Дебата за сообраќајна инфраструктура и безбедност во сообраќајот

Регистрираните 148  жртви на сообраќајни незгоди во Македонија во минатата година, што е за 13,8 проценти повеќе во однос на 2014 година, може да се намали со продолжување на инвестициите во изградба и обнова на сообраќајната инфраструктура и истовремено подигнување на свеста за одговорно однесување во сообраќајот. 

Тоа беше истакнато на отворањето на денешната конференција „Унапредувањето на сообраќајната инфраструктура-фактор за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека Владата презема голем број мерки, насочени, пред се, кон подобрување на патната инфраструктура. - Во тек е изградба на 132 автопатски делници со вкупна вредност од околу 800 милиони евра, а воедно се градат односно обновуваат 175 километри експресни, магистрални и регионални патишта. Годинава ќе почнеме со градба и обнова на 40 километри автопатски делници и над 220 километри на пет нови експресни патишта, шест магистрални и регионални за кои ќе бидат инвестирани 430 милиони евра, рече Пешевски.

Значајно, укажа, е и подобрувањето на законските решенија, како што е најновата мерка за намалување на брзината на движење во населени места на  50 километри, но најважно е подигнувањето  на свеста. - Само тогаш кога секој учесник  во сообраќајот е свесен за последиците кои  може да настанат од неодговорно однесување и возење бидејќи неприлагодената брзина е фактор број еден во сообраќајни незгоди, ќе забележиме позначително намалување на бројот на сообраќајки, изјави вицепремиерот Пешевски.

Анастасија Илиеска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи (МВР), потенцира дека и покрај заложбите и големиот број спроведени кампањи со РСБСП за подигнување на сообраќајната култура, загрижува фактот што заклучно со минатата година МВР евидентирале 3.854 сообраќајни незгоди со потешки последици, што е еднакво на нивото од  2014-та  односно  се бележи зголемување за една сообраќајна незгода со потешки последици.  Постои, како што информира, извесно намалување  во делот на незгодите со тешки телесни повреди за 2015 година, кој изнесува 839 лица, а во 2014 година  биле 898, што е намалување од 6,6 проценти. Кај бројот на лица со лесни телесни повреди  се бележи намалување за 1,6 проценти, во 2015 година 5.074, а во 2014 година таа бројка изнесувала 5.158.

- Поразителен е фактот што во тие сообраќајни незгоди во 2015 година животот го загубиле  148 лица  или за 13.8%  повеќе од 2014  година кога таа бројка изнесуваше 130 загинати лица. Животот не е статистичка категорија, туку нешто бесценето, затоа велам дека безбедноста во сообраќајот треба и мора да се третира не само како стручна, туку и како сериозна општествена проблематика, рече Илиеска, најавувајќи дека МВР ќе реализира голем број превентивни, едукативни и репресивни мерки со цел унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Според Александар Стојановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, добрата патна инфраструктура е еден од предусловите за поголема безбедност во сообраќајот. Со тековната изградба на трите автопати, нагласи, ќе се зголеми за 50 проценти автопатската мрежа во државата.

- За ЈП за државни патишта императив се активностите поврзани со модернизација на патната инфраструктура, изградбата на нови патишта, но и преку рехабилитација и реконструкција на постојните, рече Стојановски, истакнувајќи ја важноста за безбедноста во сообраќајот на спроведените проекти од претпријатието за осветлување и поставување хоризонтална и вертикална сигнализација.

Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП, нагласи дека подобрувањето на патната инфраструктура и сообраќајната сигнализација  директно придонесува за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, а со тоа и за  намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни несреќи. 

 - Инвестициите и вложувањата во патната инфраструктура кои што ги прави Владата односно вложувањата во новите автопати, експресни, регионални и локални патишта кои во изминативе години се особено изразени, претставуваат конкретна и практична имплементација на Втората Национална стратегија и директно придонесуваат за остварување на нејзините главни цели како што се: намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди на ниво на земјите членки на ЕУ, односно пет жртви на 100 илјади жители,  намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30 проценти, бројот на сериозно повредени лица  да се намали за 40 проценти, а бројот на деца, жртви во сообраќајот да се сведе на нула, рече Стаменковски.