише воздух за кој упатените велат дека е опасен за здравјето на луѓето. Што вие како надлежно министерство преземате за да ја поправите ваквата слика?

Кога зборуваме за градот Скопје, мора да истакнеме дека местоположбата на Скопје е таква, значи Скопје е во котлина, и големо влијание на квалитетот на воздухот, освен другите фактори, имаат и метеоролошките и климатските услови. Знате дека во последните шест месеци во Македонија, односно во регионот, немаше дожд, исто така и климатските услови се такви да нема ветер, нема снег во овој период што е невообичаено. Меѓутоа, без разлика на тоа, ние ги следиме состојбите со воздухот, заедно со Градот Скопје. Наша надлежност е да ги инспектираме поголемите капацитети или капацитетите што имаат А-интегрирана дозвола. Тоа е наша редовна работа, но поради состојбата имаме и вонредна програма, нашите инспектори редовно ги следат и овие денови се на терен.

Министре, што покажаа таквите инспекциски контроли во индустриските објекти?

Податоците што ни доаѓаат и од инспекторите, но и од мониторинг станиците, покажуваат дека е зголемено нивото на таканаречените ПМ10 честички. Тие се помали честички, до 10 микрометри, што не се гледаат со голо око, но имаат негативно влијание и на амбиенталниот воздух, но и на здравјето на граѓаните. Нема зголемување на SO2 и на NO2 кои може да дојдат од поголемите капацитети. Меѓутоа бидејќи сме во време на сезона на греење, период кога мора да се користат разни енергенси за греење кои некогаш се и со лош квалитет, тие имаат поголемо влијание врз амбиенталниот воздух. Исто така, влијание има и сообраќајот, имаат влијание и градежните активности кои се одвиваат со поголем интензитет во последните години, со поголеми инвестиции. Меѓутоа, ние предлагавме и до Градот Скопје, да преземат мерки, кои може да бидат краткорочни и долгорочни. Краткорочните се околу сообраќајот. Градот Скопје како надлежна институција може да му предложи на МВР да има посебен сообраќај во Скопје, почести инспекциски надзори, повеќе активности на комуналниот инспекторат околу инспекциските надзори околу градилиштата во Скопје. Меѓутоа долгорочните се - да се гасифицира Скопје, да се користат енергенси со поголем квалитет, но и инсталирање на филтри на поголемите капацитети во Скопје.

Споменавте повеќе причини поради кои загадувањето е на високо ниво. Дали одредени македонски фабрики, индустриски објекти, кои што не ги почитуваат еколошките стандарди за работење ќе бидат соочени со некакви казни? Ќе се соочат ли со санкции? Што конкретно се прави во таа насока?

Мора да известам дека, според Законот за животна средина, до април 2014 година, сите капацитети во Република Македонија и таканаречени жешки жаришта мора да се усогласат со А-интегрирана дозвола, што значи да ги исполнат најдобрите стандарди. Тој рок нема да се пролонгира. Многумина од менаџерите на таквите капацитети бараа тој рок да се пролонгира и се уште се надеваат дека ќе се пролонгира, но мора да истакнам дека нема да го пролонгираме рокот и тоа од две причини – Едната е поради нивното негативно влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух, а другата е што ние како земја-кандидат за членство во ЕУ мора да ги исполниме стандардите што ги предвидува ЕУ. Ако ние случајно ги почнеме преговорите пред април 2014, ќе преговараме за секој капацитет одделно, значи нема да преговараме за сите капацитети одеднаш и може да дојдеме во ситуација да некој од тие капацитети биде затворен поради тоа што не ги исполнува еколошките стандарди. За да не дојдеме во таква ситуација, апелирам до менаџерите на тие капацитети, веќе да почнат со активности за исполнување на еколошките стандарди, зашто може да дојдеме до ситуација во април 2014, некои од тие капацитети да се затворат.

Една од главните причини, споменавте и вие, е и непланското градење. Дали вие како министер, еве од еколошки аспект, ќе инсистирате на некој начин да сопре градежната експанзија?

Со законите во Република Македонија е предвидено, за секој план што општината или некој друг сака да го имплементира или да го донесе, да подготви стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, што значи дека ние како Министерство сме на некој начин вклучени во донесувањето на Деталните урбанистички планови, но и на другите програми на општините, но и на приватниот сектор. Ние некогаш даваме и негативно мислење за некој план, но почесто даваме позитивно мислење зашто општините ги почитуваат нашите препораки. Меѓутоа има многу градежни објекти кои се градени пред да се донесат ваквите решенија во нашата регулатива. Тие се на некој начин историски градби кои ние не можеме да ги урнеме, бидејќи се дел од деталните планови. Меѓутоа, од кога е донесено ваквото решение, ве уверувам дека Министерството никогаш не дало решение да продолжи да се усвојува некој план кој е спротивен на еколошките стандарди и спротивен на интересите на граѓаните.

Факт е дека не секој од индустриските капацитети ги почитува еколошките стандарди, но колку се почитуваат тие стандарди во однос на возилата? Сведоци сме дека малтене од секој втор автомобил чади како од фабрика.

