Мисајловски: Реконструирани над 40 канализациски водоводни системи, во Илинден нова пречистителна станица
Во општина Илинден денеска е пуштена во употреба фекална канализација со пречистителна станица со капацитет за приклучување на 330 домаќинства односно за 1.250 жители и канализациски систем во должина од 3.500 метри. Вкупната вредност на проектот изнесува 30 милиони денари од буџетот на Општина Илинден.
На настанот, на кој меѓу другите присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, се обрати министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој истакна дека Владата уште на самиот почеток ја препозна потребата за вложување во изградба на канализациски и водоводни системи, бидејќи тие не се само потреба, туку и основен предуслов за квалитет на живеење.
- Досега ниту една Влада не посветила толку внимание за изградба на канализациска и водоводна мрежа како што го прави оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Никола Груевски. Непостоењето на канализација и водовод покажува колку претходните влади не воделе грижа за луѓето на кои тоа им е потребно, рече Мисајловски.
Тој додаде дека затоа како Влада одлучиле да започнат проект преку Европската инвестициска банка за изградба на канализации и водоводи насекаде каде граѓаните имаат потреба од тоа.
- Досега преку Министерството за транспорт и врски во соработка со Министерството за финансии и општините изградени или реконструирани се преку 40 канализациски водоводни системи, а во општина Илинден преку овој проект се изгради систем за третман на отпадни води во населеното место Кадино, инвестиција вредна 150 илјади евра, рече Мисајловски.
Градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски истакна дека пречистителната станица која денеска се пушта во употреба претставува трета по ред изградена во општината, а ќе се користи како модул за решавање на проблемот со прочистување на отпадни води на ниво на целата општина.
Во разговор со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тој информира дека на овој начин за неколку години целосно ќе биде решен проблемот со прифаќање третман на отпадни води, како и фекалната канализација.
Инаку тој појасни дека во фаза на градба е и системот за канализација и третман на отпадни води за населеното место Марино којшто треба да биде пуштен во употреба до крајот на оваа година, а со тоа ќе бидат надминати проблемите за половината жители на општината.
Груевски покажа интерес и за мини сончева електрана, приватна инвестиција која е отворена во општина Илинден во непосредна близина на пречистителната станица.
Според инвеститорот, објектот е изграден со користење на привилегиите што ги воведе Владата во областа на инвестирање за користење во обновливи извори на енергија.