Кинеска донација во информатичка опрема за средните училишта во Град Скопје

Владата на Народна Република Кина, преку телекомуникацискиот гигант „Хуавеи“ ќе донира опрема во износ од седум милиони евра за средните училишта во Град Скопје.За оваа донација, денеска беше потпишан меморандум во летонската престолнина, каде македонската Влада ја претставуваше премиерот за спроведување на избори Емил Димитриев.

Како дел од активностите на маргините на Самитот на земјите од Средна и Источна Европа со НР Кина во Рига, премиерот Димитриев и владината делегација, денеска остварија средба со менаџерскиот тим на кинеската компанија „Хуавеи“ за Средна и Источна Европа и за Скандинавија, со оглед на тоа што компанијата „Хуавеи“ е реализатор на донациите на кинеската Влада од областа на информатичко-комуникациските технологии за овие земји.

На средбата со менаџерскиот тим на кинескиот телекомуникациски гигант, беше разговарано за соработката меѓу Република Макеоднија и НР Кина во делот на ИКТ-технологиите, како и за соработката на нашата земја со кинеската компанија „Хуавеи“. Беше разговарано и за опциите и можностите за продлабочување на соработката во областа на образованието, трговијата и за технолошкиот концепт на „паметни градови“ и други сфери на соработка од областа на технолошкиот развој.

Меморандумот за соработка обезбедува донација во информатичко-комуникациска опрема, инфраструктура и технологија во вредност од седум милиони евра, која донација ќе биде распоредена во средните училишта во Град Скопје. Инаку, оваа донација е прва фаза од соработката во областа на образованието меѓу Македонија и НР Кина, а во следниот период ќе продолжат контактите меѓу двете страни за разгледување на можностите за обезбедување на донација во информатичка технологија и опрема и за училиштата во останатите градови во Република Македонија.

- Започнуваме со еден проект за опремување со компјутери на средните училишта во Скопје. Проектот е во висина од седум милиони евра, но отворивме добри можности за дополнително проширување на самиот проект. Исто така, разговаравме за можностите за соработка и во други области, бидејќи оваа компанија по својот квалитет, од аспект на технлогија што поседува, е навистина светски бренд. Разговаравме за разни можности и од она што можев да го слушнам е дека намерите на „Хуавеи“ се многу пошироки од она што сега го договоривме за образованието. Како Влада, кажавме дека стоиме на располагање и даваме целосна поддршка за намерите за нивно проширување на бизнисот во Македонија. Кажавме за успесите на Македонија во делот на привлекување на инвестициите, што беше посебно поздравено од нивна страна, изјави премиерот Димитриев по денешното потпишување на меморандумот.

Покрај за можностите за соработка во образованието и други сектори, на средбата се разговараше и за можностите за инвестирање на „Хуавеи“ во Република Македонија, при што претседателот на Владата им ги претстави поволностите што ги обезбедува нашата земја за странските инвеститори, како што е најповолниот даночен пакет во Еворпа, потпишаните договори за слободна трговија за сите земји од европскиот континент, предностите на технолошко-индустриските развојни зони и едуцираната работна сила.

Димитриев истакна дека најдобра потврда за квалитетот на владините економски политики и создавањето на добра бизнис-клима е најновиот извештај на Светската банка, „Дуинг бизнис“ за 2017 година, на кој Македонија е позиционирана на високото десетто место во светот и петто место во Европа, според условите за водење бизнис. Токму тој податок е атрактивен за кинеските партнери да продолжат со економската соработка, што го потврди и Давид Танг, претседател на „Хуавеи“ за Централна и Источна Еворпа и Скандинавија.

- Чест ми е што имаме успешна соработка со македонската Влада. Ова е прв чекор што значи поддршка во делот на образованието. Верувам дека во иднина ќе продолжуваме да соработуваме и да даваме поддршка и во други области, како што се развојот на електронската трговија (Е-комерц) и технолошкиот концепт на „паметни градови“, истакна Танг.

Во име на Република Македонија, овој меморандум официјално го потпиша Сафет Незири, советник во Министерството за образование и наука, а во име на „Хуавеи“, пак, својот потпис го стави Гуан Јан, потпретседател за Средна и Источна Европа и Скандинавија на кинеската компанија.

Инаку, премиерот Емил Димитриев и владина делегација, претстојуваат во тридневна работна посета на Рига, каде централен настан е утрешниот Петти состанок на шефови на влади на земјите од средна и источна Европа и НР Кина.