Во Македонија има стари возила, има возила кои не ги исполнуваат еко-стандардите. Ние како влада пред две години донесовме одлука да се дозволи купување возила со Еко 0 или Еко 1 стандард, но тоа правило веќе не важи, значи во Македонија може да се купуваат или увезуваат возила кои ги исполнуваат еколошките стандарди. Меѓутоа знаете дека стандардот на граѓаните е таков да не можат да ги менуваат нивните возила со подобри и најверојатно тоа има директно влијание и врз нивниот буџет, но и врз екологијата.

Кои се вашите аргументи против невладините организации со кои не се согласувате дека изградбата на хидроцентралата Бошков Мост и браната Луково Поле ќе имаат катастрофални последици врз животната средина?

Изградбата на тие капацитети е во енегретската програма на Владата на Република Македонија, но исто така е и во просторниот план на Република Македонија кој е усвоен во 2004 година од страна на Собранието на Македонија. Изградбата на тие капацитети, бидејќи е предвидено тие да бидат во рамките на границите на Националниот парк Маврово, мора да бидат според просторниот план на Националниот парк, но и според планот за управување со истиот парк. Просторниот план и планот за управување се во фаза на усвојување. Според нашата регулатива, никаде не се наведува дека е забрането во границите на Националниот парк да се градат такви капацитети. Во постапка е подготовка на студија за влијание врз животната средина, која ја подготвува инвеститорот. Во оваа фаза ние не може да се произнесеме дали ќе биде позитивно и негативно, зашто се уште не е доставена до нас. Кога ќе биде доставена, ние ќе може попрецизно да се произнесеме.

Велите дека студијата ја прави инвеститорот. Колку таа студија ќе биде релевантна, со оглед дека на инвеститорот му одговара да гради?

Не, не, значи јас кога кажав ја прави инвеститорот, според Законот, инвеститорот е должен да направи студија. Студијата мора да ја подготват стручни лица кои од Министерството за животна средина имаат лиценца за да изготват таква студија за влијание врз животната средина. На крај, ние како Министерство, со нашите експерти тука во Министерството, ја разгледуваме студијата и даваме мислење. Дали ќе биде позитивно или негативно во оваа фаза не можам да кажам.

Не мислите ли дека дислоцирањето на велешката Топилница само навидум го решава проблемот околу загадувањето, каков е вашиот став?

И за тој случај, ние во овој момент не можеме да кажеме која е локацијата и дали треба да се дислоцира, бидејќи исто така треба да се направи студија и студијата да предвиди друга алтернативна локација. Ние тогаш како Министерство, како надлежна институција за овој проблем, може да го дадеме конечниот став. Ние како Министерство се обидуваме на некој начин да ги лечиме раните, односно последиците од таквото загадување. Неколку години наназад ги праќаме децата од Велес на рехабилитација на Пелистер, но тоа не е доволно. Тесно ќе соработуваме со невладиниот сектор, општина Велес и со инвеститорот за да најдеме решение кое ќе биде во корист и на инвеститорот и на граѓаните и на државните институции во Република Македонија, бидејќи се работи за странски инвеститор, а ние не сакаме да ги избркаме странските инвеститори од Македонија. Напротив, сакаме да соработуваме со нив, да им понудиме подобри решенија. Меѓутоа, која било локација да се понуди или да се избере од инвеститорот, мора да ги исполнува најдобрите достапни техники за оваа работа.   

Со колкав буџет располага вашето Министерство и колку тие средства реално се доволни за успешно спороведување на европските закони во областа на животната средина?

Министерството за животна средина во 2011 имаше околу 293 милиони денари, а за 2012 има околу 15 отсто поголем буџет. Од нашиот буџет се финансираат пречистителните станици во Волково и во Сарај, изградба на канализациона мрежа во Гази Баба, изградба на филтер-станица во Гостивар и неколку други проекти од Проектот за инвестирање во животната средина. Меѓутоа, сметам дека буџетот на Минситерството треба од година в година да се зголемува, се со цел ние потоа полесно да аплицираме за кофинансирање од други меѓународни фондови.

Имате и план за справување со отпадот, со оглед на тоа што депониите се најчестиот извор на зарази?

Ова е во надлежност на општините, но ние како Министерство сме на располагање да им помогнеме на општините бидејќи знаеме дека тие некогаш немаат финансиски капацитети да спроведат постапки за депониите. Ние почнавме веќе со два региона. Со југоисточниот и со полошкиот регион сме во понапредна фаза, односно сме во фаза на појавување на тендерот за третата фаза, што ќе значи и определување на концесионерот за следните 30 години, што ќе менаџира со депониите во овие два региони. Два од другите региони веќе се одлучиле дека ќе одат со ИПА фондови околу подготовка на документацијата и концептот. Останатите региони чекаме да се одлучат кој концепт ќе го изберат – дали ќе одат преку конкурентниот дијалог или ќе одат преку ИПА фондови. Меѓутоа, ние немаме многу време за чекање, бидејќи ова е акутно прашање, прашање кое мора да се реши набрзина и сме на располагање на општините, односно на планските региони да им помогнеме.

извор: „Радио слободна Европа“

новинар: Марија Тумановска