Учество на министерот Попоски на Минхенската безбедносна конференција
Министерот за надворешни работи, Никола Попоски го придружуваше Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 52-та Минхенска безбедносна конференција, која се одржа во периодот од 12 до 14 февруари 2016 година. На Конференцијата учествуваа голем број на шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, министри за одбрана, високи претставници на меѓународните организации и експерти кои расправаа за актуелните безбедносни состојби и предизвици.
Во рамки на конференцијата, министерот Попоски оствари бројни средби со неговите колеги и истакнати дипломати од Европа и светот. Тој истакна дека на средбите најголемо внимание посветиле на два аспекта кои можеби биле потценети во изминатиов период, а се од исклучително значење во делот на справување со овие предизвици.
„Едниот аспект е регионалната соработка. Тоа што може да се случи со еднострано преземање акции од определени земји кои се наоѓаат на оваа рута сигурно ќе има многу негативни консеквенци врз односите помеѓу земјите кои се соседи на оваа рута“, нагласи Попоски.
„Наш интерес е, преку отворена комуникација секој да може да си ги презема мерките во својот двор. Потребна ни е една целокупна акција од сите земји кои се наоѓаат на оваа рута, но од друга страна, никој да не се труди да направи акции кои ќе бидат на штета на својот сосед“, подвлече министерот Попоски.
Вториот аспект за кој разговарале е важноста во услови на ваква сериозна безбедносна и миграциска криза да не се нарушува стабилноста во ниту една од земјите кои се наоѓаат на оваа рута.
„Да не дозволиме внатрешната политика да може да ги наруши позициите на било која држава во поглед на справување со ова многу големо прашање кое е од глобални размери. Од тој аспект е битно да успееме да обезбедиме внатрешна стабилност и да не дозволиме било какви конфронтации на внатрешен план да ни ги нарушат позициите во услови во кои се соочуваме со закни од глобална важност и кои имаат многу голема тежина за тоа што ќе се случува во 2016 година“, нагласи министерот Попоски.
Извор: Министерство за надворешни работи